10 работи коишто не треба да ги правите додека возите

10 работи коишто не треба да ги правите додека возите

Иако многу луѓе го практикуваат секој ден, возењето е комплексна активност. Тоа бара од вас да се сконцентрирате и притоа да внимавате на тоа што има на патот, да ја процените далечината и брзината на движење на останатите учесници во сообраќајот, да внимавате и да ги почитувате сообраќајните знаци и слично. Иако мислите дека веќе долго време возите и дека сте ја совладале вештината на возењето, сепак, треба постојано да бидете фокусирани на тоа. Овде ви прикажуваме листа од десет работи коишто не треба да ги правите додека возите, со цел вие и вашите патници да не бидете изложени на опасност.

1. Не зборувајте на телефон

Зборувањето на мобилен телефон е една од најлошите работи коишто може да ги правите за време на возењето. На овој начин вам ви се одвлекува вниманието и се изложувате на дополнителна опасност. Чувајте го разговорот за откако ќе завршите со возењето, или пак најдете соодветно безбедно место за тоа.

2. Не јадете

Јадењето додека возите може да ви изгледа сосема нормално, но, во многу места тоа е спротивно на законот. Јадењето може да биде главната занимација додека возите, но тоа лесно може и да ви го одвлече вниманието, а исто така зафатена е и една од вашите раце.

3. Не дозволувајте да бидете вознемирувани од децата

Кога возите, какви било случувања во автомобилот може да бидат потенцијален фактор на ризик. Ова особено е значајно кога возите со вашите деца. Повеќето деца седат на задното седиште, па поради тоа можеби имате потешкотии да ги контролирате. Но, не свртувајте се, затоа што на овој начин се ставате себеси, а и ним во голема опасност. Ако навистина морате да ги контролирате, подобро најдете место и паркирајте се.

4. Не возете додека сте ненаспиени

Доколку сте изморени и ненаспиени, многу е лесно да задремете, дури и само на една секунда. Одморете се па потоа тргнете на пат, а доколку не можете да чекате, обидете се да се разбудите со кафе или друг енергетски пијалак.

5. Не слушајте гласно радио

Гласното слушање радио во вашиот автомобил може многу лесно да ви го одвлече вниманието. Без разлика дали станува збор за вашата омилена песна или пак одредена емисија на радио, тоа може да ви ја намали концентрацијата и да ви ја наруши способноста да реагирате на условите коишто се појавуваат во сообраќајот.

6. Не запирајте само за да зјапате во нешто

Ова особено се однесува за места каде што се случила некоја сообраќајна несреќа. Намалувањето на брзината, па и запирањето на тоа место може да биде навистина непријатно. Од една страна, тоа доведува до застој во сообраќајот, а од друга страна претставува непријатност за учесниците во сообраќајната незгода. Доколку несреќата е веќе пријавена и вие не можете да помогнете, тогаш слободно продолжете си со возењето по својот пат.

7. Не нервирајте се

Возењето е социјална активност и вие не се наоѓате сами во сообраќајот. Не секој е добар возач, па затоа е потребно да бидете малку повеќе толерантни. Во такви моменти настојувајте да се контролирате и не му дозволувајте на вашиот гнев да управува со вас додека сте зад воланот.

8. Не се облекувајте или соблекувајте

Без разлика дали станува збор за долго или кратко возење, понекогаш може да ви стане премногу топло или премногу ладно, при што ќе сакате да се соблечете или облечете. Сите вакви обиди за брзо соблекување/облекување може да ја загрозат вашата и безбедноста на оние околу вас. Ако треба што било да смените со вашата облека, најдете место на најблискиот паркинг.

9. Не пишувајте пораки и не користете ги социјалните мрежи

Можеби е примамливо да се допишувате со некој или пак да направите и објавите селфи додека се возите, но имајте предвид дека ова ги зголемува вашите шанси за несреќа. Овие активности бараат да погледнете во мобилниот телефон, при што погледот и мислите ви се оддалечуваат од сообраќајот.

10. Не барајте предмети низ автомобилот

Барањето некој предмет којшто само што ви паднал на задното седиште воопшто не е добра идеја. Вие немате доволно раце за да пребарувате по автомобилот, а истовремено да го држите и воланот. Ако навистина ви е потребно нешто, застанете, излезете од автомобилот и проверете.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар