7 нешта кои родителите треба често да им ги велат на своите деца

Постојат многу други начини на кои можете да им кажете на вашите деца дека ги сакате, освен со самите зборови „те сакам“. Никој не успеал да биде совршен родител, но секој сака да го даде најдоброто од себе во воспитувањето на своите деца. Ова се 7 работи кои секој родител треба колку што може почесто да им ги вели на своите деца со цел да им каже колку ги сака, но и да ги насочи на правиот пат во животот.

7 нешта кои родителите треба често да им ги велат на своите деца

1. „Верувам во тебе“

Овие зборови имаат магично значење. Покажуваат колку ја сакате личноста на која ѝ се обраќате, но и колку верувате во неа дури и тогаш кога самата изгубила верба во себеси. Кажувајте им го ова на вашите деца, без разлика дали се малечки или се повозрасни. Ќе им вдахнете самодоверба и цврст став дека може да успеат за што било бидејќи некој верува во нив. Овие зборови ќе ги слушнат во своите глави во најтешките моменти во животот, но исто може да ви се вратат како бумеранг. Па така, нека не ве изненади кога вашето дете ќе ви го рече истото, и тоа најверојатно ќе биде најдоброто нешто што некој некогаш ви го рекол.

2. „Никогаш не се откажувај“

Охрабрете го вашето дете да не се откажува ако не успева да ја состави сложувалката. Тоа ќе научи да не се откажува и за многу поголеми нешта во животот. „Никогаш не се откажувај, но и не продолжувај да го правиш она што веќе многупати ти носи исти, неуспешни резултати. Смисли нова стратегија.“

3. „Искуството ќе те научи многу“

Така ќе го подготвите вашето дете на падовите и подемите во животот. Ќе го научите да биде отворено кон животот и да си дозволи себеси да научи многу од своите искуства. Научете го дека денес изгубил во друштвената игра само за да знае како утре да победи.

4. „Секој некогаш бил почетник“

Вашето дете ќе има свои идоли, личности на кои ќе им се восхитува. Дозволете му да ги има за свои идоли, но истовремено дајте му до знаење дека никој не се родил успешен и дека и самиот/ата тој/таа може да биде што било кога ќе порасне, само доколку има доволно голема желба.

7 нешта кои родителите треба често да им ги велат на своите деца

5. „Ти си мојот суперхерој“

Без разлика дали е момче или девојче, вашето дете е вашиот суперхерој и дајте му го тоа до знаење. Така ќе му покажете колку го сакате но и колку имате потреба од него. Децата обично ги гледаат своите родители како суперхерои кои знаат сè, па убаво е вашето дете да знае колку е големо и вредно во вашите очи.

6. „Секое паѓање ти дава лекција“

Секогаш кога ќе рече „ауч“ или „леле“, вашето дете добива лекција. Нормално дека ќе плаче доколку падне или се удри, но потоа најдете време да му објаснете дека на секого му се случува истото. Разговарајте со вашето дете отворено и како со рамноправен возрасен човек што ќе му влее самодоверба.

7. „Ти си безбеден/на и сакан/а“

Дури и возрасните неретко се плашат од светот во кој живеат. Само замислете како му е на вашето дете. Затоа често давајте му до знаење дека во своето семејство тоа е безбедно и благословено со многу љубов.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар