3 навистина добри причини да ѝ верувате на својата интуиција

Во животот има моменти кога носиме одлуки кои целосно се базираат на она што го чувствуваме. Немајќи добра причина зошто го правиме изборот кој го правиме кога притоа има мал милион причини против, ние преземаме чекори базирани на нашите емоции. Додека секоја разумна причина ни вели дека тој избор е погрешен, нашето тело и нашите чувства ни велат поинаку. Некогаш едноставно знаеме.

(1)-3-navistina-dobri-prichini-da-i-veruvate-na-svojata-intuicija-kafepauza.mk

Ова е дело на нашата интуиција која се јавува секогаш кога е потребно да нè спаси од правење избор во погрешна насока. А следниве 3 причини се оние поради кои треба почесто да ја слушаме што има да ни каже.

1. Се базира на претходни искуства и последиците од нив

Грешки не постојат, постојат само искуства од кои учиме. Некогаш позитивни, некогаш негативни, но и во двата случаи тие со себе носат поука која луѓето ја извлекуваат откако ќе се соочат со последиците од својот избор. Така е, сѐ е избор кој луѓето го прават во одреден момент. Веројатноста дека кога би се вратиле назад не би го направиле истото е многу мала, бидејќи во тој даден момент, одлуката сме ја донеле на база на тоа што сме го сакале баш тогаш.

Но што ако повторно дојде момент кога ќе треба да се соочиме со сличен избор во иднина? Тука на сила стапува интуицијата. Доколку ситуацијата во која некој се наоѓа наликува многу на ситуација со која тој се соочил претходно, тогаш интуицијата го прави своето и влијае на тој човек да го преземе потребниот чекор. Доколку минатото искуство било лошо, интуицијата ќе ви посочи да не правите нешто. Доколку искуството било позитивно, тогаш веројатноста дека тој човек ќе направи сличен избор е голема.

2. Мозокот ја интерпретира како мрежа од факти и чувства

Зошто? Бидејќи интуицијата е множество од пресечни точки на различни случувања и емоции поврзани со нив. Без разлика за какво минато искуство станува збор, последиците кои тоа ги носи со себе во мозокот се регистрираат како факти и чувства.

Во иднина луѓето можеби и нема да се сеќаваат зошто во даден момент имаат чувство дека нешто не е во ред или дека сѐ си е на свое место, но потсвеста знае. Интуицијата го интерпретира она што тие го научиле од претходните искуства, па без разлика дали се сеќаваат на нив или не, чувствата кои ги имале тогаш за ситуација многу слична на онаа во која се наоѓаат сега ќе испливаат на површина. А со оглед на тоа дека тие чувства се базираат на извлечена поука, веројатноста дека лажат е многу мала.

3. Поврзана е со сите нервни клетки во телото

Интуицијата се јавува како чувство кое човекот го чувствува во секој дел од своето тело. Кога луѓето се нервозни поради некоја непозната причина, тие ја чувствуваат таа негативна енергија во целото тело како треперење на нервите. Онаа позитивна возбуда која навестува нешто убаво, луѓето ја чувствуваат во стомакот како пеперутки. Сето ова е резултат на телото кое, поврзано со мозокот, ја транспортира интуицијата до секој нервен завршеток. Затоа и таа е толку силна.

Целото тело, со секој свој дел, ги емитира чувствата кои интуицијата ги носи со себе. А кога нешто е толку моќно, невозможно е да не се послуша.

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар