10 работи кои треба да ги научиме од децата

10 работи кои треба да ги научиме од децата

Откако ќе влеземе во светот на возрасните мислиме дека треба да го избркаме детето од нас за сериозно да се соочиме со животните предизвици. Но верувале или не, многу навики, мислења и ставови на децата, можат многу да им бидат од корист на возрасните. На што нè учат децата? Ова се 10 работи кои секој возрасен мора да ги научи од најмладите ако сака да биде успешен во светот на постарите.

10 работи кои треба да ги научиме од децата

1. Срушете ги ѕидовите околу себе

Како што растеме животот ни наметнува многу предизвици и неретко се случува да бидеме разочарани од некоја личност. Со цел да се заштитиме себеси од повредувања, издигнуваме ѕидови околу себе и се повлекуваме. Стануваме ладни и дистанцирани само за да изгледаме силни. Вистината е дека постојат многу луѓе на кои не смее да им се верува, вистина е дека треба да се заштитиме себеси и својата приватност, но исто така постојат и личности кои заслужуваат да нè видат во вистинско светло. Дајте им можност наместо да се повлекувате во себе и да делувате ладно и дистанцирано. Дајте им шанса на луѓето наместо предвреме да претпоставувате дека ќе ве разочараат. Сетете се како бевте отворени за нови познанства кога бевте деца.

2. Слободно изразете се себеси

Децата не ги преиспитуваат своите мисли пред да ги кажат, не се плашат дека нема да бидат сфатени, не се трудат да ги менуваат своите ставови со цел да му се допаднат некому. Бидете слободни онакви какви што сте, па кој е совршен? Слободно изразете се себеси, своите чувства, ставови, мислења. Секој има право да не се согласува со вашето мислење, но вие му должите на детето во вас да бидете свои и слободни во својата кожа.

3. Бидете искрени

Децата не лажат. Тие се искрени кон себе, а и кон другите. Возрасните ова го сметаат за наивност, но во суштина е една прекрасна особина која може да ви донесе само позитивни исходи. Престанете да лажете за да избегнете некоја обврска, не лажете за да му се допаднете некому, не лажете се себеси кога длабоко во себе знаете дека не е така. Бидете отворени и поставете ги картите на маса. Бидете искрени за она што сте и како се чувствувате. Не работете со кодови и престанете да се обидувате да го декодирате светот околу вас. Во суштина сè е многу поедноставно, но возрасните сакаат да го прават комплицирано.

4. Секогаш бидете љубопитни

Љубопитноста е мудрост. Децата секогаш прашуваат „зошто“, и тоа им помага да растат, да учат и да созреваат. Наместо да прифаќате статус кво, запрашајте се зошто е така и што може да сторите за да ги придвижите работите кон подобро? Никогаш не е доцна за да се научат и искусат нови нешта во животот. Бидете гладни за авантура и жедни за нови знаења. Така секогаш ќе откривате нови светови за кои порано сте мислеле дека ви се недостижни.

5. Бидете оптимисти за иднината

Паметите ли колку бевте возбудени пред Божиќ или пред вашиот роденден? Таа детска радост никогаш не смее да нè напушти. Како возрасни се грижиме за трошоците и сите оние нешта кои би можеле да тргнат наопаку. Затоа е корисно да го послушаме детето во нас кое ни вели дека сè ќе биде добро. Нема проблем за кој не постои решение.

10 работи кои треба да ги научиме од децата

6. Сонувајте и поставувајте си големи цели

Сигурно сте чуле дека секогаш треба да целите кон месечината. Можеби нема да ја достигнете, но ќе дофатите некоја ѕвезда. Децата не се плашат да поставуваат големи цели и планови за себе. „Еден ден ќе бидам астронаут“, често ќе го чуете ова од некое дете. Но умот на возрасните веднаш прави пресметки – колку е нелогично, тешко, речиси невозможно, дека целта не е реална, дека ќе бидат потребни многу пари и слично. Секогаш кога ќе си поставите некоја цел која ќе ви изгледа недостижна и нереална, не заборавајте дека многумина го направиле невозможното и дека секогаш може да пробате повторно дури и ако не успеете.

7. Позитивностите нека ги надраснат негативностите

Детето се фокусира на тоа како да си ја исполни својата желба. Возрасниот се фокусира на сè она што може да тргне наопаку. Ако на цела бела површина има само една црна точка, возрасниот ќе одбере да се фокусира на точката. Не е сè розово, но со сигурност не е сè сиво.

8. Некогаш е во ред да се биде несериозен

Секако дека сме возрасни и дека имаме обврски кои мора да ги сфаќаме сериозно, но да се биде возрасен не значи да се заборави што значи да се смееш. Секогаш наоѓајте време за забава и дружење. Не само што преголемата сериозност ве прави здодевни личности, туку прави работите да ви изгледаат многу пострашни од што навистина се.

9. Живејте во сегашноста

Како возрасни или се каеме за минатото или се грижиме за иднината. Децата живеат сега, го користат моментот. Играат, трчаат и се дружат и целосно уживаат во сегашноста. Нивниот осет за времето, за минатото и иднината не е развиен и затоа умеат да го искористат моментот. Иако секогаш е добро да се има план за иднината, никогаш не смееме да заборавиме дека она врз што најмногу можеме да влијаеме е токму сегашноста. Ни минатото може да се измени ни иднината може побрзо да ја донесеме.

10. Без скриени намери

Умееме да го минуваме времето мислејќи зошто некој се однесувал на одреден начин, пробуваме да скроиме планови, да го разбереме она што ни се случува, да изнајдеме начини како да го добиеме она што го сакаме без отворено да го побараме. Постојано си поставуваме прашања „Што ако се случи тоа и тоа?“ Но вистината е дека понекогаш треба да го доживуваме светот онаков каков што е и себеси да се претставиме во вистинско светло – она што го гледаш е тоа што го добиваш.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини