7-те изуми на Коко Шанел за кои жените засекогаш ќе ѝ бидат благодарни

7-те изуми на Коко Шанел за кои жените засекогаш ќе ѝ бидат благодарни

Тешко е да замислиме како светот би изгледал ако пред точно 132 години не се родела Габриел ’Коко’ Шанел во француското гратче Саумур. Модната пионерка ги ослободила жените од грубите корсети и создала култни модни предмети кои до ден-денес се модерни. По повод нејзиниот роденден, ги гледаме нејзините најдобри модни изуми.

0-7-te-izumi-na-koko-shanel-za-koi-zhenite-sekogash-kje-i-bidat-blagodarni-kafepauza.mk

1. Бижутерија

Коко Шанел скоро никогаш не била видена без тон лажни бисери околу вратот, а и таа е првата во модниот свет која почнала да дизајнира бижутерија. Ја изработувала од синџири, мониста и стакло и ја носела со кежуал или спортска дневна облека. Идејата да дизајнира бижутерија ѝ дошла затоа што сакала да им овозможи на жените да купуваат евтин накит за да можат да ги исполнат своите секојдневни модни комбинации.

2. Женски пантолони

Пред 80 години пантолоните ги носеле само мажите. Коко Шанел тоа го променила засекогаш. Сметала дека жените мораат да имаат еднаква слобода како мажите – затоа што корсетите и здолништата физички ги ограничувале жените. Клучниот момент се случил кога Коко сфатила дека не може да јава коњ во долго здолниште и тогаш буквално му ги соблекла пантолоните на машкиот јавач и ги облекла.

3. Малото црно фустанче

Коко Шанел сакала да создаде фустан со пристапна цена кој ќе им биде достапен на жените од сите класи т.е. наменет за најширокиот пазар. Исто така, таа имала намера фустанот да може да се носи на безброј начини, па така настанало малото црно фустанче – најпопуларниот фустан во светот. Кога прв пат бил претставен во 1926 година, светското модно списание Вог напишало дека ова фустанче ќе стане униформа за сите жени и за сите вкусови. 90 години подоцна, малото црно фустанче сѐ уште е многу, многу моќно.

4. Маичка со морнарски риги

Коко Шанел голем дел од инспирацијата ја црпела од својот роден град, па така настанала маичката со морнарски риги. Набљудувајќи ги француските рибари кои носеле бело-сини маички на риги, одеднаш се сетила дека таков едноставен примерок фантастично би изгледал на женската силуета. Коко ја дизајнирала наједноставната верзија на овие маички, а подоцна ригите се пренесле и на пантолоните, чевлите, чантите и останатите модни додатоци.

1-7-te-izumi-na-koko-shanel-za-koi-zhenite-sekogash-kje-i-bidat-blagodarni-kafepauza.mk

5. Темен (изгорен) тен

На почетокот од 20-тиот век бледата кожа била во мода, а темниот тен се поврзувал со пониската, односно, работничката класа. Тогаш, Коко Шанел случајно изгорела на сонце на француската ривиера. Кога се вратила во Париз, нејзините пријатели се восхитувале на нејзиниот исончан тен, па и самите почнале да се сончаат. Така, некогаш презираниот темен тен станал симбол на богатство и убавина и тренд кој никогаш нема да исчезне.

6. Жерсе

Уште едно нешто што Коко го „украла“ од мажите е жерсето. Во нејзиното време овој удобен материјал се користел само за изработка на машка долна облека. За жените тоа значело целосно препородување затоа што дотогаш носеле само груби и неудобни, но скапи материјали. Евтиното жерсе Шанел го снабдила кога дошло до недостаток на скапи ткаенини поради Втората светска војна.

7. Женски костим

Повторно „крадејќи“ од посилниот пол, дизајнерката го позајмила машкото одело. Сако без јака, ткаен модел со метални копчиња и здолниште што се стеснува – ваквиот модел изработен од твид бил совршен за жените кои после Втората светска војна сакале да изградат кариера во доминантниот машки бизнис свет. Ваквите костими, меѓу останатите ги носеле и Одри Хепберн, Грејс Кели и Џеки Кенеди.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Живее за добра книга и дише преку пишаниот збор. Кога би можела, цел живот би патувала, би читала и би гледала филмови. Вљубеник во фотографијата и класиката. Оптимист и поборник за љубов. Модата е нејзиниот начин да го изрази своето мислење и став. Животот за неа е уметност, филозофија и добра храна.

Поврзани содржини

Остави коментар