7 причини зошто имате лоша меморија

7 причини зошто имате лоша меморија

Дали сте и вие можеби едни од оние кои никаде не одат без својот тефтер-потсетник? Редови и редови реченици само за да не заборавите да завршите некоја работа, да одите на доктор, да купите некоја намирница. Испишани страници кои се тука бидејќи вашиот мозок некогаш не може да запомни дури и некои најмали ситници. Колку ли само пати сте заборавиле да се јавите некому? Или сте се враќале дома по некоја работа која ви е потребна тој ден? Можеби сте ѝ го заборавиле роденденот на сакана личност. Не сте единствени.

Наспроти вообичаените констатации дека тоа си доаѓа со годините, денес многу млади луѓе се соочуваат со овој проблем. Многу од нив не се ни свесни зошто го имаат, па тешкотиите во помнењето ги припишуваат на зафатените секојдневија, немарноста или на добро познатиот изговор – не било доволно важно за да го запомнам. И додека решавањето на ваквите проблеми најчесто зависи од личноста, можните причини за лоша меморија би можеле да се сумираат во неколку точки.

1-7-prichini-zoshto-imate-losha-memorija-kafepauza.mk

1. Депресија

Во состојба на депресија, човекот често нема многу волја дури ни за некои најосновни работи. Па кога човековиот ум е на некој начин заклучен, воопшто не се зачудувачки слабата концентрација и заборавањето. Депресијата често настанува кога ќе се изгуби драга личност или, пак, после стресен период во вашиот живот кога сте се соочиле со многу проблеми. Мешавината од чувства на тага, лутина, бес и меланхолија предизвикува вашиот ум и тело да не функционираат во најнормален ред. Депресијата може да обземе секого, а силната волја и одлучност се првите две оружја против неа.

2. Ментална конфузија

Многу честа состојба на преоптоварување на умот, што не би требало да зачуди никого со оглед на светот во кој денес живееме. Сите и сè е во постојано движење. Се обидуваме да завршиме што повеќе работи истовремено бидејќи утре повторно ќе го имаме истиот куп. А времето лета и не чека никого, па кога имаме милион работи на ум, вистинско чудо е ако заборавиме само една. Многу би било полесно доколку можете да се фокусирате само на една работа во одреден временски период.

2-7-prichini-zoshto-imate-losha-memorija-kafepauza.mk

3. Неспособност за изразување на вистинските чувства

Многу луѓе ги кријат своите чувства. Дали е тоа од страв, гордост или, пак, срам од тоа како ќе бидат сфатени, меѓу последиците се вбројува и лошата меморија. Вистина е дека исклучувањето на чувствата од секојдневието носи придобивки во вашиот деловен живот така што ви овозможува целосно да им се посветите на работните обврски, но човековиот ум не е таков па во реалноста да може континуирано да функционира на овој начин. Како и сè друго, потребна му е некаква рамнотежа. Размислувањето и логиката на една страна, чувствата и креативноста на друга. Едните го заморуваат, другите го опуштаат. Користејќи ги и двете страни, ја подобрувате мозочната активност, а со тоа и вашата меморија.

4. Користење дрога

Секој вид илегални дроги е забранет со причина. Штетни се за вашето здравје, ја успоруваат и, во краен случај, исклучуваат мозочната активност создавајќи зависност и потреба од константна употреба. Вашата меморија значително слабее, па дури и се губи. И тоа е само дел од сериозните психички и психолошки проблеми со кои ќе бидете приморани да се соочите.

5. Зависност од алкохол

Слично на зависноста од дрога, претераната конзумација на алкохол предизвикува зависност која значително ги забавува вашите мозочни и моторни активности, предизвикува тешки здравствени проблеми, а со тоа ѝ штети на вашата меморија. Алкохолот може да доведе и до губење на цели делови од вашата меморија. Со тек на време, континуираното конзумирање на алкохол предизвикува сериозни проблеми на целиот централен нервен систем, па лошата меморија ќе биде вашиот најмал проблем.

Boozy balancing act

6. Недостаток на тијамин

Тијаминот е една од суштинските хранливи материи која е потребна за правилна работа на целиот метаболизам и претворање на храната во енергија. Задолжен е за нормално функционирање на нервниот систем, а големи количини од овој Б витамин се лоцирани во мозокот одржувајќи ја продукцијата на невротрансмитерите кои влијаат на вашето расположение, меморијата, движењето и размислувањето. Доколку на вашиот организам му недостасува тијамин, една од можните ситуации е тоа да доведе до појава на Верник–Корсаков синдром, т.е., краткотрајни и долгорочни загуби на меморија. Согласно, од витална важност е вашиот организам да ја прима потребната доза на овој витамин, што е максимум 1,2 милиграми за возрасни луѓе.

7. Недостаток на сон

Добриот и цврст сон ги одмара и освежува вашиот мозок и вашето тело. Додека вие спиете, се креираат мозочни бранови кои складираат податоци во вашиот мозок и/или ги префрлаат во делот задолжен за долгорочна меморија. Па кога не спиете доволно, овие функции се оневозможени или намалени што финално може да доведе до збунетост, заборавеност и краткотрајни загуби на помнењето. На возрасна личност ѝ се потребни најмалку 7-8 часа сон за правилно да функционира.

Добрата меморија води кон поголема ефикасност во текот на целиот ден. Фер и праведно е на вашето тело и ум да им ги обезбедите потребните „состојки“ за здраво и правилно функционирање. Па доколку се пронајдовте себеси или некој што го познавате во некоја од горенаведените работи, немојте да чекате и почнете да работите на решавање на проблемот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар