Зошто политичарите мислат дека можат да лажат?

Зошто политичарите мислат дека можат да лажат?

За политичарите веќе е изграден стереотип дека лажат веднаш штом отворат уста. Иако генерализирањето на работите може да доведе до погрешни заклучоци за некои луѓе, нивната репутација изгледа како оправдана не само додека траат изборните кампањи, туку и секојдневно додека гледаме вести. Понекогаш е неверојатно да се слуша еден политичар како зборува за работи за кои е премногу очигледно дека стојат поинаку. Психологот Џим Тејлор зборува за шест причини кои доведуваат до оваа појава.

Зошто политичарите мислат дека можат да лажат?

Политичарите се нарциси. Тие често се арогантни, на себе гледаат како на премногу важни луѓе, сметаат дека имаат поголеми права од другите и сакаат да предизвикуваат восхит. Нарцисоидноста е нарушување кое им овозможува да мислат дека секогаш се во право или дека никој не може да ги фати во лага (различно од примената на овој термин во секојдневниот говор со кој многумина означуваат самобендисаност).

Политичарите знаат дека нивните поддржувачи ќе бидат со нив без оглед на сè. Верните поддржувачи најчесто следат еден ист ТВ канал, читаат ист весник, прелистуваат исти веб-сајтови, па дури и се дружат само со луѓе кои размислуваат исто како нив. Се однесуваат како околу нив да има невидлив ѕид кој не пропушта различни мислења и ставови. Колку и да е очигледно дека политичарот не чини, тие и понатаму го поддржуваат. Затоа нивните избраници се чувствуваат комфорно кога пред нив треба да ги извртат фактите.

Луѓето не ја сакаат вистината. Тие сакаат на секојдневието да гледаат од агол кој нештата ги прави да изгледаат пријатни, па затоа политичарите не сакаат да бидат оние кои ќе им го расипат „филмот“, особено кога собираат гласови.

Дури и лажните информации траат кога се запишани. Откако се развиени интернет медиумите, лажните информации можат да се читаат одново и одново и откако ќе помине подолг временски период. Исто така, постои тенденција повеќе да се верува во нив и покрај доказите кои го потврдуваат спротивното. Истражувањата покажале дека луѓето повеќе веруваат во непотврдените гласини за некој политичар од спротивставената партија кога за него читаат на блогови.

Наједноставното решение тежнее да биде вистинското. Луѓето сакаат да ги поедноставуваат работите и да веруваат во она што е слично на нивните ставови и не ги приморува да се преиспитуваат. Политичарите знаат што народот очекува да слушне и му го сервираат токму она кое нема многу да им го малтретира интелектот.

Ако некоја лага се повторува, луѓето ќе почнат да веруваат во неа. Основното правило на пропагандата им дава храброст на политичарите да лажат затоа што гласачите сметаат дека лагите со тек на време избледуваат, а штом одново се повторуваат тогаш мора да се вистинити.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар