9 причини зошто треба да поминувате повеќе време сами со себе

Кога последен пат сте направиле пауза од сѐ и секој само за да можете да уживате во вашето друштво? Кога последен пат сте си дале љубов како што им давате на другите? Повеќето луѓе им даваат многу на другите, па малку им останува за себеси. Тие ги запоставуваат своите соништа, здравје, потреби и желби, забораваат кои се и постепено стануваат странци за себе.

9-prichini-zoshto-e-dobro-da-pominuvate-vreme-sami-so-sebe-kafepauza.mk

Ова не е начин на којшто треба да се третирате. Кога сакате и кога се грижите за некој вие поминувате време со него, а треба истото да го правите и со вас. Погледнете ги причините зошто е добро да поминувате време сами со себе.

1. Ќе се запознаете

Вие сте најважната личност во вашиот живот, херојот во вашата приказна. Поминувајќи време сами со себе вие ќе се запознаете, ќе погледнете длабоко во вашата душа и ќе ги спознаете убавините и чудата кои се кријат во вас. Има ли нешто поубаво од тоа?

2. Ќе научите да бидете сами без да се чувствувате осамено

Ние се раѓаме сами и умираме сами. Доаѓаме на овој свет сами, и иако по патот наоѓаме друштво со нашите пријатели, семејство и многуте луѓе кои ќе ги сретнеме, сепак ќе има моменти кога ќе бидеме сами. И иако оваа мисла може да биде страшна, ако си дозволите да бидете сами, да се сакате, да се прифатите и да се помирите со личноста што навистина сте, ќе научите како да бидете сами без да се чувствувате осамено. Повеќе нема да живеете во страв.

3. Ќе научите како да се сакате и да се прифатите

Верувале или не, колку повеќе време поминувате сами толку повеќе ги прифаќате вашите недостатоци и грешки. Колку повеќе љубов имате за себе, толку повеќе ќе имате и за другите.

4. Ќе научите како да ја живеете вашата животна цел

Вашето срце знае по кој пат треба да одите и која е вашата цел во овој живот. Ако малку се оддалечите од вашата секојдневна рутина и луѓето околу вас, ќе се поврзете со вашата страна која знае што треба да правите.

5. Ќе научите да бидете оние коишто сте, а не оние коишто светот мисли дека треба да бидете

Уште од рана возраст ние сме научени да се согласуваме, да бидеме повеќе како другите, а помалку како нас. Убавата работа со поминувањето време со себе е тоа што ќе се ослободите од овие „стапици“ на умот, верувања и ограничувања дека мора да бидете како другите. Ќе ја најдете силата и храброста да ја прифатите личноста која навистина сте. Кога ќе нема потреба да се преправате, ќе нема потреба се криете од себе.

6. Ќе сфатите дека сте поголеми од сите ваши проблеми

Прекрасно е да имате пријатели и семејство кои можат да ви помогнат во тешките моменти, но има периоди во животот кога никој нема да може да ви помогне, моменти кога ќе треба сами да ги војувате вашите битки. Со поминувањето време сами со себе ѝ дозволувате на храброста, мудроста и моќта која е во вас да се ослободи. Со тек на време ќе сфатите дека вие сте многу поголеми од вашите проблеми и дека сѐ што ви е потребно за справување со нив се наоѓа во вас.

7. Ќе ја откриете вредноста и моќта на тишината

Кога умот е тивок, кога нема мисли и зборови кои треба да се кажат, дури тогаш можете да ги слушнете вашето срце и вашата интуиција. Вашата интуиција е многу добар учител и ќе ви помогне да ги разберете работите чии одговори нема да ги најдете на друго место. И кога ќе научите да дишете без да се присилувате да кажете нешто, ќе сфатите што значи „Оној кој не знае да биде тивок, не знае ни да зборува.“

8. Ќе научите како да се цените и почитувате

Повеќето луѓе се научени да бараат признание од другите, па забораваат дека тие самите си се доволни. Затоа остануваат во врски кои ги прават несреќни, околини кои се отровни за нив, работа која ја мразат и слично. Сето ова бидејќи мислат дека не заслужуваат повеќе. Кога ќе поминувате време сами со себе ќе научите да се цените и да се почитувате доволно за да напуштите сѐ што ве прави несреќни. Зголемувањето на вашата самодоверба нема да дозволи никој и ништо да прави да се чувствувате како да не сте доволно добри, доволно паметни, доволно убави и слично.

9. Ќе научите да простувате и да заборавате

Една од најтешките работи е да простите и да заборавите луѓе, сеќавања, работи, искуства и места кои ги сакате најмногу. Се „држите“ толку силно за овие работи од страв дека ако ги пуштите ќе бидете „ништо“. Кога ќе почнете да поминувате време со себе, ќе ја научите разликата помеѓу вистинската љубов и приврзаноста. Ќе сфатите дека вистинската љубов всушност е ослободувачка, а не слепа.

Прочитајте ги и овие прекрасни мисли за самотијата.

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар