8 бесмислени митови кои кружат за љубовните врски

8 бесмислени митови кои кружат за љубовните врски

Вака треба или така, цел живот веруваме во бајки кои ни презентираат само едно нешто – љубовта е совршена. За жал (или за среќа), такво нешто во реалноста не постои. Совршена врска нема да најдете никаде и ниту еден пар не е постојано среќен. Митовите кои ги слушаме за врските се само тоа – митови, а секоја врска бара со полно срце да се работи на неа за таа да биде успешна, среќна и продуктивна.

(1)-8-besmisleni-mitovi-za-ljubovnite-vrski-kafepauza.mk

Следните 8 се најпознатите и најбесмислени митови кои постојат за врските.

1. Добрата врска значи дека не мора да се работи на неа

Погрешно. Добрата врска значи дека постојат двајца луѓе кои се желни постојано да работат на неа за таа да продолжи да биде добра. Според д-р Лиса Блум, клинички психолог во Пасадина и Лос Анџелес, токму оние најјаките и најстабилни врски бараат најмногу работа, а тоа е спротивното од она на кое нè подготвува општеството во кое живееме. Од мали растеме со приказни и романтични филмови кои нè учат дека љубовната врска е и треба да биде лесна, убава и совршена. Реалноста е поинаква. Секако, доколку поголем дел од времето поминувате карајќи се со партнерот, тажни и гневни, постојано обидувајќи се да се смените, можеби е редно време да се запрашате дали е тоа врската за која уште вреди да се борите.

2. Ако партнерите навистина се сакаат, тогаш ќе си ги познаваат меѓусебните потреби и чувства

Погрешно. Никој не е способен да чита мисли ниту да предвиди како некој ќе се чувствува. Очекувајќи ги од партнерот овие надреални моќи е апсурдно со оглед на тоа што тој/таа нема никогаш да биде во можност да ги исполни тие очекувања. Според д-р Блум, одговорност на сите возрасни е да комуницираат и да ги изразуваат своите чувства и потреби, бидејќи додека како деца можеби имаат изговор, сега веќе не е така. Покрај тоа, нели е подобро да си заштедите себеси малку време и нерви и едноставно да му кажете на партнерот што ви лежи на душа? Тој/таа ќе го цени тоа, а и вие на крајот на денот ќе го добиете токму тоа што го сакате: некој кој знае што ви е потребно.

3. Вистинската љубов значи дека страста секогаш ќе постои

Погрешно. Желбата за некого нема апсолутно никаква врска со љубовта. Врската со тек на време неизбежно преоѓа во рутина која дава извесно ниво на комоција кај партнерите. Тие се презафатени со секојдневните обврски и милион други нешта кои им висат на памет, што сакале или не, на крајот на денот немаат ни време ни енергија за партнерот. Ова не значи дека тие повеќе не се сакаат ниту, пак, дека немаат желба еден за друг. Значи дека страста е само скриена некаде подлабоко и треба да се најде начин таа повторно да се разбуди.

4. Дете ќе ја зајакне врската

Погрешно. Дете само би ја усложнило и така веќе сложената ситуација која воопшто довела до ваквата помисла. Истражувањата покажале дека во солидно добри услови, кога создавањето семејство доаѓа само по себе, среќата во врската/бракот се намалува со зголемување на бројот на деца. Зошто? Затоа што поголемото семејство со себе носи повеќе одговорности, предизвици и компликации. Наместо да се вовлекува дете во целата приказна, залудно верувајќи дека така повторно ќе бидете среќни, попаметно е да се размисли на промените кои навистина ѝ се потребни и што треба да се направи за да се дојде до посакуваното ниво на среќна врска.

5. Љубомората е доказ за вистинска љубов

Погрешно. Љубомората е болест во секоја смисла на зборот. Таа е болест која колку повеќе ја храните, толку повеќе ќе ве јаде и вас и вашиот партнер, а со тоа и врската. Љубомората, во некоја од своите дефиниции, може да се карактеризира како ниво на самодоверба и доверба во партнерот. Доколку сте во врска со партнер кој е љубоморен, тогаш сте свесни за тоа колку таа „болест“ е исцрпувачка и колку лоши работи носи со себе. Верувањето дека таа е доказ за тоа колку партнерот ве сака може да ве доведе до момент да го/ја уверувате дека е сè во ред што повторно нема да даде некакви резултати. Од друга страна, обидувајќи се дополнително да го/ја направите љубоморен/на, може да си направите уште поголеми проблеми. Љубомората не е доказ дека партнерот вистински ве сака.

6. Расправиите ја уништуваат врската

Погрешно. Комуникацијата во врската е единственото нешто кое може да ги реши проблемите. Игнорирањето на проблемите и моментите кои водат до расправии се токму она кое ја уништува врската. Не сакајќи да признаете дека нешто не е во ред и живеејќи во илузија дека нема што да се средува единствено води до ниво во врската кога воопшто и не постои искрена и отворена комуникација. Меѓу другото, огромно влијание има и начинот на кој се решаваат проблемите. Инаетот, грдите зборови и непочитувањето можат само да ја разгорат расправијата оставајќи ве без можност за заедничко решение. За разлика од тоа, разбирањето и почитувањето доведуваат до продуктивни расправии кои водат до добро познатата златна средина и наоѓање решение.

7. За да успее врската, партнерот мора да се смени

Погрешно. Колку повеќе барате од партнерот да се смени, толку повеќе ќе го оддалечите од себе. Проблемот не е кај партнерот, проблемот е кај вас. Наместо да се оптоварувате и залудно да се обидувате да го смените партнерот, подобро би било да видите зошто ви пречи тоа што ви пречи и зошто не можете да го прифатите партнерот таков каков што е. На крајот на краиштата, за секој проблем и секое решение во врската се потребни двајца. Па ако постои нешто што не ви се допаѓа, прво погледнете кон себе, а потоа и кон партнерот.

8. Професионалното советување за парови значи дека врската е во неволја

Погрешно. Терапијата е повеќе превентива со цел да не дојде период кога таа навистина ќе биде во неволја. За ова е потребна навистина огромна храброст и слободен ум, со оглед на општеството во кое живееме, но доколку некој ви значи, нели вреди да преминете преку некои стереотипи и да се одлучите на ваков чекор? Врската е во неволја во оној момент кога ќе одлучите повеќе да не се грижите, да не се замарате и да не преземате активности во насока на нејзино подобрување. А советувањето може само да помогне во целта да се спречи тој тажен крај.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар