5 вистини за промените во животот

Самата помисла за некаква промена во нашите животи може да биде застрашувачка. Постојат личности кои лесно се носат со промените и кои не се плашат да излезат од сигурниот и веќе проверен пат, да преземат ризик и да направат промена. Но постојат и такви кои ретко кога се одлучуваат за какви било промени. Најчесто одлуката за преземање на ризикот кој го носи промената е многу тешка. Но еве неколку вистини за промените кои можеби ќе ви помогнат да донесете важна одлука која ќе ви го промени животот.

5 вистини за промените во животот

Промената е важна

Промена му е потребна секому. Замислете да живеевте живот без избор, живот полн со монотонија. Секое утро да станувавте во исто време, да ја јадевте истата храна, да ги работевте истите работи без никаков исклучок. Колку би ви било здодевно и дали некогаш би успеале да напреднете на кое било поле во животот?

Важно е да се запамети дека промената не е страшна, луѓето прават промени и самите луѓе се менуваат. Ако не се менувавме, тогаш немаше да растеме и созреваме, да еволуираме во позрели и поуспешни личности. Играта на сигурно честопати е во ред, но ако не преземете никаков ризик и никогаш не се одлучите за промена, како тогаш би напреднале во поискусната и поуспешна верзија од себе?

Промената е добра

Вие самите може да одберете како ќе гледате на промените. Можеби како голем ризик или како нешто кое ви помага да ги осознаете сопствените можности и потенцијали. Ништо во животот не може строго да се карактеризира само како „добро“ и „лошо“, туку сè зависи од нашето лично искуство и од начинот на кој ние ги гледаме и доживуваме работите.

На пример, на промената на местото на живеење некој гледа како на многу негативна работа бидејќи ќе треба да ги напушти пријателите од соседството и веќе проверениот начин на живот. Но друг, тоа ќе го гледа како авантура, можност да ги прошири своите видици и познанства и да најде подобро место за живеење. Значи во сушина е истата работа интерпретирана на два различни начини. Затоа, ослободете се од негативностите и мислете на позитивните нешта кои ќе излезат како резултат од промената.

Промената може да биде забавна

Доколку сте личност која многу тешко се одлучува за каква било промена во својот живот, почнете со едноставни и лесни промени. Како на пример, преуредување на просторија во домот. Сами ќе забележите дека промената ви годи, дека сте искусиле нов начин на кој работите можат да се одвиваат и дека со таа промена сте ги направиле нештата подобри. Всушност имате поголем избор и не сте ограничени. Сè додека не научите на промената да гледате како на забавно нешто кое ви нуди многу варијанти за да се пронајдете себеси и своите желби, вие ќе продолжите да се плашите од промени.

Промената е привремена

Промената и тоа како може да изгледа како многу страшна работа. Но еве интересна вистина. Ние луѓето со тек на време просто се навикнуваме на работите. На пример, кога завршивте основно училиште и се запишавте во средно, нели тоа беше голема промена? Нели бевте исплашени за тоа како ќе се соочите со таа промена, но сепак се навикнавте на средношколскиот начин на живот?

Ние умееме да се прилагодиме кон ситуацијата со која сме опкружени, секој човек го може тоа и всушност постојано и го прави, некогаш и незабележливо. Важно е да запаметите дека она што ви изгледа сосема ново и страшно денес, за брзо време ќе ви биде веќе познато и влезено во рутина. Промената нема долго да ја доживувате како промена туку како начин на живот.

Промената се преживува

Колку и да ви звучи страшно, сте преживеале многу промени во минатото, а ќе преживеете многу и во иднина, како вие, така и секој човек. Можеби изгледа како тежок предизвик, но промената е возбудлива, гледајте на неа како што дете ја гледа својата нова играчка. За многу скоро ќе погледнете назад и ќе се прашувате зошто толку сте се плашеле од промената?

Во природата ни е да сакаме повеќе од она што веќе го имаме, да свикнуваме на промени, да се унапредуваме и да учиме и доживуваме нови нешта. Доколку не ви се допаѓа вашата работа, доколку мислите дека можете многу повеќе со својот капацитет и знаења, тогаш зошто да се ограничувате себеси со стравот од промена? На стравот од промените гледајте како на вашите детски стравови од темнината. Нели сега ви звучи глупаво и смешно што кога имавте 10 години се плашевте од чудовишта во темнината?

Промената е важна и неопходна. Некогаш ќе резултира одлично, некогаш не толку добро, но ако не преземете никаков ризик, не очекувајте дека некогаш ќе бидете повеќе од она што сте сега.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар