9 типови однесување поради кои луѓето ве избегнуваат

9 типови однесување поради кои луѓето ве избегнуваат

Никој не е совршен. Сите сме со свои предности и недостатоци и соодветно сме опколени со личности чии карактерни особини во поголемиот дел се согласуваат со нашите. Но дали некогаш сте забележале дека некои луѓе, колку и вам да ви се допаѓа нивното друштво, сепак ве избегнуваат? Сигурно сте се запрашале зошто е тоа така, а ретко кој ја бара причината за тоа кај себе. Иако не мора да значи дека кривицата е целосно ваша, што значи дека можеби не сте направиле нешто погрешно, сепак е можно токму некоја ваша реакција да предизвикала одбивност кај нив. Во глобала, може да се каже дека постојат неколку типови однесување кои предизвикуваат луѓето сѐ почесто да избегнуваат да бидат во ваша околина.

(1)-9-tipovi-na-odnesuvanje-poradi-koi-lugjeto-ve-izbegnuvaat-kafepazua.mk

1. Се обидувате да доминирате во секоја ситуација

Дали е тоа кафе муабет или завршување на некоја работа, доколку се обидувате во сѐ да бидете први и секогаш најгласни, тогаш со сигурност ќе ги оттргнете луѓето од себе. Сѐ поретко ќе ве бараат за кафе и никогаш доброволно нема повторно да работат со вас. Никој не сака кога се наоѓа во круг на луѓе каде не може да дојде до збор и да го искаже својот став. Доколку се пронаоѓате тука, би било убаво доколку следниот пат кога ќе се најдете во друштвена или работна група, им дадете предност на останатите и за промена слушнете што тие имаат да кажат.

2. Судите дури и кога не ги знаете сите факти

Едно е да давате совети, но сосема друго е кога осудувате некого за нешто. Дали навистина може да кажете дека сте подобри од него? Секој направил, прави или барем еднаш во животот ќе направи нешто поради кое ќе жали подоцна, но во ниту еден случај вие немате право да го осудите. Тоа право е уште помало кога едноставно станува збор за работа која вие би ја направиле поинаку. А да не зборуваме за ситуација за која не ги ни знаете сите факти. Секој си живее со последиците од своите дела, добри или лоши, но вие не сте тие што треба да судат. Следниот пат бидете пријател и пружете ја поддршката која вие би сакале да ја добиете доколку се најдете во слична ситуација. Во спротивно веројатноста е голема дека вашиот круг на пријатели ќе се намали.

3. Постојано сте негативни

Живееме во свет во кој и те како има и се случуваат лоши и тажни работи во врска со кои не можеме да направиме ама баш ништо. Со оглед на ова, голем дел од луѓето се обидуваат да се опкружат себеси со убави работи и позитивни луѓе кои дополнително ќе ги разведрат и расположат. Притоа избегнуваат каков и да било потсетник на сивило, посебно оние луѓе кои се полни со негативна енергија. Ова не значи дека мора постојано да сте расположени и среќни за луѓето да сакаат да бидат во ваше друштво. Но секако значи да бидете позитивни, да се обидете да го извлечете максимумот од сѐ и секогаш да ја барате убавата страна на нештата. Бидејќи негативното размислување нема само да предизвика другите луѓе да ве избегнуваат, туку ќе направи и вие да сакате да можете да се избегнете себеси во даден момент.

4. Ви недостасува доза деликатност

Едно е да се пошегувате на нечија сметка, но сосема друго е да ги преминете сите граници и без размислување да кажете или направите нешто што притоа сигурно ќе повреди и навреди некого. Сѐ што е претерано не чини, па така е и со безобѕирното однесување. Внимавајте повеќе на вашите зборови, бидејќи доколку ги преминете границите може да изгубите многу повеќе отколку што мислите.

5. Живеете во виртуелна реалност

Повеќе зборови не се ни потребни. Ништо поубаво не го репрезентира ова од секојдневното седење пред лаптоп и постојаното користење на мобилниот телефон. Дури и излегувањето со пријателите значи постојано гледање во екранот на која и да е паметна играчка која ја имате во рака. Кога заборавивте да зборувате, ама вистински, со испуштање на глас? Факт е дека денес светот е во постојан развој на секаков тип технологии кои, сакале или не, не можете да ги избегнете ниту занемарите. Но тоа не значи дека треба да се одвоите од светот и да заборавите на добрите стари вредности и пријатели. Не дозволувајте живеејќи во светот на технологијата, да заборавите да живеете во реалноста. Бидејќи ако некогаш сепак се вратите во реалноста, дали сте сигурни дека ќе најдете некого таму?

6. Сконцентрирани сте само на себе

Убаво е кога можете некому да кажете што ве мачи или како ви поминал денот или едноставно да споделите нешто со некого. Но не заборавајте дека и тој некој сигурно сака и има да сподели нешто со вас. Никогаш не треба да бидете толку сконцентрирани на самите себе така што ќе заборавите да поставите барем едно кратко, но многу важно прашање, а тоа е Како си? Луѓето ценат кога ќе видат дека некој се грижи и сака да знае малку повеќе за нив. Но не постои човек кој е расположен постојано да слуша нечија опседнатост со самиот себе и во таков случај сигурно ќе ги избегнува тие личности.

7. Премногу сериозно ги сфаќате работите

Доколку претераното шегување не чини, тогаш ниту претераната сериозност не е во ред. Доза сериозност мора да постои, бидејќи како поинаку навистина ќе бидеме успешни во нешто. Но мора да постои некој издувен вентил преку кој барем на кратко ќе избегате од реалноста. За многу луѓе тоа се пријателите, дружењето, излегувањето. Доколку вашите пријатели имаат некоја мака тогаш е сосема соодветно сериозно да ја сфатите работата и да бидете тука за нив. Но во секој друг момент бидете ведри и расположени. Не сфаќајте сѐ премногу сериозно и не обидувајте се да пристапите на секоја работа како на потенцијален проблем. Истото се однесува и на вашето перципирање на работите. Некогаш зборовите кои ви звучат како да се кажани со задна намера, всушност се само шега. Премногу сериозниот пристап во врска со сѐ само укажува на некои ваши несигурности, а тоа ве прави најмалку забавната личност во друштвото.

8. Не сте доверлива личност

Ова се однесува на тоа дека човек не може да се потпре на вас и вашите зборови. Поточно не може да смета на вас кога му е најпотребно или, пак, да се потпре на тоа дека договореното ќе биде исполнето и од двете страни. Луѓето сакаат да бидат опколени со други луѓе на кои можат да им веруваат, а ако вие не сте таа личност, поверојатно е дека ќе избегнат да ве побараат кога навистина ќе им биде потребен пријател. Доверливоста е многу важна особина која не треба да ја земате здраво за готово, дури ни кога се шегувате.

9. Премногу сте зафатени со сѐ останато

Никој не е секогаш слободен и во можност во кое било време да излезе и да се види со пријателите. Но иако постојат и подолги временски периоди во кои сте зафатени со работата и други обврски, по нивното завршување сигурно постојат час-два кои можете да ги одвоите за луѓето кои ви значат. Постојаното гледање и зборување не значи пријателство, како што ни слушањето и гледањето еднаш во месецот не значи дека не сте повеќе пријатели. Но дали навистина сте толку зафатени што не можете да одвоите барем некоја минута и ако ништо друго да подигнете слушалка? Кога сте премногу посветени на обврските, постои опасност целосно да се оддалечите од сите и сѐ останато. Бидете повнимателни со поставување на приоритетите во животот. Ништо не е повредно од луѓето кои ви значат и ништо не вреди толку за да ги изгубите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар