7 проблеми со кои сите парови неизбежно се соочуваат

7 проблеми со кои сите парови неизбежно се соочуваат

Иако сите луѓе се различни, а со тоа и сите парови и љубовни врски, факт е дека секогаш има проблеми кои се заеднички за многу од нив. Дали се тоа поединечните карактеристики на партнерите, сличните ситуации во кои се нашле и едните и другите и што ли уште не, врските знаат да бидат многу послични отколку што мислите. Така, почнувајќи од проблемите, следниве 7 се најчестите со кои буквално секој пар ќе мора да се соочи и избори во текот на врската.

(2)-7-problemi-so-koi-site-parovi-neizbezhno-se-soochuvaat-kafepauza.mk

1. Учите дека вашиот партнер не може да биде ваше сè

Почетокот на врската е убав и романтичен, лесен и интересен, но најмногу од сè, партнерите се целосно посветени еден на друг. Поминувајќи го скоро секој слободен момент заедно, воопшто не ни замислувате дека некоја друга варијанта на оваа врска постои. Но сакале вие или не, факт е дека со тек на време, како што и се очекува, нема постојано да бидете заедно. Ќе сакате да поминете време со пријателите, со семејството, да уживате сами во некоја добра книга или посветувајќи се на некое ново хоби. Иако ова не значи дека повеќе не сакате да бидете заедно, ќе има период кога едниот од вас или двајцата ќе се чувствувате напуштено и осамено. Но, не заборавајте дека за да можете да бидете со некого мора прво да знаете како да бидете сами, што во врската се преведува како лекција која ве учи дека партнерот не може да биде ваше сè.

2. Телефонот ќе биде проблем во даден период во врската

Додека од една страна телефонот знае да биде алатка за романтични разговори и слатки пораки испратени доцна во ноќта, како што тече времето, врската бара повеќе поминато време лице во лице. Сите тие телефонски разговори бараат да се трансформираат во разговори во живо, каде реално можете да ја погледнете саканата личност во очи, да препознаете што навистина сака да ви каже и како го прави тоа. А кога сите овие важни моменти, едниот или двајцата партнери ги решаваат преку телефон, не само што самиот метод на комуникација ќе се најде на патот, туку и ќе ги влоши работите.

3. Сексот нема секогаш да биде неверојатно добар

Се сеќавате кога на почетокот бевте луди, диви и непредвидливи во сексот? Случајни средби во текот на денот, непреспиени ноќи полни со страст и љубов – кога последен пат се случило тоа? Доколку сте во долга врска, тогаш неизбежно е страста која постоела на почетокот да е сега присутна со помал интензитет. Како последица на тоа, сексуалниот живот е далеку од тоа што бил порано, а тоа е голем проблем за една врска, колку и да звучи тоа сурово. Сето ова е последица на фактот дека станувате позафатени, посериозни, а со тоа и се помалку слободни за да бидете спонтани и посветени. Она што е многу важно е да не се откажете еден од друг, да најдете време да работите на овој проблем и уште повеќе, да бидете трпеливи.

4. Нема да ја достигнете секоја цел која ќе ја поставите за врската

Луѓето се различни, сите со свои специфични карактеристики и начини на однесување, барања и приоритети, желби и погледи. Она што се случува во даден момент во врската е што овие разлики се претвораат во конфликти. Причината е едноставна: не секоја работа која ќе ви смета кај партнерот тој ќе има желба да ја промени, не секоја негова цел ќе биде и ваша, нема да ја најдете таа златна средина на секое поле во животот. Ова значи дека веројатноста да ги постигнете сите тие поставени цели на почетокот е многу мала. И тоа е во ред, сè додека сте свесни дека врската е истовремено и компромис, но и баланс на две различни личности со различни размислувања. Реалноста е дека ќе мора да се соочите со овој проблем во еден момент и на вас е што и како ќе ви биде приоритет.

5. Парите ќе бидат проблем

Од љубов не се живее и нема поголема вистина од тоа. Животот носи проблеми, финансиски и помалку финансиски, но тажната реалност е дека ретко кој пар може да ги преживее периодите кога парите се проблем. Кога немате пари за основните работи, многу е тешко да останете позитивни. За жал, ова укажува на тоа дека финансиските проблеми се основа за многу други проблеми, а тоа е нешто кое како пар ќе мора да научите да го менаџирате. Во тие моменти е многу важно да останете соединети и да се обидете заедно да го решите овој проблем бидејќи на крајот на денот тешко ви е и на двајцата, а не само на едниот.

6. Вашиот партнер нема да се откаже од своите лоши навики

Ова е еден од проблемите со кои неминовно ќе мора да се соочат сите парови и факт е дека истото многу потешко паѓа на женскиот пол. Причината е едноставна, гледано во глобала, жените се почувствителни од мажите и тежнеат покомплицирано да ги гледаат работите, додека мажите се попрактични и во голем дел од времето за нив работите се црно-бели. Многу од конфликтните ситуации кои настануваат се резултат на овие фундаментални разлики и ви се допаѓало вам тоа или не, тие нема да се променат. Некои е можно е да се прилагодат, но некои ќе останат такви какви што се. На вас е како ќе се справите со тоа. Повторно, врската е компромис и од огромна важност се работите кои си ги поставувате како приоритети.

7. Моногамијата ќе се покаже како вистински предизвик

Да останете верни на партнерот е тешко, не бидејќи не го сакате ниту, пак, бидејќи сте личност која изневерува, туку само поради фактот дека сите ние сме човечки суштества. Нормално е и сигурно ќе ви се случи барем еднаш да помислите на тоа да бидете со друга личност иако сте веќе во врска. Сосема е очекувано дека во даден момент ќе почувствувате привлечност кон некој кој не е вашиот партнер, очекувано е дури и да посакате да бидете со тој некој, но она кое е важно да го запомните во тие моменти е што ќе изгубите доколку сепак се одлучите да го преземете тој чекор. Дали сте подготвени да ја изгубите саканата личност само поради физичка привлечност кон некого?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар