5 едноставни чекори до совршено деколте

5 едноставни чекори до совршено деколте

Секоја негувана жена ја краси заводливо деколте. Па, доколку сакате да имате совршено деколте, погледнете ги следниве 5 трикови од познати козметичарки кои ќе ви помогнат во вашата цел…

5 едноставни чекори до совршено деколте

1. Обрнете внимание на вашиот врат

Вратот е клучната точка која го пренасочува сечиј поглед кон деколтето и токму затоа треба да му посветите исто толку внимание како и на останатиот дел од вашето тело. За да го постигнете тоа, обидувајте се барем два пати неделно да правите пилинг на вратот со цел да ги отстраните мртвите клетки. Тоа ќе ја омекне текстурата на кожата и ќе ги намали брчките. Некои жени прават пилинг на вратот и почесто, но 2 пати неделно е сосема доволно за обновување на кожата бидејќи доколку претерувате, тој може да доведе и до сушење и оштетување на самата кожа.

Совет: Наместо купечки пилинг, можете да користите и домашен кој нема хемикалии кои можат да ви наштетат. Сè што треба да направите е да измешате две лажици мед со две лажици шеќер и нежно да го масирате вратот со смесата.

2. Хидратација на деколтето

По пилингот, но и општо по секое туширање, вие треба да ја „храните“ кожата кај деколтето и вратот. За тоа е доволен и вашиот омилен лосион за тело, но ако сакате вашата кожа да биде помека пробајте кокосово или бадемово масло. Тие се одлични за чувствителна кожа бидејќи не содржат алергени, како и за сува кожа бидејќи создаваат заштитен слој кој ја чува нејзината влажност.

Совет: Ако имате намера да нанесувате парфем на областа околу вратот и деколтето, тогаш одберете неутрален лосион кој нема мирис со цел да не се измеша со миризбата на парфемот.

3. Заштита од сонцето

Жените многу често забораваат дека овој дел од телото е најмногу изложен на сончевите зраци. Кожата кај деколтето е тенка, сува и помалку еластична од кожата на останатиот дел од телото и токму затоа е многу чувствителна. Пожелно е да ја заштитите од сонцето, особено доколку одите во природа каде што ќе бидете подолго време изложени на сонце. Користите лосиони за тело со заштитен фактор или минерални креми кои исто така штитат од сончевите зраци.

Совет: Некои природни масла исто така имаат заштитен фактор и се добар избор во борбата против ултравиолетовите зраци. Меѓу најсилните од нив е маслото од семки од малини кое е идеално за сите типови кожа, особено за оние кои се почувствителни. Може да ви помогне и маслото од лешници.

4. Справете се со црвенилото

Ако ве нервираат црвените дамки кои се појавуваат на вашето деколте кога сте испотени или кога вашата кожа е иритирана, не грижете се бидејќи и за тоа постои решение. Сè што треба да направите е да се намачкате со кралицата на лековитите билки – алое вера. Таа одамна е една од главните состојки на многу козметички препарати поради своите неверојатни својства на смирување. Таа веднаш ќе го ублажи црвенилото или воспалената кожа на деколтето кои настануваат од сонцето или други видови иритација.

Совет: Ако имате чувствителна кожа, во својата чанта секогаш носете мало пакување гел од алое вера со кое ќе можете во секое време да ја намачкате вашата кожа.

5. Нагласете го деколтето со малку шминка

Не мора да посегнувате по драстични решенија како контура на целото деколте како што прават дел од славните убавици. Доволно е само кога носите маица со длабоко деколте без ракави, на врвот од рамената и на самото деколте нежно да нанесете малку хајлајтер кој моментално ќе го освежи вашиот изглед. Доколку сакате понагласено деколте, нанесете малку хајлајтер и на оние места каде што вашите гради се најбујни.

Совет: Во летните месеци, кога кожата станува малку потемна, можете да користите и бронзер кој ќе му даде на вашето деколте поголем сјај. Само бидете внимателни со количините.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар