10 изрази кои мажите ги мразат

Дали имате навика постојано да се жалите за вашата тежина или да го споредувате вашиот сопруг со други мажи? Ова се изразите кои мажите ги мразат, но можеби никогаш не би ви го признале тоа.

10 изрази кои мажите ги мразат

Ист си како него! / Зошто не можеш да бидеш како него?

Не споредувајте, сигурно и вие не би сакале да бидете споредени. Тоа е кога сред кавга ќе му речете дека е ист како неговиот татко, во негативен контекст. Можеби тоа се токму оние карактеристики кои тој не сака да ги поседува бидејќи и самиот слушал слични кавги во детството. Помогнете му со тоа што ќе му кажете што ви пречи, не не го изедначувајте со некој друг. Или обратна ситуација, кога ќе го споредите со неговиот другар, на пример, кој редовно ѝ подарува букети цвеќе на неговата девојка. „Зошто не можеш да бидеш како него“ е навредливо и ниско. Не е како него бидејќи е друг човек, и вие сте се заљубиле во него знаејќи го како таков. Всушност, од каде вие би знаеле каков е навистина неговиот другар со неговата девојка?

Треба да разговараме.

Ова никогаш не е на арно и мажите го знаат тоа. Зошто, наместо да го стаписате со ваква реченица, не го започнете разговорот на поинаков начин? Со овие зборови автоматски му давате до знаење дека станува збор за нешто негативно или сериозно и го оттргнувате од себе. Извртете ги зборовите и направете го разговорот поефективен.

Дебела сум.

Еве еден факт: убавината и дебелината се релативни работи. Она што за еден е убаво за друг и не е баш, девојката која според некого е дебела, за друг има совршени облини. Еве и друг факт: нему сте му убава. Вие сте негова девојка или сопруга и тој ве има прифатено такви какви што сте. Дури и навистина да сте качиле некое килце, фатете се за вежби, а не за жалби. Ако пак барате комплимент, извлечете убав збор од него на поинаков начин. Со ваквата реченица го ставате пред свршен чин. Па секако нема да ви рече „Да, навистина си дебела.“

Уште едно пиво ќе пиеш?

Како што и ние сакаме да купиме уште еден пар чевли, така и мажите би сакале уште едно пиво. Да му нагласиш некому дека претерува кога навистина претерува е сосема исправно. Но, не е во ред да го следиш секој чекор и да фаќаш белешки. На крајот на краиштата, секој најмногу си ја сака слободата.

Душо, не вечерва.

Ако не ви е до секс, одберете други зборови. Почнете со тоа како работата целосно ве истоштила во текот на денот или дека не можете повеќе да се носите со обврските. Така ќе му дадете до знаење дека одбивате секс за таа ноќ, но не го одбивате него.

Добра сум.

Да кажете „Добра сум“ или „Ништо не ми е“, на крај или на самиот почеток од долг разговор или расправија, му го давате до знаење сосема спротивното. Ние жените сме експерти во изговарање на оваа реченица со ироничен тон. Звучиме како „Сега нема да ти речам ништо повеќе, ама да знаеш како ќе ти го запаметам ова.“ Мажите не се паднати од Марс и сфаќаат што кажуваме со оваа реченица. Ако имате нешто недорешено што сè уште ви стои на срце, кажете му го. Не решавате ништо со ставање на ваков двосмислен крај после кој тој би требало да се мисли што да рече и како да постапи.

А кога точно ќе бидеш спремен за деца?

Ок, и мажите и жените се плашат од обврски. Но, сепак мажите се плашат малку повеќе. Ова е сериозен чекор на кој треба внимателно да му се пристапи, да не се избрзува и никој да не се чувствува под притисок. Ако му висите постојано над глава со оваа реченица, не може да имате позитивен исход. Најдете добро време и место, почнете го разговорот на поопуштен начин и водете го смирено.

Не ги правиш истите работи како порано.

Па и ние девојките не сме исти. Луѓето се менуваат. Не дека треба да прифатите тоа што тој се изменил целосно и веќе не ве почитува, но да запнувате за тоа што веќе не ви пушта пораки секоја ноќ пред да си легнете, е детско однесување.

Пријателите ми рекоа…

Вашите пријатели не се експерти за љубовни врски. Едно е во разговор да побараш совет од пријателка, но сосема друго е целосно да се раководиш според кажаното и да го спомнуваш како аргумент во кавга. Ние луѓето најдобро знаеме да дадеме совет и да „солиме“ памет кога станува збор за некој друг. Ако во вашата врска или брак има сериозни проблеми, посетете стручно лице. Со реченица која почнува нешто како „Мојата пријателка мисли…“ ќе создадете мала огорченост кај него кон вашите пријатели. И тој не сака никој да му се меша во врската.

А колку точно чинеше тоа?

Тоа што сме го купуле, сме го купиле бидејќи ни било убаво, сме го сакале и ни било потребно… а можеби и не ни било толку потребно, но сеедно, не сакаме да ни се качат на глава со тоа. Тогаш, многу логично, не би требало и ние да им се качуваме на глава за работите кои ги купиле бидејќи имале таква желба. Секој има право да си ги троши своите пари како што сака. Прв чекор до уништување на врската е одземањето на слободата. Секако, доколку сте во брак имате право да се пожалите за неговото нерационално трошење и негрижа за заедничките интереси (ако навистина е така), но додека сте во врска, никој не ви го дава тоа право.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар