6 најчести грешки кои ги прават луѓето кои се во врска

6 најчести грешки кои ги прават луѓето кои се во врска

Се сакаме, па се мразиме, потоа ни е пак убаво, па се караме, се лутиме и си кажуваме сѐ и сешто, за на крајот повторно гушнати да лежиме на каучот. Ова се само дел од сосема нормалните и очекувани работи кога ќе се спојат луѓе со различни карактери и ќе започнат врска. Поминуваме и низ многу убави и низ многу лоши моменти, при што убавите се обидуваме да ги запомниме, а од лошите да научиме нешто и да ги смениме.

(1)-6-najchesti-greshki-koi-gi-pravat-lugjeto-koi-se-vo-vrska-kafepauza.mk

Сите парови имаат свои проблеми кои, поединечно гледано се различни. Но дури и покрај тоа што самата тема на расправија е различна, старите имаат поговорка дека сите врски се исти. Зошто е тоа така? Бидејќи претежно сите ги правиме истите грешки, само на свој начин. Односно, позадината на тие проблеми може да се смести во 6 најчести грешки кои ги прават партнерите во врската.

1. Го земаат партнерот здраво за готово

Додека да влезат во врска, луѓето прават сѐ што можат за да го привлечат вниманието на личноста која им се допаѓа, а откако ќе успеат во тоа грешат сметајќи дека повеќе нема потреба да ја освојуваат. Но факт е дека врската, како и сѐ друго, е нешто на кое постојано треба да се работи. Токму затоа на освојувањето никогаш не треба да му дојде крај. Наместо да го земаат партнерот здраво за готово, малите знаци на внимание ќе завршат убава работа во искажување на чувствата. Бидејќи колку и да било тешко да се влезе во врската, верувајте дека раскинувањето на истата може да биде многу полесно. Тоа што партнерот е сега тука не значи дека и покрај сѐ ќе продолжи да биде таму.

2. Стануваат посесивни

Сето она кое припаѓа во некои нормални граници на дозволеното, е прифатливо. Со други зборови, секое однесување во врската е во ред сѐ додека се почитуваат поставените граници на слобода, уживање и почит. Со преминување на овие граници настануваат проблеми. Токму затоа, оние претерани и посесивни реакции ќе создадат одбивност кај партнерот. Убаво е да сакате некого со цело срце и душа, нормално е да се грижите за тој некој и очекувано е да постои доза несигурност. Но откако ќе влезете во врска, тоа би требало да значи дека веќе почнувате да работите на меѓусебната доверба и разбирање, односно почитување на туѓата слобода и отворање на сопствените видици бидејќи повеќе не станува збор за една личност, туку за двајца.

3. Се жалат на сите други, освен на партнерот

Ако постои правило дека тоа што се случува во семејството останува во семејството, тогаш истото важи и за врската. Проблемите настануваат меѓу партнерите, па логично е дека само тие можат да си ги решат. Иако е разбирливо да зборувате со пријател за да побарате совет, воопшто не е во ред да очекувате проблемот да се реши сам од себе ако не сте се ни обиделе да зборувате со вашиот партнер. А она што можеби најмногу ќе го погоди партнерот е фактот дека не сте му се обратиле нему туку сте се жалеле прво на некој друг. Клучот на успешната врска е комуникацијата меѓу партнерите. Скоро сeкој проблем во врската може да се реши со разговор, но само доколку разговарате со партнерот.

4. Постојано ја преиспитуваат врската

Кога сте подготвени за тоа дека врската нема да ви успее, веројатноста дека тоа навистина ќе се случи се зголемува. Ова доста едноставно се објаснува со тоа што кога мислите дека нешто нема да трае, посветувањето себеси и обврзувањето на тоа се малку веројатни. Тоа понатаму води кон проблеми бидејќи не постои прилагодување кон потребите на партнерот, ниту пак размислување за врската како единство од двајца, а тоа сигурно ќе води кон поголеми проблеми или раскинување. Постојаното преиспитување за тоа дали врската е долготрајна и дали вреди не е воопшто здраво за неа.

5. Не го ставаат партнерот на прво место

Што и да прават луѓето, свесно или не, го прават на база на приоретизирање. Во даден момент тие одлучиле да прават нешто или да бидат со некого на база на тоа што тоа или тој некој им биле поважни во споредба со нешто или некој друг. Земајќи го ова предвид, може многу брзо да видите на кое место на вашата скала на приоритети се наоѓа партнерот. Многу често, за жал, токму поради фактот дека партнерот го земаме здраво за готово и очекуваме да биде тука без разлика на сѐ, тој и не ни е баш меѓу поважните приоритети. А кога одбирате нешто друго наместо личноста која треба да ви биде на прво место (во поголем дел од случаите), очекувајте проблеми.

6. Се откажуваат од врската

Без разлика на сѐ, кога некого сакате, не се откажувајте туку така од него. Секоја врска се става некогаш на тест и во секоја врска има предизвици кои парот треба заедно да ги надмине. А кога едниот се откажува, тогаш ни на другиот нема да му треба многу време да го направи истото, бидејќи врската не може да опстане кога постои константно давање од едната страна и константно земање од другата. Врската треба да е борба кога станува збор за некој за кој вреди да се борите, па затоа прераното откажување од неа може само да донесе негативни поени. А кога нешто навистина се сака, тогаш и целото однесување се насочува кон негово постигнување. Без сомневање, ова ќе важи и во спротивна насока.

(2)-6-najchesti-greshki-koi-gi-pravat-lugjeto-koi-se-vo-vrska-kafepauza.mk

Врската претставува прилагодување и полно компромиси зачинети со многу, многу љубов. Сите грешки кои ги правиме додека сме во врска се поради тоа што сите сме свои личности, со свој карактер и свои размислувања кои дотогаш функционирале бидејќи не сме имале потреба да размислуваме и за некој друг. Но во врската сѐ што правиме влијае на партнерот и обратно. Па доколку сакаме таа да опстои, потребно е да работиме на неа заедно во пар, односно да се обидеме да ги избегнеме овие најчести грешки кои сите ги правиме, помалку или повеќе.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар