30 предизвици за 30 дена!

30 предизвици за 30 дена!

Велат дека за да создадете нова навика потребни се 30 дена. Самиот процес не е баш наједноставен, потребни се одлучност и посветеност, особено ако сакате некоја стара навика да ја замените со нова. Но, кога станува збор за подобрување на некои аспекти на нашиот живот и работење на тоа да бидеме сè подобри личности, тогаш трудот дефинитивно вреди!

Размислете добро каква личност сакате да бидете за 5 години од сега, кои доблести сакате да ги поседувате, а кои навики да ги отстраните. Изберете го вашиот предизвик и бидете доследни 30 дена, затоа што времето секако поминува без разлика дали ни се допаѓа тоа или не. Па тогаш, зошто да не го искористите месецот пред вас за животна промена? На крајот на краиштата, не мора да биде некоја животна промена, можеби редно е да најдете време секој ден за нешто во коешто уживате. Еве некои интересни идеи кои можеби ќе се најдат на вашиот список.

30 предизвици за 30 дена!

1. Пишувајте по една убава порака за некој што го сакате. Сигурно има барем 30 нешта што ги сакате кај драгата личност. Искористувајте по една за вашите пораки секој ден во наредниот месец.

2. Секој ден нова фотографија! Не дозволувајте прекрасните моменти да поминат незабележни, овековечете ги.

3. Одвојте време за љубов кон самите себе и научете да се сакате со сите доблести и недостатоци.

4. Разговарајте со непознат. Ќе ја победите срамежливоста, а можеби и ќе наидете на некоја несекојдневна приказна.

5. Размислете повторно за некои ваши верувања и запрашајте се дали сè уште стоите зад нив. Ако не, можеби е време за реевалуација на она во коешто верувате.

6. Одвојте 30 минути за прошетка!

7. Пробувајте нов рецепт секој ден. Најблиските сигурно ќе се израдуваат.

8. Откажете се од алкохол во наредните 30 дена. Можеби е најдобро да се одлучите за овој предизвик откако ќе завршат куќните слави. 🙂

9. Отсекогаш сте сакале да напишете роман? Ве предизвикуваме, 50.000 зборови за 30 дена!

10. Искористете го вашиот талент за сликање и научете некоја техника во наредниот месец. А и да не сте многу талентирани, кој вели дека мора да имате талент за да си играте со бои?

11. Гледајте документарец секој ден и проширете ги вашите знаења.

12. Прочитајте неколку страни од вашиот омилен роман.

13. Одберете тема или вештина којашто сакате да ја совладате еден ден и одвојувајте време секојдневно во нејзино изучување.

14. Офлајн цели 30 дена! Без Фејсбук, Твитер, вести, телевизија… само вие и вашето слободно време. Ограничете го протокот на информации, изберете неколку омилени сајтови (не ја заборавајте Кафе пауза 🙂 )  и пробајте да живеете едноставно.

15. Имате лоша навика од која навистина сакате да се ослободите? Одложувањето нема никако да помогне, така што, соберете сили и преминете на дело. Ние целосно ве поддржуваме!

16. Инспирирајте се! Некоја добра песна, инспиративно видео, нова мантра за време на вашата медитација, што и да е, само да го одржува вашиот дух. Инспиративните и креативни луѓе се докажано посреќни.

17. Водете дневник, 30 дена без отстапка. Ова е одличен филтер за вашите насобрани емоции, а и секогаш ќе имате прекрасно место за да се навратите на убавите спомени.

18. Цел месец без ниту една лага? Ова сигурно е еден од најтешките предизвици на листата, но можеби конечно ќе научите да го кажете она што ви лежи на душа на начин на којшто нема да ги повредите луѓето околу вас.

19. Будете се рано секој ден. Докажано е дека организмот најдобро функционира кога имате точно одредено време за легнување и станување. Потрудете се барем наутро да станувате во приближно исто време секој ден.

20. Победете ги конечно вашите стравови! Се плашите да му се спротивставите на шефот, цел живот ги избегнувате лифтовите или пак не погледнувате од балкон доколку се наоѓате повисоко од втори кат? Време е да се соочите со стравовите, со по еден секој ден.

21. Медитирајте.

22. Секој ден, направете нешто хумано и од срце, нешто што нема корист за вас воопшто, а многу би им помогнало на другите.

23. Сигурно има мал милион работи во вашиот дом кои треба да се поправат, преместат или едноставно да се фрлат. Менување на прегорената светилка или поправање на чешмата што капе се мали задачи кои нема да ви одземат премногу време, а ќе направат веднаш да се чувствувате подобро.

24. Организирајте си филмски маратон – којшто ќе трае 30 дена. Сите филмови што некогаш сте сакале да ги гледате, а сте немале време, омилените филмови што би ги гледале пак, а и оние за коишто сте сигурни дека не се ваш жанр, но би било добро да ги гледате заради проширување на видиците.

25. Сменете го ставот и наредниот пат кога ќе ве прашаат како сте, одговорете – прекрасно! Уште подобро, во наредните 30 дена користете само позитивни зборови кои ќе измамуваат насмевки и ќе направат да се чувствувате одлично.

26. Споделете го вашето знаење или некоја ваша вештина со луѓето околу вас и научете некого по нешто секој ден.

27. Создадете нешто сосема ново во наредните 30 дена. Во секој од нас се крие креативна душа и сите имаме некој талент кој можеме да го развиеме. За што и да се одлучите да направите, по нецел месец ќе имате нешто ново и целосно ваше!

28. Исплатете некој долг што одамна ве мачи и во наредните месец дена потрудете се да не должите никому ништо.

29. Точно е дека секоја врска треба да се одржува и некогаш е потребна напорна работа за односите да останат добри, но доколу постои личност во вашиот живот којашто постојано ве повредува, можеби е редно време да ја оставите во минатото.

30. Одвојте 10 минути секоја вечер пред спиење и размислете за сè она што ви се случило во текот на денот.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. mhm Reply

    prvo pisuvate da ne lazeme 30 dena,a potoa da velime deka se cuvstvuvame prekrasno iako ne e vistina….heheh

  2. Симона Ристоска Reply

    Идејата на постот е да се изберат неколку предизвици или само еден, важна е посветеноста. А и ако користиме позитивен став за нештата многу побрзо ќе излеземе од лошото расположение и навистина ќе се чувствуваме прекрасно па нема да мора да лажеме 🙂
    Поздрав,
    Симона

Напиши одговор на mhm Откажи одговор