5 прашања што треба да си ги поставите доколку очајно посакувате да најдете љубов

Доколку сте сингл подолго време, сигурно сте се запрашале дали некогаш повторно ќе најдете љубов. Тука не мислиме на оние кратки и минливи авантури, полни со занес и страст. Мислиме на вистинска, постојана и моногамна љубов што на крајот ќе доведе до заеднички живот или брак. Но, во оваа дигитална ера, луѓето толку многу се фокусираат на кратките врски што забораваат како изгледа вистинската, сериозна врска.

5 прашања што треба да си ги поставите доколку очајно посакувате да најдете љубов

Иако веројатно уживате во статусот сингл, сигурно барем еднаш сте посакале да имате човек кому ќе можете да му се јавите кога ќе ви се случи нешто убаво или лошо, кој секогаш ќе биде тука со вас и со кого ќе можете да споделувате нежности. Многу луѓе се загрижени за нивниот љубовен живот, но не би требало. Доколку сте опседнати со идејата да најдете љубов, ова се 5-те прашања што треба да си ги поставите…

1. Што одбегнувате?

Доколку се опседнувате со надворешни фактори, тоа обично се случува затоа што одбегнувате некаков внатрешен конфликт што ве измачува. Мислите дека нова љубовна врска, кариера, автомобил, облека или одмор ќе ви ги решат проблемите. Но, вистината е дека само вие можете да си помогнете. Дури потоа ќе се појават сите останати работи и ќе го надополнат вашиот веќе исполнет и среќен живот.

Ако имате некакви внатрешни конфликти и притоа вмешате уште еден човек во целата ситуација со тоа што ќе започнете врска, само ќе ги влошите проблемите. Наместо да барате надворешно решение за внатрешен проблем, обидете се да откриете зошто толку очајно посакувате да најдете љубов. Што одбегнувате? Ако работите на себе, љубовта природно ќе се појави во вашиот живот.

2. Дали се сакате себеси?

Ако се сакате себеси, секогаш ќе бидете вљубени во некого. Колку и да ви звучи глупаво, тешко е да сакате некого, доколку не се сакате себеси најпрво. Не можете да очекувате дека ќе се појави човек кој ќе ве спаси, и покрај тоа што ви го велат филмовите и книгите. За да имате здрава врска со некого, мора прво да бидете во здрава врска со себеси. Доколку сте опседнати со идејата да најдете љубов, можеби тоа се случува затоа што ви е тешко да се сакате себеси. Но, мора прво да пробате да се вљубите во себе за да можете полесно да се вљубите во некој друг и да си дозволите да почувствувате вистинска љубов.

5 прашања што треба да си ги поставите доколку очајно посакувате да најдете љубов

3. Дали сте добри партнери?

Многумина размислуваат за тоа каков партнер би сакале да имаат, но не размислуваат за тоа какви партнери биле тие самите во претходните врски. Сигурно и вие имате листа на критериуми што треба да ги исполнува вашата сродна душа. Можеби сметате дека треба да биде лојална, внимателна, искрена, со темна коса, дружељубива и грижлива. Меѓутоа, дали сте размислиле за вашето однесување? Дали мислите дека сте совршени партнери и дека не мора ништо да промените кај себе?

Ваквиот себичен начин на размислување ви ја попречува потрагата по вистинска љубов. Ако сте опседнати со идејата да започнете врска, размислете за вашето однесување. Какви се вашите навики кога сте во врска? Работете на стекнувањето здрави навики и нештата ќе почнат да се менуваат.

4. Дали имате активен живот?

Луѓето кои водат активен и исполнет живот, немаат време да се грижат толку многу за љубовта. Ако поминувате време со вашите пријатели, имате разни хобија и градите кариера, нема да бидете целосно фокусирани на вашиот партнер кога конечно ќе започнете врска. Луѓето ги привлекуваат поединци кои имаат интересен и возбудлив живот. Доколку не правите ништо во животот, само затоа што очајно се обидувате да најдете партнер, токму тоа е главната причина зошто сѐ уште не сте го нашле.

5. Дали можете да бидете сами?

Дали сте помислиле што ќе се случи доколку останете засекогаш сами? Како би се чувствувале кога никогаш не би се венчале и не би имале деца? Дали би биле среќни? На прв поглед, оваа помисла звучи ужасно. Но, ако размислите подобро, ќе дојдете до заклучок дека нема да умрете од осаменост и дека би можеле да имате навистина забавен живот. Би можеле да патувате кога ќе посакате, да флертувате со сите згодни девојки и момци, би имале многу пари затоа што не би имале деца, би можеле постојано да излегувате со друштво без да ви префрла некој за тоа и уште многу други возбудливи работи. Целиот поглед кон светот ќе ви се промени доколку го смените мислењето за сингл животот кој воопшто не е смртна казна иако можеби ви се чини така.

Доколку се грижите за тоа дали ќе најдете љубов, престанете да се опседнувате. Ако се сакате себеси, секогаш ќе бидете вљубени во некого. Колку порано престанете со очајната потрага по љубов, толку побрзо ќе се појави вистинскиот човек за вас. Љубовта е како магија – не можете да влијаете на неа, треба само да ѝ се препуштите.

Не очајувајте доколку подолго време не сте успеале да најдете љубов! Ова се 8-те знаци дека вашата сродна душа наскоро ќе се појави во вашиот живот.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар