10 прашања што треба да си ги поставите ако сакате да го претворите креативното хоби во кариера

10 прашања што треба да си ги поставите ако сакате да го претворите креативното хоби во кариера

Ако некогаш сте сонувале да заработувате од вашата креативна страна или пак студирате уметност, сигурно сте размислувале за тоа како ќе биде да живеете од вашите творби. Оваа професија изгледа навистина гламурозно, но овие кариери се едни од најтешките.

10 прашања што треба да си ги поставите ако сакате да го претворите креативното хоби во кариера

Конкуренцијата е голема и потребно е многу повеќе од талент за да ги остварите целите. Но тоа не значи дека успехот е невозможен. Потребно е да си поставите некои прашања пред да почнете. Колку поподготвени ќе бидете, толку поголеми ќе ви бидат шансите за успех.

1. Што очекувам од кариерата?

Ова навидум едноставно прашање може да биде едно од најтешките. Сепак, на крајот сè се сведува на лично задоволство бидејќи секоја личност ужива во разни работи. За некои најважни се парите, други сакаат да направат промена во општеството. Или пак едноставно сакате вие да бидете свој шеф. Без разлика кој е вашиот став, потребно е добро да размислите на оваа тема.

2. До каде сакам да стигнам за 5 години и што морам да направам за да ја остварам целта?

Ниту еден бизнис нема да функционира без бизнис план, а исто ваши и за уметноста. Кога ќе знаете кон што се движите и што сакате да постигнете, ќе ви биде полесно да ги дефинирате работите што треба да ги направите. Ова ќе ви помогне да не лутате. Немојте да се плашите да размислувате за голем успех и работете за да го постигнете. Штом ќе знаете што сакате и што треба да направите, ќе ви стане јасно дека и оваа кариера е реалистична.

3. Кој може да ми биде ментор?

Без разлика дали ја менувате кариерата или почнувате од нула, секогаш е од помош да имате ментор. Можеби дури ќе сакате да имате и повеќе ментори со кои ќе ги споделувате вашите идеи и од кои ќе добивате бизнис совети. Тоа може да биде поранешен колега, професор или некој познаник кој има искуство во таа област. Важно е да не се плашите да побарате помош од поискусните. Ќе се изненадите кога ќе дознаете колку искусни уметници сакаат да им помагаат на новите.

4. Која работна средина е најдобра за мене?

Дали сакате да работите сами или во група? Дали ќе сработите повеќе од дома или во канцеларија? Бидете реални за тоа дали ќе можете да се справите со одговорностите кои доаѓаат со фриленс работењето. Една од најголемите грешки која ја прават новите фриленс работници е тоа што доцна откриваат дека подобро работат во канцеларија или обратно. Постојат многу можности за уметници за работа во канцеларија. Дизајнер на ентериер, аниматор, графички дизајнер и слично се само некои од професиите кои се работат во група. Клучно е за вашиот успех да откриете која средина ви одговара најмногу.

5. Колкава плата сакам?

Или, колку ви е важна платата? Размислете за вашите трошоци и за тоа која плата би ви одговарала најмногу. Важно е да знаете дали сте подготвени да направите неколку жртви на почетокот кои подоцна ќе ви се исплатат. Треба да знаете дали потенцијалната заработка ќе ги исполни вашите очекувања или не. За некои ова значи правење материјални жртви, за други значи одбирање сосема различна кариера.

6. Колку се реални моите очекувања?

Одлично е да имате големи очекувања. Всушност самодовербата е одличен квалитет за почнување нова кариера. Но, ако вие не верувате во вашата уметност, не можете да го очекувате тоа од другите. Дали очекувате голема заработка уште првата година? Дали очекувате изложба во галерија веднаш по завршувањето на студиите? И двете ситуации се возможни во зависност од вашите способности и моменталната животна ситуација. Но, важно е добро да размислите за очекувањата. Ова не значи дека треба да се помирите со малку, но треба да знаете кои способности и можности ви се достапни за исполнување на очекувањето. Ако вашите очекувања се премногу високи немојте да се откажувате од нив. Размислете за временскиот период и видете дали можете да ги поделите на помали цели кои евентуално ќе го исполнат очекувањето.

7. Како да се справам со конкуренцијата?

Важно е да знаете кој друг се наоѓа во вашето поле. Иако не треба премногу да се фокусирате на она што го прават другите, важно е да знаете дали вашите дела може да се натпреваруваат. Ако сте премногу назад во споредба со конкуренцијата, можеби ви е потребно повеќе време да ги развиете вештините или пак да ги намалите очекувањата.

8. Дали моето портфолио ги рефлектира моите цели?

Како уметник, вашето портфолио е приказ на личноста којашто сте. Како ќе ве пронајдат галериите, клиентите или колекционерите ако не знаете правилно да се рекламирате? На пример, ако сакате да станете фотограф за портрети, а вашето портфолио е полно со пејзажи, вие испраќате измешан сигнал. Ова значи дека треба да се вратите назад и да создавате дела што ја рефлектираат визијата што ја имате за себе.

9. За што можам да бидам флексибилен/на?

Сега кога сте свесни за вашите цели и очекувања, кои се работите што не можете да ги прифатите? Дали сте подготвени за намален приход за можноста од соништата? Дали би работеле фриленс за да соберете искуство кое би ви овозможило да работите со познати имиња? Во совршен свет целата кариера би се одвивала како што сакаме, но реалноста е поинаква. Размислете за што би прифатиле компромис и за колку време, за да ја постигнете посакуваната цел.

10. Колку далеку сум подготвен/а да одам за да ја достигнам целта?

Работењето како професионален уметник бара посветеност и одговорност. Прикажувањето на вашата креативност може да вклучува личен и емоционален труд кој многумина не можат да го поднесат. Но оние кои работат долго и напорно на себе и на своите дела, ги отвораат вратите кон прекрасна кариера. Дали сте подготвени да се откажете од годишниот одмор или новата гардероба за да инвестирате во материјали? Дали ќе се обидете да научите за рекламирање на социјалните мрежи и да ги изострите вашите вештини за комуникација? Кога ќе бидете реални за тоа колку далеку сте подготвени да одите, ќе се заштитите од разочарување. Важно е да знаете дали вашите цели се усогласени со чекорите кои сте подготвени да ги направите.

Овие совети ќе ви помогнат да откриете дали треба вашето хоби да го претворите во кариера.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар