10 неверојатни работи кои ќе ви се случат кога ќе научите да уживате во сопственото друштво

Да уживаш во сопственото друштво воопшто не значи да си осамен. Не значи ни дека сте чудни или недружељубиви ниту, пак, дека не ги сакате луѓето. Тоа што ви е убаво дури и кога сте сами е многу позитивна работа. Многу луѓе не знаат како да бидат сами, па научени се постојано да бидат опкружени со луѓе. Но, од суштинско значење е да знаете како да уживате во сопственото друштво, сè со цел да се запознаете самите себе подобро, да сфатите што сакате, да си разјасните некои размислувања или да пронајдете нови интереси. Многу работи можат да произлезат од посветувањето време сами на себе, а голем процент од нив се позитивни.

10-neverojatni-raboti-koi-kje-vi-se-sluchat-koga-kje-nauchite-da-uzhivate-vo-sopstvenoto-drushtvo-kafepauza.mk

1. Добивате можност да си ги наполните батериите

Можеби не сте размислиле за ова од оваа перспектива, но сигурно сте забележале дека откако сте со други луѓе, особено подолго време, сте доста изморени и некако истрошени. Тоа е затоа што психички трошите енергија на концентрирање на тоа што зборуваат, како изгледаат, што мислат, како се чувствуваат. Тоа се работи со кои мозокот во тој период се заморува, а кои, доколку си дадете време и простор да бидете сами, не би постоеле, па мозокот ќе има шанса и прилика да се одмори.

2. Почесто ќе се осврнувате кон себе

Времето одвоено за самите себе е време во кое не размислувате за никој друг и за ничии други проблеми. Тоа е период кога сте сами и можете целосно да си се посветите себеси, на вашите чувства и на вашите постапки. А тоа значи да се запознаете подобро како личност.

3. Ќе стапите во допир со вашите чувства

Многу луѓе бегаат од реалноста и од себе од различни причини, па се затрупуваат себеси со куп луѓе од кои нема да можат да дојдат самите на ред. Овие луѓе им даваат простор да ги скријат чувствата и да го тргнат настрана тоа што ги мачи. Но кога сте сами нема бегање. Приморани сте да се соочите со себеси и со тоа што го чувствувате, малку по малку да го разберете и на крајот да го прифатите.

4. Ќе започнете да правите работи во кои навистина уживате

Кога ќе се спознаете себеси како личност и ќе се прифатите како такви, тогаш многу е полесно да откриете што сакате, што ве мотивира и во што навистина уживате. А со тоа ќе најдете и време да го правите она што го сакате и ве исполнува.

5. Ќе станете попродуктивни

Друштвото на други луѓе е сигурно забавно и убаво. Но тоа сериозно ѝ штети на вашата продуктивност. Колку и да се лажете себеси дека може да работите, учите или дадете повеќе во друштвото на други луѓе, верувајте дека тоа е невозможно. Но кога сте сами, вашата концентрација е целосно на тоа што вие сакате да го правите во моментот, па не само што работата ќе биде побрзо завршена, туку и ќе имате вишок слободно време потоа.

6. Повеќе ќе уживате во врските

Откако ќе научите да уживате самите со себе, ќе увидите дека ќе уживате уште повеќе во друштвото на други луѓе. Да се познавате и сакате себеси значи дека имате голема самодоверба и самопочит, што ви пружа прилика да ги цените и останатите луѓе и вашата врска со нив.

7. Ќе се чувствувате понезависни

Ќе одвојувате подолго време за самите себе, па вербата во вашата способност да бидете сами и да ви е убаво за тоа време ќе предизвика да се чувствувате доста независни. Да знаете дека може да сте сосема сами, а сепак да си поминете убаво е неверојатно. Нема повеќе да ви се потребни другите луѓе, туку навистина ќе бидете со нив бидејќи така сакате.

8. Ќе си дадете пауза од постојаното обидување да ги направите другите среќни

Во природата на луѓето е да сакаат да добијат одобрение од останатите луѓе во нивната околина, да се тие задоволни и весели во нивно друштво. Луѓето некако си го земаат ова за обврска и се обидуваат кога се со други луѓе, да ги направат среќни. Ова знае да биде многу заморно понекогаш. Кога сте сами, единствената личност за која треба да се погрижите сте токму вие.

9. Нема да има за што да се извинувате

Доколку со други луѓе треба да пазиме што збориме и правиме за да не мора подоцна да се извинуваме, кон самите себе можеме да бидеме целосно искрени и отворени. Ако повредиме нечии чувства, тоа ќе бидат нашите. А сами на себе нема потреба да си се извинуваме бидејќи се што си мислиме и кажуваме може да се одрази само позитивно на нашето идно однесување и кон себе и кон другите.

10. Ќе престанете да барате одобрение од останатите

Нормално е да се обидуваме да се вклопиме во средината и да добиеме нечие „Во ред“ за тоа што сме го кажале или направиле. А ако не го добиеме што тогаш? Во периодот од денот кој ќе си го посветиме на себе ја имаме слободата да бидеме тоа што сме. Самите да си дадеме одобрение за нашите постапки или да се искараме ако сме направиле нешто грешно. Не мора да се прилагодуваме на никого, ниту да задоволуваме нечии хирови. Ќе научиме да си веруваме себеси, на своите инстинкти и да носиме одлуки базирани на нашата сопствена проценка.

Човек не може сам. Секому се потребни пријатели кои ќе бидат тука за него, семејство кое ќе го сака без разлика на сè, личност со која ќе ги споделува најтажните и најсреќните моменти, па дури и оние секојдневни работи. Но како може да сме способни да бидеме со други, да ги почитуваме и сакаме, ако првично не можеме да бидеме самите со себе? Да си сам и да знаеш да уживаш во тоа и да си осамен се две сосема различни работи: првото значи да си дадеш шанса да созрееш како личност, да се запознаеш и засакаш себеси, а второто значи да не го направиш тоа.

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар