9 работи кои ги прави одговорниот татко

9 работи кои ги прави одговорниот татко

„Ни требаат татковци кои ќе сфатат дека обврските не завршуваат со зачнувањето. Треба да сфатат дека не те прави маж само способноста да имаш дете, туку храброста да го одгледаш.“ – Барак Обама

Родителството не е работа само на мајката или пред сè нејзина, како што многумина веруваат. Татковците имаат подеднакво големи обврски кон детето и должни се да ги исполнат ако сакаат да се наречат добри родители. Ова се неколку работи кои секој од нив мора (или не треба) да ги прави.

9 работи кои ги прави одговорниот татко

1. Нема да дава лош пример

Одговорниот татко знае дека детето го следи неговиот пример, а не неговите совети. Затоа тој ќе внимава како се однесува пред своето дете. Ќе биде љубезен и културен со другите, па ако треба и ќе направи напор да го подобри своето однесување само за детето да види добар пример. Исто така, ќе внимава и на тоа да не ги лаже ниту децата ниту останатите пред нив. Децата бргу стануваат експерти во лажење, а тоа нема да донесе ништо добро.

2. Никогаш нема да употреби физичка сила со децата

Тепањето е „педагошки“ метод на минатите векови кога луѓето не знаеле ништо за тоа како се формираат навиките кај децата и какви лоши последици носи кое било насилство, а особено она над децата. Одговорниот татко нема да примени таков примитивен метод на воспитување, туку некои кои се добри за развојот на неговото дете.

3. Секогаш ќе им посветува внимание на децата

Кога се мали, родителите сочинуваат најголем дел од светот на децата. Затоа очекуваат тие постојано да се со нив. Одговорниот татко секогаш ќе биде тука за своето дете. Нема да го запоставува заради својата забава.

9 работи кои ги прави одговорниот татко

4. Нема да ги заборави важните датуми

Татковците секогаш треба да бидат присутни на важните настани како родендените или матурирањето. Децата формираат многу важни спомени за таквите датуми и затоа родителите треба да се околу нив во тие моменти.

5. Никогаш нема да го критикува своето дете без основа

Понекогаш родителите знаат да ги критикуваат децата само за да покажат некаков авторитет. Можеби родителот во тој момент ќе се чувствува подобро, но детето ќе остане зачудено од ситничарењето на родителот и ќе се исполни со гнев кон него. Одговорниот татко нема да го направи тоа, првенствено затоа што ќе го третира детето фер и согласно принципи, а не заради потреба да биде авторитетен. Никогаш нема ниту да го навреди и да го нарекува со имиња и така да му ја уништи кревката самодоверба.

6. Никогаш нема да биде авторитарен

Има разлика меѓу тоа да се биде авторитетен и авторитарен. Авторитетниот родител знае да создаде пријатна семејна атмосфера во која децата ќе добијат можност да направат избор за одредени работи и да растат со тоа. Наместо тоа, авторитарниот родител секогаш „знае“ што е најдобро за децата и ќе се обиде да го наметне сојот избор во нивно име како знае и умее, па и на груб или насилен начин ако треба. Одговорниот родител е авторитетен, а не авторитарен.

9 работи кои ги прави одговорниот татко

7. Нема да биде ниту премногу попустлив

И преголемата попустливост е сосема неодговорен чин. Светот е полн со препреки и граници за кои детето мора да научи дека постојат за еден ден да почне самото да ги совладува.

8. Ќе внимава на своите деца

Тој нема да дозволи децата да му избегаат од вид додека си играат во ситуации во кои можат да се повредат. Иако ќе ги остави децата сами на некој умерен ризик и нема да ги затвори во стаклено ѕвоно за да ги заштити, сепак очите ќе му бидат свртени накај нив и ќе реагира доколку е потребно. Секогаш ќе биде тука и кога ќе им треба помош за нешто. Како што веќе напоменавме, родителството е подеднаква обврска на двајцата родители. Одговорниот татко нема да го испрати детето кај мајка му затоа што во моментот не сака да одговори на неговото барање за помош.

9. Нема да дозволи односот со сопругата да влијае на децата

Одговорниот татко никогаш нема да дозволи односот помеѓу него и сопругата да влијае негативно на децата. Одвреме-навреме ќе има проблеми во бракот, но тој нема да дозволи децата да се чувствуваат лошо поради тоа, а уште помалку да ги искористува за да се пресметува со сопругата.

„Сите знаат како се прави бебе, но никој не знае како се прави татко.“ – стих од „Papaoutai“ на Стромае


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар