11 најголеми (не)свесни грешки кои ги прават мажите во врска

11 најголеми (не)свесни грешки кои ги прават мажите во врска

Факт е дека мажите и жените сосема различно размислуваат и се однесуваат во врска. Додека жените можеби повеќе комплицираат, мажите би дале сѐ за врска во која не би морале многу да вложуваат, односно што поедноставна и врска која бара што е можно помалку од нив. Колку што жените се оптоваруваат со ситници, толку повеќе мажите не можат да ја сфатат таа женска логика бидејќи за нив работите се скоро секогаш црно-бели. Но доколку партнерите успеат да ги согледаат и прифатат тие различни ставови и гледишта, тогаш конечно би можеле да почнат да работат на прилагодување кон нив и изнаоѓање решенија за нивните проблеми.

Attractive Woman Listening To Her Boyfriend

Иако за секој проблем се потребни двајца, во глобала, грешките кои ги прават мажите со кои (не)свесно ја повредуваат врската, а за кои жените би дале сѐ да можат да ги променат, можат да се сумираат во неколку точки.

1. Не размислуваат и често забораваат

Една од најчестите причини за кавги во врската е неразмислувањето на мажите. Наспроти жените кои на секоја можна ситница посветуваат и повеќе од потребното внимание, мажите не се оптоваруваат многу со тоа и ова особено се однесува на оние работи кои за нив како машки се сосема неважни. Дополнително и согласно на ова тие и често забораваат, па не е ни чудно што кавгите поради ова се многу чести. Сѐ што жената бара е малку внимание, па неверојатно е колку можат да направат малку размислување пред да се каже нешто и (барем еднаш) незаборавање на нешто што ѝ е нејзе важно.

(3)-11-najgolemi-greshki-koi-gi-pravat-mazhite-vo-vrska-kafepauza.mk

2. Претпоставуваат

За разлика од жените кои веројатно го помнат скоро секој детаљ од секој момент во врската, машките имаат т.н. пократкотрајна меморија. Тие знаат своето размислување да го базираат на моменталните или не толку дамнешни случувања и зборови, па врз основа на сето тоа да креираат своја верзија на случувањата и секако свој став. Со други зборови, намерно или не, тие претпоставуваат без да ги земат сите факти предвид. Е сега, замислете колку би било поедноставно и колку помалку расправии би имало кога, за да не дојде до погрешна претпоставка, мажот би решил да ја праша жената за тоа што го мачи.

3. Не можат да разберат

Не постои маж кој не се соочил со купот емоции на жената распослани пред него. Тоа е така бидејќи жените комуницираат преку своите чувства, наспроти мажите кои тежнеат да ги скријат емоциите и се водат повеќе по логика и размислување. Тој куп емоции на мажите им делува како голем хаос од кој колку и да сакаат не можат да најдат излез, па во комбинација со нивните претпоставки и размислувања, тие не можат да разберат ниту еден збор кој допира до нивното уво. Ова е често сфатено и интерпретирано како неслушање и негрижа за проблемите на жената, па таа уште повеќе избувнува бидејќи се чувствува како да зборува со ѕид.

(1)-11-najgolemi-greshki-koi-gi-pravat-mazhite-vo-vrska-kafepauza.mk

4. Не посветуваат внимание на малите работи

Подароците нема да ги решат проблемите. Не постои нешто што би ја израдувало жената повеќе од мал знак на внимание и љубов. Тука една од најчестите грешки кои мажите ги прават е мешањето на тој знак внимание со купување подароци. Кога наместо подарок, на жената би ѝ подариле момент како будење наутро со шолја кафе, би убиле повеќе муви со еден удар. Таа ќе се чувствува поубаво, доколку е лута таа лутина во истиот момент би се намалила барем за два пати, а замерка нема да најде сигурно минимум во следните три дена. Наспроти ова, незабележувањето на оние мали работи и потребата таа постојано да ве потсетува да внимавате на нив само ќе ја влошат ситуацијата.

5. Имаат желба да контролираат

Иако ова не се однесува на сите машки, факт е дека поголемиот дел сѐ уште се водат според она старо патријархално воспитување дека тие би требало да го имаат главниот збор. Но уште поголем факт е дека денес работите функционираат сосема поинаку и дека ништо не е како што било, па така ни ова. Денес постои идејата за еднаквост, па склопот на мажи водени од логиката и желбата за контрола и жени водени од емоциите и брзиот јазик знае да биде со лош исход. Затоа наместо наметнување на контрола некаде каде што може да влијае само негативно, подобро би било да покажете почит и доверба и да ѝ ја дадете на жената таа слобода која ви е и вам потребна.

6. Знаат да бидат посесивни

Кога станува збор за жените, мажите знаат да бидат невидено посесивни. Ова е тесно поврзано со љубомората и фактот дека кога нешто е нивно, тие не сакаат да го делат со никого. Токму затоа една од најчестите грешки кои ги прават мажите е посакувањето и тежнеењето кон тоа да ја имаат саканата само за себе. Посесивноста е дефинитивно една од најлошите карактеристики кои мажот може да ги поседува, бидејќи во крајна точка сѐ што ќе произлезе од тоа е таа да се чувствува загушено и затворено во врската. А ова во ниту една врска не завршува со среќен крај.

(4)-11-najgolemi-greshki-koi-gi-pravat-mazhite-vo-vrska-kafepauza.mk

7. Даваат некому или на нешто поголем приоритет отколку на неа

Машките имаат тенденција да приоретизираат во зависност од дадената ситуација или на база на нивните желби и размислувања. Земајќи ги предвид фактите и случувањата во моментот на зборување, тие можат да дадат предност на некој друг или на нешто друго, па тоа да делува како саканата да ја ставаат во втор план, да ја игнорираат или да превидат некои нејзини потреби. Ова особено се случува кога станува збор за нивната работа, егзистенција или семејство, не исклучувајќи ги и пријателите во поретки прилики. Она што доста тешко го прифаќаат машките е дека не постои девојка која не би се налутила поради чувството (а не причината зошто) дека таа била оставена на страна бидејќи нешто друго било поважно од неа.

8. Покажуваат недоверба или ја кршат веќе изградената доверба

Еден од најчестите, за жал, примери за ова денес се стравот дека жената ги изневерила, односно тие се оние кои изневериле. Довербата е еден од основните јазли на секоја врска и како таква, таа постојано треба да се гради и надградува. Кој било знак на недоверба или кршење на веќе изградената доверба меѓу партнерите може да се одрази како трајно негативна состојка или пак да резултира со раскинување на врската. Недовербата се изразува и појавува во многу форми и облици: страв, чувство на несигурност, поглед или погрешно формулиран збор. Кршењето на довербата, пак, може да варира од правење повеќе мали работи кои самостојно гледано се опростливи, до правење една глупост која е доволно голема за да ја разниша врската доста силно. Во секој случај, довербата се гради многу тешко, може да се сруши за еден момент, а е неверојатно тешко да се изгради повторно.

(5)-11-najgolemi-greshki-koi-gi-pravat-mazhite-vo-vrska-kafepauza.mk

9. Себични се

Доколку се земат предвид претходните неколку грешки, не е воопшто тешко да се претпостави дека голем фактор при правење на истите е и дозата себичност која ја поседуваат машките. Умеат толку да се сконцентрираат на себе и своите потреби, што забораваат дека се во врска и дека во неа не се сами. Себичноста го блокира за нив фактот дека сѐ што прават влијае на партнерот исто како што и сѐ што партнерот прави влијае на нив. Обидувајќи се да остварат некои свои желби или целејќи кон заѕидување некои свои ставови, знаат да заборават на чувствата и желбите на нивната сакана, а истиот момент кога таа ќе се почувствува дека не е важна, ќе започнат и проблемите.

10. Го бираат полесниот пат

Доколку имаат избор, мажите секогаш ќе го изберат полесниот пат. Така на пример, наместо да се караат 3 часа за нешто според нив бесмислено, попрво би купиле подарок со кој карањето би се свело на укор (или ќе направат нешто слично што знаат дека ќе делува), па тие 3 часа би ги потрошиле на нешто за нив многу попаметно, како на пример секс. Или, пак, од пуст инает можат да раскинат врска само затоа што во моментот не гледаат друго решение за нивниот проблем. Но факт е дека тој проблем нема да исчезне, туку е само одложен за понатаму. За секоја жена, тој проблем се складира некаде во меморијата и порано или подоцна ќе исплива на површина. Оттука, полесниот пат не е секогаш и најпаметниот.

(6)-11-najgolemi-greshki-koi-gi-pravat-mazhite-vo-vrska-kafepauza.mk

11. Не се свесни колку навистина им значи саканата личност

Додека жените се подготвени да заборават и преминат преку многу работи за доброто на врската, машките во состојба на лутина, гнев или нервоза се способни да ризикуваат сѐ и дури и да не се обидат потоа да ја исправат грешката. Тие размислуваат сосема различно од жените, па во тие моменти веројатно и не им ни паѓа на памет целата слика и колку всушност им е важна таа жена во нивниот живот. Исто така, мажите тежнеат да се сконцентрираат на најсвежи моменти и импресии, па ако тие се повеќе болни отколку радосни, многу веројатно е дека побрзо ќе дигнат раце и (без размислување) несвесно ќе се откажат од личноста која ја сакаат и која многу им значи. Она што е уште полошо од ова е фактот дека многу често тие многу доцна согледуваат што направиле.

Врската бара негување и вложување и од двајцата партнери. Таа исто бара и голема доза откажување, правење компромиси и прилагодување кон тоа единство на двајца со различни карактери, ставови и размислувања. Но најмногу од сѐ, секоја врска бара љубов, разбирање, поддршка, почит и доверба. Почувствувајте кого имате покрај себе и што сѐ таа личност носи во вашиот живот, па доколку поголемиот дел од тоа е позитивно, тогаш бидете подготвени некогаш да си го прегризете јазикот и да голтнете некои работи, бидејќи тоа значи дека сте подготвени и сакате да направите сѐ што можете за таа личност да остане во него.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар