Брза, вкусна и здрава безглутенска храна

Брза, вкусна и здрава безглутенска храна

Овие рецепти ќе им се допаднат на сите, без разлика дали имате проблем со глутенот или не. Тие не само што се здрави, туку се брзи за подготовка и многу вкусни. Пријатен апетит.

Солени кекси со сусам

(1) Брза, вкусна и здрава безглутенска храна

Потребни состојки:
  • 50 грама ленено семе
  • 50 грама сусам
  • 50 грама брашно од семки од тиква
  • 50 грама сончоглед
  • 30 грама путер
  • 2 јајца
  • Малку ким
  • Прстофат сол
Начин на подготовка:

Изматете ги јајцата со путерот и малку сол. Потоа со лажичка, полека измешајте ги сите останати состојки. Во калап за готвење поставете хартија за печење и сипете ја смесата во неа. Нанесете ја по целата површина, притоа внимавајќи да е со дебелина од барем 5 милиметри. Печете во рерна околу 15 минути. Откако ќе се испече, исечкајте кекси во форма на штангли или стапчиња.

Месни перничиња

(2) Брза, вкусна и здрава безглутенска храна

Потребни состојки:
За тестото:
  • 400 грама безглутенско брашно
  • 4 јајца
  • Прстофат сол
За филот:
  • 250 грама мелено месо
  • 2 главици кромид
  • 1 лажица безглутенска презла
  • Прстофат сол
  • Прстофат бибер
  • Неколку морски оревчиња
  • Магдонос
Начин на подготовка:

Замесете го тестото, покријте го со крпа и оставете го да одмори додека го подготвувате филот. Испржете ги кромидот и месото, посипете ја смесата со бибер и сол, па потоа додајте ги морските оревчиња, магдоносот и презлата. Добро промешајте. Тестото поделете го на два дела, а потоа првиот дел развлечете го низ целиот калап за готвење. Врз него ставајте по една лажичка од филот, на еднакво растојание од 5 до 8 сантиметри, а во празниот простор премачкајте со белка од јајце и потоа прекријте го со другиот дел од тестото. Притиснете го делот каде што нема фил и исечете по тие линии со цел да добиете повеќе коцкасти форми. Ставете ги перничињата во зовриена солена вода и варете ги сè додека не излезат на површина. Потоа подредете ги во длабок сад, прелијте ги со павлака за готвење и запечете ги во рерна.

Крокети со боранија и сусам

(3) Брза, вкусна и здрава безглутенска храна

Потребни состојки:
  • 250 грама зелена боранија
  • 4 помали компири
  • 1 лажичка свежа мајчина душичка
  • 1 лажичка изрендана кора од лимон
  • Сусам
  • Прстофат сол
  • Маслиново масло
Начин на подготовка:

Добро измијте ги компирите и ставете ги да се варат сосе кората. Откако ќе се сварат, оставете ги да се оладат, па олупете ги и пасирајте ги. Исчистете ја боранијата, измијте ја и пржете ја барем 10-тина минути, а потоа исечкајте ја на ситни парчиња, ставете ја во сад со две лажички маслиново масло и мајчина душичка и пржете ја неколку минути. Измешајте ја оладената боранија со компирот, додајте ја ситно изренданата кора од лимон и посолете по ваш вкус. Од оваа смеса ќе добиете 12 крокети, кои откако ќе ги обликувате ставете ги во сусам (можете по желба прво да го испржите сусамот на суво). Наредете ги подготвените крокети во калап обложен со хартија за печење, премачкајте ги со многу малку маслиново масло и печете 15-тина минути во рерна која претходно била загреана на 180 степени, а потоа свртете ги на другата страна и печете сè додека не добијат рамномерна боја.

Похувани печурки

(4) Брза, вкусна и здрава безглутенска храна

Потребни состојки:
  • ½ килограм печурки
  • 3 јајца
  • 120 милилитри млеко
  • 120 грама пченкарно брашно
  • 1 лажичка сол
  • Мешавина од суви зачини
Начин на подготовка:

Измијте ги печурките и по желба исечкајте ги на листови. Изматете ги јајцето, млекото, пченкарното брашно, солта и зачините. Откако ќе завршите, полека додавајте ги печурките во оваа смеса и пржете ги на врело масло. По пржењето ставете ги врз хартија за да се впие вишокот масло. Служете ги топли или ладни, покрај салата и сос од кисели краставички.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар