7 начини да се справите со животните предизвици

7 начини да се справите со животните предизвици

Ние луѓето, постојано се соочуваме со разни предизвици, во секој аспект од нашите животи. Повеќето од нас имаат тешкотија да ги прифатат проблемите и да се справат со комплексните ситуации, се плашат од промените во животот и се обидуваат да избегаат од нив. Но, бегањето од вашите сопствени предизвици е најлошиот начин за справување со истите. Имајте го тоа на ум и почнете да се дисциплинирате себеси во носење на вистинските одлуки, на вистинскиот начин.

1. Немојте бурно да реагирате

Бурната реакција ќе ве предизвика да донесете лоши одлуки. Кога не ги држиме емоциите под контрола, донесуваме одлуки за кои подоцна се каеме. Следниот пат кога ќе бидете соочени со некаков предизвик не препуштајте се на вашите емоции, туку анализирајте ги вашите мисли и останете смирени за да бидете способни да носите попаметни одлуки.

7 начини да се справите со животните предизвици

2. Прифатете ја моменталната реалност

Прифатете ги работите и луѓето онакви какви што се во моментот. Морате да сфатите дека нема сè да се одвива онака како што вие сте планирале. Доколку не можете да ја прифатите реалноста, ќе бидете многу исфрустрирани од вашиот живот. Многу луѓе секојдневно се обидуваат да сменат некој или нешто врз кое немаат контрола и кога ќе сфатат дека не можат, се чувствуваат мизерно. Колку побрзо научите да ја прифаќате моменталната реалност (вклучително и предизвиците со кои се соочувате), толку посмирено и побистро ќе почнете да размислувате за следниот чекор кој треба да го преземете за да ги остварите вашите зацртани цели.

3. Не обвинувајте ги другите

Многу луѓе имаат навика да ги обвинуваат другите луѓе за нивните проблеми, бидејќи не сакаат да ја преземат одговорноста за одлуките кои ги прават во нивниот живот. Колку повеќе ги обвинувате другите за проблемите со кои се соочувате во животот, толку повеќе ќе ги одбивате луѓето околу вас. Најбитната работа која треба да ја направите кога сте соочени со некаков предизвик е да покажете прст спрема себеси, а не спрема некој друг. Што вие сакате да се случи? Како вие сакате да изреагирате на предизвикот?

7 начини да се справите со животните предизвици

4. Вежбајте самостојност

Создадете си навика да размислувате дека каков и да е крајниот резултат, нема драстично да влијае на вашите емоции. Да речеме дека вашиот проблем е преголемата трема и нервоза што ја чувствувате пред јавен настап. Таквата трема се јавува како резултат на тоа што премногу размислувате за тоа дали на луѓето ќе им се допадне она што го кажувате. Едно е факт: на некои луѓе ќе им се допадне вашиот говор, а на други нема.

Вашата задача е да ги прифатите карактерите на луѓето онакви какви што се и да не станувате премногу емотивни и да се возбудувате поради нивните реакции. Пред да појдете кон говорницата речете си во себе: „Јас знам што да кажам и ми се допаѓа мојот настап онаков каков што го замислив, без разлика што другите луѓе ќе мислат.“ Кога ќе почнете да размислувате вака, вашиот страв и несигурност ќе исчезнат.

5. Немојте премногу да анализирате

Кога премногу време трошите размислувајќи на некоја ситуација, наместо да барате решение на истата, вие ќе почнете да ги осудувате сите околу вас, а на крајот, можеби и самите себе. Автоматски ви станува проблем да ја прифатите реалноста и на крајот доаѓате до констатација дека таквата состојба не чини. Наместо да преземете акција и да се обидете да го промените она што не ви се допаѓа, вашиот мозок сè повеќе ќе се „затапува“ бидејќи премногу сте го оптовариле со конкретната ситуација. На крајот најверојатно нема да направите ништо, бидејќи повеќе и нема да знаете што е правилно, а што погрешно, па наместо решение, вие сте си создале фрустрација плус во животот.

Размислувајте неколку часа или неколку дена (ако станува збор за покомплексен проблем) и потоа тргнете во поход кон остварување на вашата цел.

7 начини да се справите со животните предизвици

6. Прифатете ги промените во вашиот живот

Многу луѓе не ги сакаат промените во животот и одбиваат да ги прифатат бидејќи тие ги вадат надвор од нивната „удобна зона“. Понекогаш ќе се чувствувате среќно, другпат мизерно, но она што е битно да го запомните, е дека ниедна од тие две состојби не е вечна. Морате да го истренирате вашиот мозок да биде спокоен во секој момент, без разлика на емоционалната состојба во која моментно се наоѓате.

7. Не споредувајте го вашиот живот со туѓиот

Тешко е да не се споредуваме со другите луѓе кои ги познаваме, бидејќи потребата за компарирање е составен дел од човековата природа. Но, имајте на ум дека колку почесто се споредувате себеси со вашите пријатели, роднини или познаници, толку пофрустрирано ќе се чувствувате. Секогаш ќе познавате луѓе кои ќе бидат поуспешни од вас, но клучот за вашата хармонија е да запомните дека само вие сте креатори на вашата животна приказна и успех.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар