Зошто смеењето и муртењето се заразни?

Смејте се! Тоа прави сите во собата да се чувствуваат подобро, бидејќи тие, свесно или несвесно, се насмевнуваат со вас. Повеќе истражувања покажуваат дека изразите коишто ги правиме со лицето ни овозможуваат да се соживуваме со чувствата на другите.

Социјалните психолози, Паула Ниедентал и Адријан Вуд, заедно со нивните колеги од Универзитетот во Висконсин, во нивниот труд опишуваат како луѓето во секојдневните ситуации ги имитираат туѓите изрази на лицето, со цел да создадат нивни соодветни емоционални одговори. На пример, кога сте со ваш пријател којшто е тажен, вие и самите би се обиделе да го направите тој тажен израз – без притоа да сфатите дека го правите тоа. Ваквото „испробување“ на емоциите на вашиот пријател на некој начин ви помага да препознаете што чувствува тој, така што вие се потсетувате како сте се чувствувале во минатото тогаш кога сте го направиле тој израз. Интересно е тоа што луѓето го прават ова во рок од само неколку стотици милисекунди.

„Реагирате на чувствата и потоа создавате некој вид своја пресуда и резултатот е тоа што вие преземате мерки – или ѝ се приближувате, или ја избегнувате личноста“, вели Ниедентал.

Способноста на една личност да ги препознае и споделува емоциите на другите може да се блокира кога тие не се во можност да ги имитираат изразите, дури и да станува збор за нешто едноставно. Ова често се случува кај лицата со централни или периферни заболувања, како што е на пример парализата како резултат од мозочен удар, Беловата парализа, или пак поради оштетување на нервите од пластична операција. Ниедентал забележува дека ова би се случувало и кај луѓето со вродена парализа, бидејќи ако никогаш ја немале способноста за имитирање на изразите на лицето, никогаш не би имале развиено начини за интерпретирање на емоциите.

Луѓето со социјални нарушувања поврзани со мимиките и/или со намалена способност за распознавање на емоциите, како личностите со аутизам, може да се сретнат со слични предизвици. Ниедентал вели дека постојат некои симптоми на аутизмот, како што е на пример недостатокот на контакт со очите, што може да предизвика да не можат да се препознаат туѓите емоции.

Како да знаете како се чувствуваат луѓето кога ќе ги погледнете?

1. Го гледате изразот на нивното лице. Потребно е да знаете што значи изразот, па да реагирате соодветно.

2. Го имитирате изразот. Имитирањето ги користи истите области од вашиот мозок што ги предизвикуваат и изразите – на овој начин вие ги правите соодветните мимики.

3. При правењето на тие изрази, вие можете да почувствувате како им е на другите. Овде може да има влијание и вашиот степен на познавање на личноста.

Овој брз, автоматски и несвесен процес, ви овозможува да ги поврзете емоциите на другите со вашите емоционални искуства.

Следното истражување коешто сака да го направи Ниедентал е за да открие кој механизам во мозокот функционира за да ѝ помогне на личноста во препознавањето на изразите на лицето. Таа вели дека ваквото истражување ќе ѝ даде подобра идеја за тоа како да се третираат одредени нарушувања.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар