Чевлите и опасностите: Обувки кои треба да ги избегнувате

Тесните обувки со погрешен број, балетанките со рамни потпетици како и високите штикли со крути платформи можат да имаат негативно влијание на вашите стапала. Плускавците, задебелувањето кое се појавува на петите (курје око), внатрешните нокти и повредените глуждови се само дел од болните последици предизвикани од обувките кои толку многу ги сакате, но кои вашите стапала не ги поднесуваат.

Чевлите и опасноста: Обувки кои треба да ги избегнувате

И покрај тоа што се сметаат за поздрава алтернатива на високите потпетици, лесните балетанки можат да предизвикаат болно курје око и внатрешно растење на ноктите. Според некои ортопеди, тие со тек на време можат да предизвикаат и спуштање на лакот на стапалото. Токму тоа може да доведе до притисок врз палците и превиткување на ноктите кон внатрешноста на кожата.

Освен балетанките, внатрешни нокти можат да предизвикаат и тесните „шпиц“ чевли, особено ако се на високи потпетици. Истиот ефект го имаат и сите оние чевли кои во предниот дел се многу тесни и неудобни, а со тоа предизвикуваат пукање на кожата, воспаление и инфекции. Најчесто станува збор за габични инфекции кои се развиваат во топла и влажна област, па токму затоа им годи потењето настанато од обувки низ кои кожата на стапалата не може слободно да дише.

Освен внатрешните нокти, балетанките, апостолките и старите патики можат да придонесат за спуштање на лакот на стапалото, резултирајќи со оштетување на лигаментите предизвикано од нивното истегнување. Балетанките не овозможуваат добра поддршка на зглобовите и затоа како последица можат да предизвикаат проблеми со колената, колковите и грбот. Токму затоа се препорачува носење ортопедски влошки кои служат како поддршка за стапалата.

Без разлика дали станува збор за многу високи потпетици или пак за штикли со средна големина, салонките многу често се виновни за појавата на болни јазли во страничниот дел од петите. Тие можат да предизвикаат болка во Ахиловата тетива, а крутиот материјал од кој се составени често е виновен за плускавци, отекувања и израстоци. Со цел да го избегнете изложувањето на вашите стапала на неприроден начин како и да го намалите стресот врз предниот дел кој води до воспаленија, преминете на модели кои имаат потпетица пониска од 5 сантиметри. Но, иако во оваа положба стапалото се движи скоро природно, сепак ортопедите не препорачуваат нивно секојдневно носење.

Важна улога има и дебелината на потпетиците. Тенките и високи штикли се дефинитивно најлошата опција за стапалото бидејќи во нив целата тежина е насочена кон многу мала површина, поради која во одењето не сте стабилни и постои зголемен ризик од паѓање или превиткување на зглобот.

Одбирање обувки соодветни на вашето стапало

Намокрете го вашето стапало и застанете на хартија со цел да го видите отпечатокот. Ако можете да забележите празнина околу лакот, тогаш имате нормално стапало. Доколку можете да го забележите исцртано целото стапало, тоа значи дека вашиот лак е спуштен, додека ако гледате само тенка линија од страна, вашиот лак е високо подигнат. Овие информации можат многу да ви помогнат при одбирањето нови чевли. Па, ако стапалото е нормално, секоја удобна обувка би ви одговарала. Но, ако имате спуштен или подигнат лак вие сте посклони на воспаление на ткивата кое води кон болки во петите. Токму затоа одбирајте обувки со ниски потпетици, меко дно и влошки со перничиња на кои можете да го потпрете вашиот табан.

Доколку имате здрави стапала вам нема да ви сметаат ниту балетанките ниту високите потпетици, секако, доколку ги носите умерено. За жените кои имаат скратени мускулни листови, носењето балетанки може да биде вистинска мака, но тие би се чувствувале многу подобро со високи потпетици. Доколку имате спуштен преден лак и склоност кон стискање на нервите помеѓу тарзалните коски, избегнувајте високи потпетици и тврди ѓонови. Доколку имате каква било деформација на стапалата, не одбирајте чевли без претходна консултација со вашиот ортопед со цел трајно да го решите проблемот со помош на соодветните обувки.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар