20 работи за кои животот е премногу краток за да се грижиме

Колку често им се предавате на грижите и им дозволувате да го контролираат вашиот живот? Иако делуваат како многу важни, повеќето грижи само ви пречат да го искусите остатокот од животот во целост. А проблемите, како доаѓаат, така и се надминуваат. Некои полесно, некои потешко. Ова се 20 работи за кои немате време да се грижите во животот:

20 работи за кои животот е премногу краток за да се грижиме

1. Сметки – Навистина мора да плаќаме сметки за да уживаме во разни основни животни задоволства, но грижејќи се за нив нема да ги подмириме. Бидете одговорни и мудри, не трошете повеќе од предвидениот месечен буџет, вратете им ги долговите на роднините и пријателите – тие треба да бидат повторно тука за вас кога ќе заглавите пак за месец-два, и не прескокнувајте ги ратите за отплата на кредитите за стан и за кола. Дури и најстрашното не е толку страшно – луѓе живеат без струја и вода, па и на улица.

2. Пари – Причината и решението на сите проблеми. На сите ни требаат пари за леб, но секогаш кога ќе се загрижите за пари, помислете дека тие се имагинарни – економиите не постојат во природата. Материјалното задоволство не е еднакво на среќата. Грижејќи се да заработите повеќе пари може да завршите работејќи ја работата која ја мразите и дружејќи се со луѓе кои не ви се вистински пријатели. Луѓето кои ги следат своите соништа и страсти успеваат да живеат многу поисполнет живот.

3. Минатото – Треба да се учи од минатото, но не смее да ни претставува товар. Треба да одите напред, тргајќи ја од патот нечистотијата која ја носи минатото.

4. Кој со кого имал секс – Грижете се за вашиот сексуален живот и бидете искрени со вашиот партнер. Нема што да им кажувате на другите со кого сте го направиле тоа и нема зошто да се вклучувате во муабети за сексуалниот живот на другите. Кој со кого имал секс е нивна работа, зборувајќи за тоа се вклучувате во вртлогот на озборувањето.

5. Хејтери – Секогаш и секаде ги има. Не значи дека треба да си го трошите времето со нив. Секогаш ќе има некој на кого нема да му се допаѓа како изгледате, како се облекувате, вашата насмевка или одлуките кои ги донесувате. Доколку им обрнувате внимание на мразачите, нема да можете да одите напред.

6. Работата – Секогаш ќе има итни задачи, проекти и многу обврски на работа. Сите понекогаш имаат стресови на работа. Помага да го сакате она што го работите, но дури и да не е така, нема поента да се нервирате за работата ниту додека сте таму, а уште помалку кога сте дома. Наместо да се жалите и плачете, засукајте ги ракавите и едноставно побрзо завршете со тоа. Што помалку зборувате и се грижите, толку побрзо работата ќе биде завршена. Дополнително, никогаш не срамете се од она што го работите. Не ве дефинира вашата кариера, вие ја дефинирате неа.

7. Стареењето – Стареењето е страшна работа. Сите поминуваме низ истите стравови, стресови и грижи и не можеме да направиме ништо за да го спречиме стареењето. Прифатете го тоа и зграпчете што повеќе во процесот. Престанете да посакувате да бевте помлади. Престанете да се грижите и ако не сте доволно стари за нешто. Детството и младоста си имаат свои предности. Не можете да го забавите или да го забрзате времето. Животот е сега, во реално време.

8. Смртта – Единствен начин да живеете во целост е доколку ја прифатите смртта како нешто нормално што порано или подоцна мора на сите да ни се случи.

9. Што мислат луѓето – Многу луѓе велат дека не им е грижа што другите мислат за нив, но вистината често е поинаква. Обидете се да го живеете животот како никој да не ве гледа. Забавувајте се, бидете свои, без да мислите како би реагирале вашите роднини, вашата другарка или човекот кој седи на другата клупа. Да се вклопите во средината е важно и неопходно во некои ситуации. Да бидете прифатени е потреба која е вообичаено да ја имате, но освен ако не сте јавна личност, не грижете се што ќе мисли светот околу вас секогаш кога ви дојде да се изглупирате. Следете ги своите пориви.

10. Познатите личности – Има луѓе чијашто работа е да ги дознаат најновите трачеви за познатите, но дали ако се опседнувате со животите на луѓето кои избрале да се занимаваат со јавна работа би ве одвело некаде подалеку во животот?

11. Што прават другите луѓе – Има луѓе кои обожаваат да си го пикаат носот во животот на другите. Но во суштина, навистина не треба да се заморуваме што прават другите луѓе. Тие не ни ги плаќаат сметките, не ни ставаат храна на масата, нивните проблеми не се наши и нема потреба зошто да ги правиме да бидат. Не грижете се каде одат другите и што прават – фокусирајте се на себеси. Луѓето кои одат напред, не се споредуваат со другите – тие претставуваат инспирација за оние кои ги следат.

12. Сигурност и удобност – Убаво е да имате удобно место каде што можете да легнете и да ја ставите главата на перница. Убаво е тоа место да ви биде удобно. Тешко е да ви биде удобно доколку не се чувствувате сигурно. Но, понекогаш мора да излезете од удобната зона за да го искусите животот. Преземањето ризици е многу важно во животот. Наместо да се повлекувате во себе и да се грижите, гледајте да се забавувате. Еднаш се живее.

13. Грешките – Не грижете се премногу кога ќе згрешите. Секој прави грешки. Учете од нив за да не ги повторите. Томас Едисон рекол дека грешките се клучот за иновација, некои од најголемите иновации се производ на грешка. Не е крај на светот.

14. Бинго и лотарија – ОК е понекогаш да уплатите ливче за лото, но не треба да опседнувате да ја добиете лотаријата. Исто како што не чекате да ве киднапираат вознземјани. Следете и исполнувајте ги вашите соништа и цели – така ќе чувствувате дека веќе сте ја добиле премијата.

15. Работи кои може да тргнат наопаку – Ако не почнете да правите нешто заради стравот од сè она што би можело да ви се случи, голема е веројатноста да си го преседите животот дома. Треба да знаете како да се соочувате со тешките и незгодни моменти и треба да го правите тоа за да се соочувате полесно во иднина. Колку и да ги планирате совршено работите, нешто може да тргне наопаку. Може да ја испланирате совршената свадба од вашите соништа, но во закажаниот термин за фотографирање на отворено да пукне силен дожд. Животот оди понатаму. Не можете ништо против тоа.

16. Грижење – После некое време, од толку натрупани грижи ќе почнете да се грижите за грижите. Штом влезете во овој затворен циклус, тешко е да излезете од него. Ако се најдете во ваква состојба, не заборавајте да дишете и да си дозволите да се смирите. Престанете да се фрустрирате. Иако животот е подобар без грижи, нема ништо лошо во тоа да се грижите – тоа е природна реакција и добар знак дека треба да позастанете за момент и да се ослободите од она што почнало неконтролирано да ја напаѓа вашата свест.

17. Цени – Ќе заштедите и ќе купите од поевтините праски, па за два дена ќе најдете голем дел од нив скапани во фрижидерот. Без да звучиме буржоаски, квалитетот е важен. Ако навистина нешто ви се допаѓа, работете напорно за да си го дозволите. Подобро така отколку да ги дадете парите за нешто што не ви прави мерак само затоа што е поевтино. Водете сметка за вредноста и квалитетот на продуктите за кои давате пари, особено кога станува збор за храна и лекови.

18. Малите нешта – Малите нешта кои нè фрустрираат се случуваат секојдневно – некој ве испрскал со кола додека сте оделе пешки по тротоарот, храна ви била заглавена меѓу забите за време на средбата со вашата пријателка од средно, ви изгасила колата на три семафори едноподруго, патентот од пантолоните ви бил отворен цело време… Да, вакви работи на сите ни се случуваат и животот премногу брзо тече за да се фокусираме на нив. Наместо на нив, фокусирајте се на формите на облаците, сончевите зраци, зелената трева, на страста, љубовта, цврстите пријателства… Колку мали работи постојат – толку повеќе постојат „големи“ значајни нешта со кои првите лесно можете да ги пребришете.

19. Сè што е надвор од вашата контрола – Сè поминува, сè е привремено и минливо. Наместо да се стресувате за работи кои не можете да ги смените, посветете се на задачите кои се моментално пред вас и во ваши раце.

20. Да бидете совршени – На крајот од денот, мора да се прифатите себеси со сите свои маани и грешки. Тестирајте ги вашите граници и ќе видите колку можете да ги поместите – така и повеќе ќе уживате во животот. Можеби се срамите да преземете иницијатива или опсесивно се посветувате кога треба да завршите некоја задача. Предизвикувајте се себеси – стегнете заби и бидете иницијативни за да ја постигнете целта која ја посакувате и обратно – понекогаш „забрљајте“ ја задачата само за да си докажете дека и површно завршената задача е сепак една задача завршена повеќе за помалку време.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар