Да се биде или не: ПАПУЧАР?

Познавам 4 типа мажи. Во првиот спаѓаат балканските алфа мажјаци кои секогаш нагласуваат кој е мажот во куќата и се разбира, за да ја докажат својата „машкост“, никогаш не пофаќаат ништо по дома. Најчесто тие се со големина на минијатурен сувенир во друштво на вистински мажи, оние кои вистински успеале во животот и кои не чувствуваат потреба да ги омаловажуваат жените за да се истакнат себеси.

Потоа, една голема група мажи, кои пред друштво ја играат улогата на вистински маж, а дома пред жените се бубачки. Јас тоа го викам синдром Тошо Малерот. „Еве батка, рецимо, ја коа зимам да пеглам, не смее да ми писне…. Абе ја неа сум ѝ рекол сто пути, ти се мешам ја тебе коа гледаш спортски преглед? Не! Она мене…“Да се биде или не ПАПУЧАРПотоа, доаѓаат на ред оние кои од своето его направиле тепих. Кои буквално се однесуваат како без`рбетници, кои се одделуваат од друштвото штом фатат девојка, мора да бидат секогаш и сегде каде таа ќе им каже и не одлучуваат за ништо. Јавно ѝ признаваат дека имаат намера да се убијат ако ги остави.

И секако, тука се и добро воспитаните момци и мажи, кои ги почитуваат девојките и жените, и замислете, НЕКОГАШ ДУРИ ИМ ПОМАГААТ НИЗ ДОМА! Или како што се наречени, ПАПУЧАРИ.

Малограѓанштината, и секако, влијанието на балканското воспитување, ги тера мажите да покажуваат јавно кој е газда дома или што би се рекло, да се знае кој носи панталони, (чисто информативно и жените носат, така што не ја разбирам поентата). Дали кај мажите кои се во долга врска или брак значително опаѓа нивото на тестостерон? Дали си помалку маж ако покажеш почит кон жена?

Видете вака, кога ќе видам маж кој ѝ помага на жената во домашните обврски, не го гледам како „помалку маж“ туку напротив. Тој има многу поголема машкост од сите балкански алфа мажјаци помножени по сто.

Во денешно време, кога еманципираната жена треба да работи, чува деца и чисти по дома, нема место за пердашење и покажување на машкост. Туку има помагање, почит и разбирање. А сите дами кои се патријархално воспитувани и бараат маж кој знае да викне, и кој ќе ѝ го покаже патот кон кујната, нека им е на помош оној Господ во кој веруваат.

Нема покажување на машкост или истакнување на оној кој е глава на куќата. Ни мажите не смее да се однесуваат како лигуши. Нема зошто да трчаат по жената како кутре и да го изгубат сопственото јас по пат. Ти не влегуваш во врска или брак за да си лечиш комплекси. Туку за да споделиш љубов, почит, разбирање. Нема главен и потчинет, барем ако сакаш да оформиш здрав однос во иднина. Има огромна разлика меѓу маж – лигле, и маж на кој му е додаден епитетот „папучар“.

Папучар не постои во речник. Можеби е измислен од оние „мажишта“ кои му завидуваат на другарот кој покрај себе има убава и паметна девојка. Па ќе му купат папучи за роденден, и што? Би убиле да се на негово место.

Јас да бев маж, со задоволство ќе кажував дека ја слушам и почитувам девојката и дека ѝ помагам по дома. Да бе, папучар сум и што? Па ставете прст на чело. Таканаречениот папучар, има здрава врска со љубов и разбирање, и секогаш кога неговата девојка ќе го спореди со неговите другари „мажишта“, верувајте, тој е соодветно награден.

Ели

 



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар