9 совети за учење кои навистина помагаат

9 совети за учење кои навистина помагаат

Кога станува збор за учење, различни нешта им помагаат на различни луѓе. Но, тоа што има најголемо влијание всушност е самиот стил на учење. Постојат неколку видови учење како визуелен, аудитивен и кинестетичен и секој од нив подразбира поинаков пат до запомнување на информациите.

Дали преферирате да учите по малку секој ден, подолг период или пак повеќе сте за интензивно учење на само неколку дена од испитот? Дали имате строг распоред на учење или ги отворате книгите кога ќе почувствувате дека е време? Без разлика на тоа каква навика за учење имате, еве неколку совети и трикови кои можат да ви помогнат многу полесно да го совладувате материјалот и да бидете поуспешни на испитите

9 совети за учење кои навистина помагаат

Измешајте ги техниките – Да бидеме реални, без разлика каков е вашиот стил на учење, нема многу да ви помогне ако постојано само ги препрочитувате вашите книги и забелешки. Потребно е да вметнете неколку различни техники за да не ви биде досадно и да се осигурате дека информациите ќе останат во вашата глава. Ако веќе некое време сте читале, преминете на правење „постери“ за вашата соба со најважните информации. Кога ќе го покриете ѕидот околу вашата маса, вратете се на потцртување на вашите забелешки. Измислете и други начини на кои ќе се „забавувате“ себеси додека учите, на тој начин времето ќе ви поминува побрзо и со сигурност ќе запомните поголем дел од материјалот.

Не плашете се да застанете – По подолго учење ако забележите дека веќе не ни ги сфаќате вашите забелешки, дефинитивно е време за пауза. Дури и ако сте планирале да учите цел ден, докажано е дека по 1 час активно учење концентрацијата се губи, а вие почнувате да се нервирате. Оваа ситуација на никој не му помага. Станете малку, излезете на свеж воздух, раздвижете се… Мала пауза нема во никој случај да ви наштети, баш напротив – кога ќе се вратите на учењето, вашата концентрација повторно ќе биде на високо ниво.

Грижете се за себе – Не сакаме да звучиме како вашите родители, но без разлика на сè, не смеете да се заборавите себеси. Тоа значи дека мора да јадете редовно, да спиете доволно и да имате паузи помеѓу учењето. Без разлика на тоа што некои луѓе велат дека најдобар начин за положување е интензивно учење 24 часа, 7 дена во неделата, тоа е целосна лага. Никој на светов не може да ја заврши работата како што треба ако е уморен или гладен. Ставете се себеси како приоритет и само тогаш ќе ги добиете најдобрите резултати.

9 совети за учење кои навистина помагаат

Кинестетичен начин на учење – Овие студенти понекогаш можат да имаат проблеми со учењето. И покрај тоа што сфаќањето на материјалот е најважно, оние кои учат на овој начин мора многу повеќе да се движат за да имаат поголем успех. Пробајте да одите низ домот додека читате на глас, на тој начин би требало побрзо да ги запомнувате работите. Повеќето од вас сигурно имаат карактеристики или на визуелен или на аудитивен начин на учење, така што откријте кој начин ви помага повеќе и направете нова комбинација.

Аудитивен начин на учење – Овој вид студенти најдобро ги запомнуваат информациите со зборување и слушање. Одличен совет за вас е да се снимите себеси додека ги читате вашите забелешки и потоа да ги слушате. Исто така можете и да ги читате забелешките и потоа да си ги објаснувате на себе. Ако ви е малку чудно да „разговарате“ со себе, тогаш организирајте групно учење со колегите. Меѓусебното објаснување на материјалот ќе ви овозможи доволно слушање и зборување за најдобри резултати на испитот.

Визуелен начин на учење – Инвестирајте во пенкала во различни бои и тетратки со шарени листови и започнете со пишувањето на шеми и дијаграми. Употребувајте колорно обележување за да ги категоризирате темите и идеите. Оние кои учат на овој начин мора многу добро и организирано да да ги чуваат материјалите за да постигнат најголем успех. Постерите се одличен начин за учење, не само затоа што се организирани и прегледни, туку и затоа што откако ќе го добијат своето место на ѕидот ќе бидат постојан потсетник за тоа што мора да го запомните.

9 совети за учење кои навистина помагаат

Правете мали работи – Без разлика колку постери ќе залепите на ѕидот, или колку ќе разговарате за материјалите со вашите колеги, сепак ќе мора да поминете и низ интензивно „дружење“ со вашите книги. Еден од најефикасните совети за помнење на фактите е да ги пишувате на мали ливчиња кои ќе ги залепите на места каде што постојано гледате, на пример на огледалото, покрај креветот, на кутијата со житариците… Тие мали работи можат многу да ви помогнат при запомнување на пократки и покомплицирани информации.

Анализирајте го своето учење – Пробајте да забележите во кој дел од денот имате најмногу концентрација и адаптирајте го вашиот распоред за учење во тој период. Нема поента да учите навечер, ако знаете дека не можете да се фокусирате по 17 часот.

Распоред, распоред, распоред – Планирањето е КЛУЧНО кога станува збор за учењето. Не мора да биде строго и секогаш да започнува во исто време ако сакате да имате малку повеќе слобода, но барем направете план кои денови ќе учите и отприлика колку време ќе ви биде потребно. Ова значи дека ќе имате некаков вид цел поради која ќе биде многу полесно да им кажете „не“ на вашите пријатели за излегување во периодот кога треба да учите. Без дури и најосновен план вашето учење ќе стане огромен хаос.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар