7 работи во животот за кои мора да бидете искрени кон себеси

Сите ние понекогаш знаеме да лажеме, но што се случува кога се залажуваме самите себе? Што ако ги игнорираме проблемите и предизвиците, нашите штетни навики кои не ни носат ништо добро? Ова се 7 работи за кои секогаш мора да бидеме искрени кон самите себе.

7 работи во животот за кои мора да бидете искрени кон себеси

1. Вашите скриени задоволства

Секој од нас има по некое скриено задоволство, за кое иако знае дека на некој начин му штети, продолжува да ужива во него. На пример продолжувате да пушите иако сте биле предупредени од медицинско лице, а на вашите пријатели им велите дека „палите по некоја“ за време на викендите – вистината е дека пушите по една кутија на ден. Клучно е да престанете да се залажувате самите себеси и сериозно да се соочите со проблемот како и со можните последици. Доколку гледате дека некоја навика ви штети, земете си обврска да направите важни промени.

2. Вашите битки и стравови

Колку повеќе бегате од вашите проблеми и стравови, толку поголеми стануваат и изгледа дека се сè потешки за решавање. Соочете се со вашите стравови. Од каде потекнуваат? Зошто се чувствувате така како што се чувствувате? Секогаш најдобар начин да ги победите предизвиците во животот е соочувањето со истите. Не бегајте од она што го чувствувате, колку и да се обидувате никогаш нема да успеете да го потиснете во себе. Бидете искрени за вашите чувства, пишувајте дневник во кој ќе ги искажувате вашите емоции, побарајте совет од пријател или член на семејството, искажете го она што го чувствувате и веднаш ќе ви олесни.

3. Вашето слободно време

Бидете искрени, колку слободно време имате? Како го минувате? Во просек, еден човек во Америка поминува неверојатни 34 часа неделно гледајќи телевизија. Интернетот и телевизијата буквално го „јадат“ нашето слободно време и завршуваме со сознанието дека воопшто не сме биле продуктивни. Најдете креативен и продуктивен начин за минување на слободното време и правете нешто што ве исполнува.

4. Вашето здравје

Здравјето е дефинитивно тема на која мора да бидете искрени самите со себе. Дали имате проблеми со здравјето, дали се храните добро, дали вежбате? Здравјето не смее да се запоставува, а залажувањето дека е сосема во ред тоа што јадете брза храна премногу често, нема да ви донесе ништо добро.

5. Вашата работа

Многумина се заглавени работејќи нешто што не им се допаѓа и не им е по мерак. Вашата работа треба да ве прави среќни и да ве исполнува. Доколку не го согледате тој факт, може да го минете животот градејќи кариера која потполно ве исцрпува, не ви носи среќа, ниту пак го истакнува најдоброто кај вас. Тешкото прашање е како ќе ги платам сметките ако дадам отказ? Не мора веднаш да дадете отказ. Во меѓувреме почнете интензивно да барате друга работа или пак запишете се на курс кој ќе ги надгради вашите знаења на полето кое ве интересира. Може вашата омилена професија за почеток да ви биде само хоби додека не се снабдите со доволно средства и можности за да ви стане постојана работа.

6. Вашето семејство

Не го бирате вашето семејство. Тоа ви е дадено од Бога, но тоа не значи дека треба да трпите секакво однесување. Доколку некој член на вашето семејство ви го отежнува животот, не игнорирајте ја таквата ситуација. Отворено разговарајте за проблемот или пак најдете начин да се оддалечите од личноста онолку колку што можете. Од друга страна бидете искрени колку добро и правилно вие се однесувате со останатите членови од вашето семејство.

7. Вашите навики

Нашите секојдневни навики и рутини нè прават она што сме. Кога ќе зацртате некаква цел, фокусирајте се на вашите секојдневни напори за нејзиното остварување. Бидете искрени, дали со вашите секојдневни навики придонесувате за ваше унапредување на некое поле во животот? Дали будењето доцна напладне и пропуштањето на предавањата на факултет позитивно влијае на вашата иднина? Дали навиката да доцните на работа може да резултира со задржување или унапредување на работното место?

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар