Зошто жените одат заедно во тоалет?

Зошто жените одат заедно во тоалет?

Доколку сте машко, сигурно кога излегувате во град се запрашувате што е тоа во женската природа, што ги тера девојките секојпат да одат заедно во тоалет. Исто така, кога ќе ја видите гужвата пред женското веце, сигурно се чудите како на толку голем број жени им се оди во тоалет во исто време, што всушност прават внатре и зошто се задржуваат толку време.

Зошто жените одат заедно во тоалет?

Најпрво, треба да знаете дека припадничките на понежниот пол во тоалет не ги извршуваат само физиолошките потреби, туку имаат и друга попаметна работа. Вецето им служи за да ја поправат шминката, да ги сменат искинатите хулахопки со нови, да се јават некому на телефон или на раат да си помуабетат и озборуваат со другарките, што честопати е невозможно во клубовите и кафулињата каде што има премногу гласна музика.

Одењето заедно во тоалет е всушност еден вид женска мини-журка, која започнува на следниов начин: една од девојките навистина има потреба да го посети тоалетот. Нејзината другарка решава да ѝ се придружи, чисто онака за малку да се прошета и да види кој има во локалот. Воедно, додека пропратно си ја поправа шминката ќе ѝ ја држи вратата на другарката, за никој да не ѝ упадне.

Зошто жените одат заедно во тоалет?

Кога посетуваат некој локал, девојките најпрво треба да лоцираат кај се наоѓа вецето, што е една своевидна експедиција сама по себе. Кога ќе влезат внатре, прво ги проверуваат сите слободни кабини, за да проценат која е најчиста, дали има тоалетна хартија и каде најмалку мириса. Реално, пронаоѓањето на идеална кабина во вечерните часови е невозможна мисија, бидејќи има огромна гужва, но надежта сепак последна умира, проверката мора да се направи доколку е возможно.

После пронаоѓањето на слободна кабина, започнува кратка препирка помеѓу другарките, околу тоа која прва да влезе внатре, односно на која ѝ е „поитно“. Бидејќи во кабината или нема тоалет или има, но е од лош квалитет, другарките тргнуваат во потрага по хартиени марамчиња во нивните чанти. После завршената работа, потребно е потегнување и поправање на изместената облека, кое честопати знае да потрае долго.

Зошто жените одат заедно во тоалет?

Потоа, одат до лавабото, каде што чекаат ред за миење раце. Тука веќе започнува забавата. Над лавабото, по правило има огледало, што претставува одлична прилика да се нанесе уште еден слој маскара и кармин, да се отстрани размачканата сенка, да се прсне уште малку парфем, да се поправи фризурата и слично. Секако, другарките ја користат оваа прилика за една на друга да си сугерираат дали е сè на место и си делат совети за тоа како може да изгледаат уште подобро.

Додека ги прават сите овие активности, сигурно ќе падне и некој трач за друштвото со коешто вечерта за излезени, емотивен муабет за некои љубовни јадови, како и планови за тоа каде да се оди после напуштањето на тој локал. Неретко се случува токму во тоалетот да се сретнат со некои нивни познајнички или другарки со коишто не се виделе одамна, па тоа е идеална прилика да си ги разменат неопходните информации за тоа на кого што му се случува во животот, дали некоја другарка им се омажила, која чека бебе и слично.

Решение за девојките на кои им е навистина итно да ги извршат своите физиолошки потреби е користењето на кабината во машкото веце. Таму е секогаш мирно и тивко и единственото нешто што треба да го направат е да соберат храброст за да пројдат покрај целиот ред со писоари, кои ретко кога не се зафатени.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар