10 поуки од 1.000 часови медитирање

10 поуки од 1.000 часови медитирање

Едно момче го споделува своето искуство со медитацијата. Кога прв пат слушнал за оваа техника, во 2011 година, тој не бил сигурен дека е за него. Сепак, тој бил студент, а не будистички свештеник. Но и покрај ова, решил да проба. Си направил 30 дневен предизвик за медитирање – 5 минути дневно во наредните 30 дена.

10-pouki-od-1-000-chasovi-meditiranje-kafepauza.mk

„Не бев свесен дека тргнувам на епско патување. Оттогаш се вљубив во оваа техника и секој ден медитирам по половина час, веќе 6 години. Значи околу 1.150 часови медитирање досега.“

Сега го споделува она што го научил во овој период.

1. Не можете целосно да престанете да мислите

Иако постои верувањето дека медитацијата бара да не мислите на ништо, сепак невозможно е да немате ниту една мисла. Дури и најискусните луѓе имаат барем по една мисла додека медитираат. Целта на медитацијата не е да не мислите, туку да ги набљудувате вашите мисли без да бидете нивна „жртва“.

2. Не им верувајте на вашите мисли

Многу од вашите мисли не се вистина. На пример, ако мислите „Ова е премногу тешко, не можам да го направам“, вие имате избор да не верувате во таа мисла.

3. Не мора да бидете под стрес

Иако не признаваат, премногу амбициозните луѓе често се изложени на интензивен стрес. Огромната желба за успех си има своја цена – нè тера да мислиме дека никогаш нема да имаме време и дека секогаш мора да бидеме најдобрата верзија од себе. Штом ќе ги средите своите мисли (и ќе се смирите) стресот станува небитен фактор и нема да ве плаши. Ова ќе ви овозможи да станете среќни и фокусирани дури и кога ситуацијата е напната.

4. Несоницата може да се излечи

Сигурно ви се има случено цел час да лежите во креветот и да не можете да заспиете. Во тие моменти сигурно посакувате да можевте да го исклучите мозокот. За ваша среќа, тоа е возможно и се вика медитација. Штом ќе научите да ги набљудувате вашите мисли без да влијаат на вас, можете да го забавите вашиот ум и да заспиете многу брзо.

5. Продуктивноста се учи

Нашето општество има проблем со задржување на вниманието. Причината е тоа што луѓето се „тренираат“ да им биде одвлечено вниманието (со Фејсбук и слично). Ако сакате да се фокусирате кога е потребно, мора да го вежбате тоа. Поминувајте неколку минути секое утро во медитација и во задржување на вашето внимание. Наскоро ќе можете да ги отстраните сите работи кои ви го одвлекуваат вниманието кога ќе посакате.

6. Има доволно време за сè

Со редовно медитирање работите ќе ви станат појасни. Ќе знаете што е важно, што не и што треба да се направи. Имаме доволно време да ја подобриме нашата кариера, да бидеме во добра форма, да поминуваме време со партнерот и да одиме на авантури. Само треба да забавите, јасно да ги разгледате работите и да делувате кога е потребно.

7. Секој има право на значајни врски

Штом ќе забавите и ќе престанете да живеете „брзо“, ќе можете да се поврзете со другите без голем напор. Помалку ќе судите, повеќе ќе цените, а вашите врски сами ќе се подобрат. Смирете го умот и поврзете се со вашето срце. Продуктивноста не е светиот грал на животот, тоа е љубовта.

8. Медитацијата не мора да биде здодевна

За многумина, медитацијата од 30 минути звучи здодевно. Решението за ова е да ја поделите во „вежби“. Исто како кога вежбате, сигурно не правите една вежба цел час, туку комбинирате. Правете го истото и со медитацијата. Комбинирајте медитација за свесност, за благодарност, вежби за дишење, визуелизација…

9. Љубовта кон себе е возможна

Во духовните кругови многу се зборува за љубовта кон себе, но дали навистина постои? Многу е лесно да ги гледаме нашите грешки, но како да го надминеме гласот кој критикува? Прво треба да разберете дека грешките се нормални. Постојат толку многу работи кај вас кои се убави и магични. Обрнете внимание на овие работи и ќе видите дека имате причина да се сакате.

10. Медитацијата е (речиси) како магична пилула

Ако постои пилула која ќе ни помогне да спиеме подобро, да го намалиме стресот, да имаме повеќе пријатели, да бидеме подобри во работата и да се сакаме повеќе, секој би сакал да ја има. Па, таа пилула е медитацијата. Покрај ова, таа е бесплатна и не ви е потребна никаква опрема.

Ако се одлучивте дека сакате да пробате, погледнете ги овие совети за почетници и за оние кои мислат дека не можат да медитираат.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар