8 совети за одговорно консумирање алкохол за време на празниците

Новогодишните и божиќните празници се денови кои се исполнети со веселба, дружба, гласна музика и многу алкохол. Но, ако испиете премногу пијачки, можете да ја претворите вашата забавна вечер, во патување кон одделот за токсикологија.

Идејата за одговорно консумирање алкохол звучи смешно за повеќето луѓе, бидејќи сите сакаат да се опуштат и да заборават на грижите во овој период од годината. Но, за жал многу луѓе не се ни свесни за ефектот кој алкохолот може да го има врз телото и умот, особено кај оние кои не се навикнати на пиење многу алкохол во краток период. Доколку не сакате на 1 јануари да се разбудите гушкајќи ја веце шолјата, а сепак да се чувствувате и да си поминете одлично во најлудата ноќ, прочитајте ги следниве едноставни совети за безбедно алкохолизирање.8 совети за одговорно консумирање алкохол за време на празниците

1. Познавајте ја вашата граница

Факт е дека доколку добро се забавувате, големи се шансите после третата чашка да престанете да ги броите сите наредни. Обидете се да пиете побавно, а не една доза алкохол во две голтки, доколку сакате да ги избегнете вртоглавиците, повраќањето и непристојното однесување.
.

2. Јадете пред, во текот и после пиењето

На сите ви е добро познат фактот дека ако добро сте се најале пред да консумирате алкохол, помалку и ќе се опијаните. Тоа е така бидејќи храната го впива алкохолот кој кружи низ вашиот циркулаторен систем. Штом храната помага, тогаш не заборавајте да јадете пред да почнете да пиете, каснувајте нешто измеѓу пијачките и пред да си легнете пак јадете, за да немате киселини наредното утро.
.

3. Немојте да пиете ако не ви се пие

Само поради тоа што дошла Нова година, не мора да значи дека вие сте толку добро расположени за да испиете десет пијачки и да лумпувате до шест наутро. Не прифаќајте уште една вотка, само затоа што вашиот пијан пријател кој се смее хистерично, ве принудува да продолжите да пиете. Ако сметате дека ви е доста пиење за вечерта или дека ви треба пауза од еден час, нарачајте кисела вода или некој сок за да ја изгаснете жедта која алкохолот ја предизвикува.
.

4. Пијте бавно, но безбедно

Кога сте жедни, пиете две чаши вода на екс без проблем, но кога не ви се пие, чашата ви стои полна до вас, со часови. Истото се случува и со алкохолот. Ако вашиот стомак во моментот може да поднесе повеќе алкохол, можеби ќе си ја препознаете вашата граница и ќе си поминете одлично. Но, доколку се форсирате и со сила испиете многу пијачки во краток временски период, ефектите нема да бидат позитивни.
.

5. Не пијте пијачки кои ги немате никогаш пробано

Не би се осмелиле да шетате низ дел од градот кој ви е непознат, така? Зошто тогаш би пиеле пијалак во кој не знаете какви состојки има? Пијачките кои содржат разни благи или овошни ликери и сокови, го маскираат количеството на алкохол што го има во нив, па вие во суштина не сте свесни колку сте испиле. Затоа, не експериментирајте испробувајќи разни пијачки чие дејство не ви е познато.
.

6. Алкохолот не е најбитната работа на Нова година

Пиењето алкохол треба да создава релаксирачка атмосфера на новогодишната прослава, но оваа вечер не треба да се сфаќа како идеален повод за неограничено и неконтролирано пиење. Доколку знаете која е вашата граница за пиење или ако не консумирате алкохол воопшто, тогаш вие знаете како да си поминете убаво за дочекот на Новата година. Но, ако сметате дека оваа вечер можете да испиете сè што има зад шанкот, бидејќи и онака, сите ќе бидат пијани, па никој нема да забележи колку не сте биле при себе, само се залажувате. Празниците се слават за да се видите со пријателите и членовите на семејството и за да си поминете одлично, а не за да се опијаните толку многу и да не паметите ни каде сте биле, ни што сте правеле, ни кој бил таму со вас.
.

7. Држете се настрана од дуплите пијачки

Ако секојпат кога пиете, нарачувате обична доза алкохол, зошто оваа вечер да биде исклучок? Пиењето дупли дози, ќе ве направи дупло пијани. Ако сакате да останете пристојни, држете се до вообичаените дози, а дуплите пијачки препуштете му ги на некој ваш пријател, кој може да поднесе повеќе алкохол.
.

8. Останете дома кога сте болни

Сите со душа ја чекаат Новата година за да се забавуваат цела ноќ, не грижејќи се дека имаат обврски наредниот ден. Но, кога не се чувствувате добро, не ви е дојдено до журки нели? Ако сте малку настинати, отидете на забавата, поседете до 12:30 и потоа извинете се и отидете дома да одморате. Ако пак горите од температура и сте неспособни да станете од кревет, верувајте нема да е крај на светот ако не сте ја прославиле „најлудата“ ноќ во годината. Ќе ве очекуваат уште многу луди ноќи во текот на 2012 година, нели?!
.

Заклучок: Овие совети може да ви помогнат да го одржите вашето здравје во добра состојба и да се заштитите од чувство на срам и пониженост ако сте направиле некоја глупост додека сте имале многу алкохол во крвта. Пиењето во умерени количини не значи дека нема да се забавувате со „полна пареа“. Секој сака празниците да ги памти по убаво поминатите мигови со луѓето кои ги сакаат, а не по неподносливиот мамурлак, гадењето во стомакот и срамот од луѓето кои биле потрезни од вас и ве гледале додека правите будала од себе.

———————————————————————————————————————————————————————

Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Љубопитна новинарка со истражувачки дух, во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, без испеана песна и без малку возбуда не треба да ѝ помине ниту еден ден. Се релаксира со фина музика, длабок филм или прошетка во природа во добро друштво. Верува дека добриот совет и астрологијата ѝ помагаат да се разбере себеси и светот околу неа. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар