10 малку познати работи за адвокатурата кои секој иден правник треба да ги знае

10 малку познати работи за адвокатурата кои секој иден правник треба да ги знае

Адвокатурата е убава професија. Овозможува да се занимавате со интелектуална работа, да се расфрлате со знаења кога е моментот за тоа и дава бројни интелектуални битки во текот на кариерата. Покрај тоа, носи добар углед во општеството и е добро платена. Затоа правните факултети успеваат да привлечат толку голем број млади луѓе кои покрај желбата да го изучуваат правото веројатно уште повеќе размислуваат за овие работи.

Сепак, има и некои други нешта кои треба да ги имате предвид, а за кои малку кој зборува додека плаќате партиципација за студирање. Тие не се толку убави како оние што се набројани погоре. Нивната цел не е да ве обесхрабри во походот кон успех како адвокат, туку да ви послужат како важни информации за поподготвени да се впуштите во борбата која ви претстои.

9 малку познати работи за адвокатурата кои секој иден правник треба да ги знае

1. Факултетот не ве подготвува за да бидете адвокати

Дипломата од правен факултет значи дека ги познавате законите и го разбирате правото. Со тоа можете да се наречете добар правник, но не и добар адвокат. За вршење на адвокатурата потребни се уште многу други способности на кои мора да работите ако сакате да постигнете успех во оваа професија. За жал, на нашите правни факултети не се изучуваат предмети кои ќе ве научат да пишувате договори, да направите концепт за одбрана на обвинет клиент или да комуницирате квалитетно.

2. Со положен правосуден испит не се станува адвокат

Правосудниот испит служи за да ги потврдите вашите правнички квалитети после завршеното високо образование и одработениот практичен дел при стажирањето. Откако ќе ги потврдите, тоа значи дека сте спремни да застапувате други луѓе пред суд. Но, тоа не оди така лесно. Потребно е да извадите и адвокатска лиценца која чини 42.000 денари. Ваквата давачка е наметната со закон, а се плаќа на Адвокатската комора на РМ, односно на луѓето на кои треба да им бидете конкуренција.

9 малку познати работи за адвокатурата кои секој иден правник треба да ги знае

3. Адвокатите не сакаат да ви го дадат своето знаење

Вештините кои ви фалат треба да ги стекнете во текот на стажирањето. Постои заблуда дека стажирањето е работа, но тоа всушност е важен дел од образованието. Тоа е моментот кога треба да добиете многу важен тренинг од страна на адвокатот кај кого стажирате. Тажната вистина во целата приказна е тоа што тие нема лесно да ви го дадат нивното знаење, односно know-how. Многу млади правници завршуваат пополнувајќи обрасци, средувајќи документи или разнесувајќи поднесоци. Потоа положуваат правосуден испит и во поглед на вештините се речиси на истото место како и во времето на дипломирањето. Во меѓувреме, адвокатот кај кого сте го завршиле приправничкиот стаж ја злоупотребил можноста да добие бесплатна или евтина работна сила давајќи ништо или многу малку за возврат.

4. Адвокатите ќе ги земат заслугите за вашата добра работа

Огромно мнозинство од адвокатите на приправничкиот стаж гледаат како на можност бесплатно или за ситни пари да добијат работна сила. И не само што квалитетниот тренинг ќе изостане, туку и она што сами ќе го сработите при самостојното учење нема да ви биде признаено како ваша заслуга. Адвокатот ве вработува вас, што значи дека тој го плаќа вашето време во кое вие работите за него. Тоа што е сработено како крајна услуга е само негова заслуга, а не ваша.

9 малку познати работи за адвокатурата кои секој иден правник треба да ги знае

5. Клиентите не сакаат да плаќаат

Една цинична изрека вели дека адвокатот мора да знае две работи: како да излаже и како да наплати. Луѓето тешко се одлучуваат да ангажираат адвокат затоа што треба да го платат. Кога адвокатот е ангажиран, тоа значи дека клиентот го купил неговото време и во тоа време тој мора да му биде на располагање, често пати игнорирајќи ги своите други животни обврски, и да заврши некаква интелектуална работа за него. Тоа, разбирливо, чини многу пари. Клиентите се потпираат на адвокатските услуги кога имаат потреба за тоа, но потоа се трудат да го одбегнат плаќањето колку што можат. Некои немаат пари, а кај други причината е само културата на неплаќање. Затоа адвокатите практикуваат наплаќање на аванс пред да почнат со работа. Оние кои не успеваат да наплатат понекогаш ги тужат своите клиенти.

6. Справувањето со клиентите не е едноставно

Клиентите очекуваат чуда од адвокатот. Дури и кога губењето на спорот е неизбежно, тие сметаат дека адвокатот е должен да употреби магично стапче со кое ќе ја смени реалноста и правдата од противник ќе ја претвори во негов сојузник. Добрите клиенти кои како на филмовите доаѓаат во канцеларијата со добар случај кој може ви донесе многу пари и слава се многу ретки.

9 малку познати работи за адвокатурата кои секој иден правник треба да ги знае

7. Ораторските способности не се од клучна важност

Ораторските способности се важни во судницата, но не се од клучна важност како што многумина мислат. Начинот на аргументација е она што е битно, што може да ги претстави работите од поинаков агол и да понуди поинаква слика на тоа што се случило или не се случило. Јавното говорење согласно стандардите од ораторската вечер на Правниот факултет не е од голема корист кога му се обраќате на судија кој има неколку децениско искуство. Наивно е да се поверува дека со добри говорнички вештини ќе прелажете некого кој, народски кажано, изел многу фурни леб за да стане судија. Начинот на кој се аргументираат сопствените гледишта на самото судење или во поднесоците до судот е она што ја прави разликата.

8. Неопходен е добар маркетинг и добро вмрежување

Многу важна работа е да сфатите дека ситуацијата во која си седите во канцеларијата и одеднаш на врата се појавува клиент ја има само во филмовите. Во реалноста, некој доаѓа кај вас само ако некој друг претходно ве препорачал. Ставете се во кожата на вашиот потенцијален клиент: тој е соочен со важно животно прашање и сака својата судбина да ја довери некому на кого може да му се верува. Тој ќе се распраша за добрите адвокати. Затоа вмрежувањето е од најголема важност во обезбедувањето на клиенти. Друга важна работа е добриот маркетинг. Постојат адвокати кои поради честото појавување на телевизија имаат статус на легенди, а во практиката често губат спорови. Но тоа малкумина го знаат и тие постојано имаат работа.

9 малку познати работи за адвокатурата кои секој иден правник треба да ги знае

9. Малку адвокати се богати

Една од причините е што клиентите го избегнуваат плаќањето, а друга е таа што понекогаш едноставно нема доволно работа која би донела приход. Добар дел од адвокатите заработуваат некаде околу просечната македонска плата или нешто над тоа. Ретки се оние кои се навистина богати, а и оние кои се често пати богатството го стекнуваат од разни бизниси, а не од застапувањето на луѓе или компании.

10. Бегство во државната администрација

Голем дел од правниците се запишуваат на правен факултет сонувајќи за работа во нашето судство, но кога за време на стажирањето ќе сфатат дека има и полесно почнуваат да размислуваат за кариера како државни службеници. Проблемот овде е во тоа што тоа бегство не е лесно. Тука постојат неколку пречки. Прво, тоа е возможно само со добро вмрежување. Второ, дури и да сте дел од некоја од силните мрежи, работното место за кое вие ќе конкурирате ќе биде посакувано од уште неколку десетици ваши колеги и ќе треба да ги совладате и нив и нивните мрежи. Трето, дури и да успеете во тоа, прашање е колку можете да се потпрете на оваа стратегија на долг рок. Според проценките на европските институции постои превработеност во нашата државна администрација, односно потребни се само две третини до една половина од веќе вработените. Останатите се вишок, а нашето општество ќе мора порано или подоцна да го реши овој проблем.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар