Бонтонот не е само нешто од минатото: Правилно однесување на вистинските дами и господа

Бонтонот не е само нешто од минатото: Правилно однесување на вистинските дами и господа

Дали знаевте дека при запознавање жената секогаш прва ја испружува раката кон мажот? Исто така, постарата личност секогаш ѝ ја нуди раката на помладата – ако е обратно, тоа е знак на непочитување. Доколку шетате со некого и тој/таа застане да се поздрави со некој, и вие треба да се поздравите, без разлика што не го познавате.

0-bontonot-ne-eneshto-od-minatoto-pravilno-odnesuvanje-na-vistinskite-dami-i-gospoda-kafepauza.mk

Во ресторан, помладите личности стануваат кога ќе им пријде постара личност. Жената станува само ако е млада, а кон масата се приближува некој кој е постар или по години или по положба. Општо правило е дека кога некој влегува во соба каде што има луѓе, таа личност ги поздравува сите, без разлика на полот и годините. Исто така, дамата никогаш не ги држи лактите на маса.

Млада личност која има висока положба не треба да очекува сите први да ја поздрават. Возраста сепак има предност. Кога станува збор за разговор помеѓу луѓето, вистинската дама никогаш нема да упадне во збор – ќе причека да се заврши излагањето, а потоа ќе го искаже своето мислење и притоа ќе внимава да не го навреди туѓиот став.

Исто така, на комплимент одговара со „Благодарам“. Ако на реченицата „Прекрасно изгледате“ возвратите со „знам“, оставате впечаток на препотентна, суетна личност со превисоко мислење за себе.

Кога ќе згрешите, извинете се – тоа е одлика на добро воспитување, без разлика дали станува збор за маж или жена. Што се однесува до доаѓањето на состаноци, секогаш пристигнувајте навреме и исполнувајте ги своите обврски во предвидениот рок – не само што ќе добиете пофалби, туку така и ќе го испочитувате и своето и туѓото време.

Смислата за хумор е добредојдена особина, но вистинската дама никого не исмејува – шегувајте се исклучиво на своја сметка! Кога станува збор за изгледот, секогаш облекувајте се во склад со приликата. Дискретната и ненападна шминка е одраз на вистинска жена со префинет стил.

Се подразбира дека кога зевате, кашлате или кивате задолжително мора да ставите рака на уста, а оние кои добро го познаваат, знаат дека бонтонот забранува да кажете „на здравје“. На тој начин само го привлекувате вниманието кон личноста која кивнала и правите таа да се чувствува непријатно.

Поздравете го соседот кој живее во вашата зграда. Љубезноста и насмевката ќе ви го разубават денот и вам и него. Персирајте им на постарите личности (користете „вие“ наместо „ти“), освен ако инсистираат да не го правите тоа, а секогаш кога ќе влезете во затворена просторија симнете го шеширот или капата.

Што се однесува до информациите поврзани со бившиот партнер, некогашната пријателка или поранешната фирма – сето она што е негативно држете го во себе. Во спротивно ќе испадне дека оговарате и дека не знаете да чувате тајни, а и ќе ги натерате луѓето да се запрашаат каква личност сте штом сте биле во такво опкружување.

Дамата никогаш не го фрла ѓубрето на улица – таа ги чува отпадоците во чантата, додека не најде канта. Кога зборуваме за комуникација преку пораки, никогаш не користете големи букви – тоа се смета за непристојно затоа што наликува на викање. И најважното правило кое се однесува и на дамите и на господата – почитувајте и ќе бидете почитувани!

Ова се основните правила на доброто однесување…

Запознавање и претставување

  • Мажот прв ѝ се претставува на жената.
  • Помладата жена треба да ѝ се претстави на постарата.
  • Помладата жена треба да му се претстави на постариот маж.
  • Помладата личност треба да ѝ се претстави на постарата.
  • Домаќинот меѓусебно ги запознава гостите.
  • Брачниот пар треба да се претстави заедно.
  • При претставување парови, кажете ги само нивните имиња и презимиња.
  • Кога се претставувате, кажете го своето име и презиме. Без титули.
  • При запознавање, насмевнете се и погледнете го соговорникот во очи.
  • Мажите при запознавање треба да стануваат.
  • Жените при запознавање не треба да стануваат.
  • Не го прекинувајте разговорот помеѓу две личности за да претставите некого.

Поздравување

  • Мажот секогаш прв ја поздравува жената.
  • Помладата личност секогаш поздравува прва.
  • При влез во работна просторија, странката треба прва да поздрави.
  • Продавачот секогаш прв го поздравува купувачот.
  • Во црква се поздравува само за време на венчавка.

Ракување

  • Жената прва ја испружува раката кон мажот.
  • Постарите секогаш први испружуваат рака кон помладите.
  • При ракување, секогаш треба да ја испружите десната рака.
  • Ракувајте се кратко.
  • Ракувањето е задолжително при честитање и изразување сочувство.

Ословување

  • На секоја личност и се обраќате со „вие“ без разлика на староста и полот.
  • Постарите и жените предложуваат преминување на „ти“.
  • При ословување госпоѓа или господин може да се додаде и титулата.
  • Личноста се ословува на име, само ако тоа е нејзин предлог.

Формално бакнување

  • Бакнежот се дава на образ, не во уста.
  • Иницијативата за бакнежот секогаш ја дава жената.
  • На јавни места жените не се бакнуваат помеѓу себе.
  • Започнете го бакнежот од својата лева страна.

Разговарање

  • Настојувајте да зборувате за себеси што е можно помалку.
  • Во разговорот „јас“ никогаш не е на прво место.
  • Разговорот не е монолог.
  • Семејните проблеми не се препорачлива тема на разговор.
  • Кога зборувате за присутните, секогаш користете го нивното име, а не заменки.
  • Не е културно да го држите соговорникот за рака за време на разговорот.
  • Несложувањето треба да се изрази воздржано.
  • Избегнувајте да покажувате со прст.
  • Кога зборувате со повеќе луѓе, наизменично гледајте ги во очи.

Седење

  • Седнете само доколку тоа ви е понудено.
  • Понудете им место на оние на кои тоа им е најпотребно.
  • Мажот треба да ѝ помогне на жената да седне.
  • Не е културно да се потпирате на туѓ стол.

Влегување и излегување

  • При влегување, жените имаат предност.
  • Во угостителски објекти први влегуваат мажите.
  • Низ подвижна врата први влегуваат мажите.
  • Придржете им ја вратата на оние кои доаѓаат по вас.
  • Ако вратата се отвора кон вас, отворете ја и пуштете ги другите први.
  • Во работни згради во лифт се влегува по редот на доаѓање.
  • При разминување предност секогаш имаат оние кои излегуваат.
  • Секогаш е добро да чукнете и да почекате знак за влегување.

Театар, концерт, кино

  • Ако сте повикани, не смеете да доцните.
  • Ако задоцните во театар, почекајте ја првата пауза.
  • Кога вие ги имате картите, вие го водите друштвото до седиштата.
  • Секогаш први влегуваат мажите.
  • Жените први седнуваат.
  • На надворешните седишта секогаш седат мажите.
  • За облеката задолжен е мажот.

На улица

  • Мажот оди помеѓу две жени, а жената помеѓу двајца мажи.
  • Жената оди од десната страна на мажот.
  • Жената треба да го фати мажот под рака, а не мажот жената.
  • Чантите или торбите треба да бидат од надворешната страна.
  • Непристојно е да се движите и да јадете.
  • При разминување треба да скршнете на десно.

Посетување

  • Никогаш не доаѓајте ненајавено.
  • Не договарајте посета за време на ручек или вечера.
  • Во посета носете ги само луѓето кои претходно биле најавени.
  • Не носете домашни миленици.
  • Кога ќе ви стигнат гости, престанете со сѐ што сте правеле.
  • Пристојно е да ѝ подарите букет на домаќинката.
  • Пред да ѝ се предаде букетот на домаќинката, треба да се тргне хартијата.
  • Пијалакот донесен за домаќинот не мора да се отвори.
  • Учтиво е задоцнетите гости да се почекаат 15 минути.
  • Знакот за завршување на посетата го дава посетителот.
  • Културно е да ги испратите гостите до врата.
  • Културно е да ја возвратите посетата.

На маса

  • Домаќинката секогаш прва започнува со јадење и дава знак за станување.
  • Приборот се поставува според редоследот на употреба.
  • Храната пристигнува на масата непосредно пред јадење.
  • Храната секогаш се служи од левата страна.
  • Никогаш не ги потпирајте лактите на масата.
  • Помеѓу оброците рацете држете ги или во скут или на маса.
  • Крпата секогаш стои во скут, а не околу вратот.
  • Секогаш одвојувајте ги паровите на масата.
  • Избегнувајте да служите премногу ладни пијалаци.
  • За време на јадењето, учтиво е да разговарате со луѓето кои седат до вас.
  • Не е во ред да јадете за време на здравица.
  • Ако не пиете алкохол, во ред е да наздравите и со вода.
  • На свечена вечера не се послужува кафе на масата.
  • Не останувајте последна личност на масата која јаде и пие.
  • Ако сте добиле покана за вечера треба да однесете пригоден подарок.
  • Чистењето е обврска на домаќинот.
  • Културно е да се заблагодарите на гостопримството.

Во ресторан

  • Секогаш резервирајте маса ако носите друштво.
  • Во ресторан секогаш прв влегува мажот.
  • Од ресторанот секогаш прва излегува жената.
  • Мажите ги поздравуваат жените потстанувајќи само до половина.
  • На масата, мажот седи или спроти жената или од нејзината лева страна.
  • Келнерот го повикува мажот.
  • Жената започнува да јаде прва.
  • Не почнувајте со јадење барем додека не се послужени две личности .
  • Ако вашето јадење доцни, другите можат да почнат со јадење.
  • Културно е мажот да ја плати сметката.

Јадење различни јадења

  • Чинијата секогаш треба да биде повлечена од вас, никогаш не кон себе.
  • Лебот се јаде така што се кине дел по дел.
  • Јаболката или праските се лупат со нож.
  • Тестенините не се сечат со нож.

Бизнис бонтон

  • Личноста од понизок ранг секогаш се претставува на онаа со повисок.
  • Без разлика на рангот, сите се претставуваат на купувачот или клиентот.
  • Личноста со највисок ранг треба да биде претставена прва.
  • Ракувајте се и на пристигнување и на заминување.
  • На бизнис состанок не доцнете повеќе од 5 минути.
  • На бизнис состанок не е културно да пристигнете прерано.
  • Треба да станете кога посетител влегува во вашата канцеларија.
  • Вие го завршувате разговорот во вашата канцеларија.

Бизнис оброк

  • Вечерата не е добро време за бизнис разговор.
  • Разговорот за работата започнете го по аперитивот или предјадењето.
  • Купувачот или клиентот никогаш не плаќа за бизнис оброк.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Живее за добра книга и дише преку пишаниот збор. Кога би можела, цел живот би патувала, би читала и би гледала филмови. Вљубеник во фотографијата и класиката. Оптимист и поборник за љубов. Модата е нејзиниот начин да го изрази своето мислење и став. Животот за неа е уметност, филозофија и добра храна.

Поврзани содржини

Остави коментар