6 карактеристики на храбрите луѓе

Уште од мали сме бомбардирани со примери за храбри луѓе од кои треба да учиме за да бидеме почитувани. Од борбата на Давид против Голијат, преку холивудските суперхерои од типот на Супермен или Рамбо, па сè до бестрашните возачи од „Брзи и бесни“ и девојките кои „имаат храброст“ да се сликаат голи, на располагање имаме мал милион примери за храброста.

6 карактеристики на храбрите луѓе

Сепак, таа не може да се врзува само со физичката сила. Постојат и луѓе како Нелсон Мандела, Пауло Коелјо или Стив Џобс кои биле доволно храбри да преземат одредени ризици со цел да го следат својот сон и да ги одбранат идеите во кои веруваат. Ова се шест карактеристки кои се заеднички за нив и за нивниот начин на однесување во моментите на тешки предизвици.

Чувствуваат страв, но сепак дејствуваат


„Научив дека храброста не значи отсуство на страв, туку победа над него. Храбар човек не е оној кој не чувствува страв, туку оној кој го совладува.“ – Нелсон Мандела

Стравот е сосема природна работа. Самиот ризик дека човек може нешто да загуби неизбежно доведува до страв. Храбрите луѓе се издвојуваат во таквите ситуации со тоа што одлучуваат да се соочат со него и да дејствуваат во насока на остварување на своите цели.

Го следат своето срце


„И најважно од сè, имај храброст и следи ги срцето и интуицијата. Тие некако веќе сфатиле што навистина сакаш да бидеш.“ – Стив Џобс

Препораката да се следат срцето и интуицијата може да звучи како излитена фраза, но е подеднакво применлива како и порано. Во моментите кога општеството наметнува одредени стандарди кои можеме, но не мораме да ги прифатиме, важно е човек да погледне во својата душа за да види што навистина сака. А, за тоа треба храброст.

6 карактеристики на храбрите луѓе

Упорни се и кога не им оди


„Херојот не е похрабар од просечниот човек, но е храбар пет минути подолго.“ – Ралф Валдо Емерсон

Откако неколку пати по ред нема да успеат во остварување на некоја цел, луѓето се полнат со страв дека по секој нареден обид ги чека истиот поразителен крај. Вистински храбрите луѓе во такви моменти продолжуваат да се обидуваат, го следат срцето и дејствуваат иако се плашат. Кога–тогаш успеваат да постигнат нешто, благодарение на својата храброст.

Цврсто се држат до своите вредности


„Гневот е увертира кон храброста.“ – Ерик Хофер

Сеедно што мисли мнозинството, храброста подразбира одбрана на своите вредности и ставови. Не може да стане збор за храбро однесување ако еден човек се потчинува на одреден авторитет или ако слепо се бунтува против него. Неопходно е да се има сопствен став за тоа што е исправно и тоа да се брани кога ќе се појави потреба.

6 карактеристики на храбрите луѓе

Се стремат кон проширување на своите погледи


„Животот се собира и се шири пропорционално со храброста.“ – Анаис Нин

Преиспитувањето на ставовите за животот е неопходност која им е достапна само на храбрите. Тие не се плашат да се соочат со себе и да си ги согледаат своите недостатоци. На крајот, од тоа излегуваат како победници и како подобри луѓе.

Достоинствено се соочуваат со страдањето


„Нема потреба да се срамите од солзите, затоа што тие сведочат за најголемата храброст, храброста да се страда.“ – Виктор Франкл

Страдањето е неизбежен дел од животот. Многумина се обидуваат да го избегнат дури и по цена да пропуштат многу убави моменти. За разлика од нив, храбрите ризикуваат, а кога нема да успеат, не се срамат од неуспехот. Го прифаќаат достоинствено, го признаваат без срам и со верба дека следниот пат ќе биде подобро.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар