7 карактеристики на зрелите луѓе

Зрелоста на еден човек во нашето општество најчесто се изедначува со прифаќање на широко прифатените норми на однесување карактеристични за одредена возраст, но психолозите поинаку гледаат на овој проблем. Некој може веќе да има широки знаења од одредена област, одлично да комуницира, да има дете на 25-годишна возраст, но тоа не значи дека стекнал емоционална зрелост. Д-р Тим Елмор издвојува седум битни карактеристики кои човек треба да ги усвои за да може да се нарече зрел.

7 карактеристики на зрелите луѓе

Знаат да го одложат задоволството

Една од најзначајните карактеристики на зрелите луѓе е способноста да го одложат задоволството. Пример за одложување на задоволството е ученик кој домашните задачи ги завршува во петок за да има целосно слободен викенд. Тој задоволството од слободата го одложува за периодот кој доаѓа откако претходно ќе се соочи со маката на вложувањето труд. Созреаната личност нема проблем на ваков начин да го одложува задоволството кога се работи за долгорочни цели. Таа ќе продолжи да работи на нив дури и кога уживањето ќе изостанува, но е свесна за позитивните резултати кои ја очекуваат.

Знаат да се справат со комплименти и критики

Созревањето значи учење дека ништо не е онолку добро колку што можеби изгледа, ниту е толку лошо колку што се чини. Затоа оние кои веќе созреале знаат да ги прифатат комплиментите и критиките, а воедно тоа да не им влијае премногу на сопствената слика за себе. Тие нема да се дигнат во облаци од убави зборови за нив, ниту ќе се паднат во депресија од лошите критики.

Поседуваат скромност

Наспроти раширеното погрешно гледиште, скромноста не е особина која се манифестира со тоа што ќе се откажете од своите потреби и ќе се задоволите со малку. Тоа подразбира цврсто да стоите на земја, да бидете свесни за сопствената вредност и да го барате она што мислите дека ви припаѓа. Скромниот човек оддава почит на оние кои му помогнале и не очајува по туѓите признанија. Тоа е зрелост и е спротивно на ароганција.

7 карактеристики на зрелите луѓе

Носат рационални одлуки врз основа на принципи

Ќе препознаете незрел човек по тоа што заклучоците и одлуките го носи врз основа на емоциите кои го преплавуваат во дадениот момент. Зрелиот човек има свои принципи, добро изграден сопствен систем на вредности и не отстапува од нив ниту кога е соочен со тежок предизвик. Секогаш носи рационални и независни одлуки.

Благодарни се

Незрелите претпоставуваат дека го заслужуваат сето убаво што им се случува, без разлика колку сработиле за да го достигнат тоа. Оние другите знаат дека сè мора да се заслужи, знаат дека патот до успехот не е лесен и свесни се колку имаат во споредба со другите. Тие секогаш чувствуваат благодарност за она што го постигнале, кон себе и кон оние што им помогнале во тоа.

Знаат како и кога да им дадат приоритет на другите

Постојаното давање приоритет на туѓите потреби пред своите може да нанесе многу штета по менталната состојба на една личност, но доколку таа поседува вистинска зрелост, тогаш ќе знае кога и како да го стори тоа. Нивниот свет не се врти само околу самите нив, туку тие знаат да им помогнат и на оние кои имаат потреба од тоа. Знаат да проценат кога треба да постапат така, а кога не.

Отворени се за учење во текот на целиот живот

На крај, зрел човек знае дека не знае сè. Колешката на д-р Елмор, д-р Сузан Питерс има кажано дека децата имаат добри шанси да созреат ако тоа прво им успее на нивните родители. Оној кој е доволно зрел да биде родител не се поставува кон другите како да ги знае сите одговори на овој свет, туку продолжува постојано да учи и да бара совети кога му се потребни.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар