Зошто појавата на жанрот научна фантастика е заслуга на една тинејџерка?

Зошто појавата на жанрот научна фантастика е заслуга на една тинејџерка?

Дистописките романи повторно станаа популарни и ја поттикнаа појавата на еден куп холивудски филмови за авантури во вселената. Според многумина, Исак Асимов е татко на научната фантастика, но ако размислите подобро, овој жанр се појавил во литературата многу порано. Всушност заслугата за постоењето на овој жанр може слободно да ѝ припадне на една тинејџерка со феминистички убедувања која се обидувала да си обезбеди значајно место во светот каде што владеат мажите.

Зошто појавата на жанрот научна-фантастика е заслуга на една тинејџерка?

Сепак, најпрво би требало да се одреди точната дефиниција на жанрот научна-фантастика, која ни малку не е едноставна. Генералната дефиниција е дека во овој жанр се зборува за измислени научни и технолошки достигнувања кои довеле до огромни општествени и природни промени во иднината. Држи вода, но што е со научно фантастичните книги во кои дејството се случува во минатото? Што е со „Војна на ѕвездите“ каде речиси воопшто не се обрнува внимание на науката? Дали би можеле да ја сметаме секоја приказна што содржи некакви нелогични настани за научно фантастична?

Ако сакате да ги пронајдете почетоците на современиот научно фантастичен жанр, дефинитивно треба да ги побарате во романот „Франкенштајн“ од Мери Шели. Мери Волстонкрафт Годвин била родена во 1797 година и била ќерка на писателката со феминистички залагања Мери Волстонкрафт. Мајка ѝ починала кога малата Мери имала само еден месец, па така за неа се грижел татко ѝ Вилијам Годвин.

Зошто појавата на жанрот научна-фантастика е заслуга на една тинејџерка?

Кога имала 16 години, Мери се вљубила во Перси Шели, кој бил страстен обожавател на делата на нејзиниот татко и бил оженет во тој период. Тие оделе на долги прошетки кај гробиштата каде што била закопана мајка ѝ како прави готичари! Неколку недели по нивното запознавање, Мери и Перси си изјавиле љубов. Вилијам Годвин им забранил да се гледаат, но откако Перси се заканил дека ќе се самоубие, Мери побегнала со него во Франција. Перси ја оставил неговата бремена сопруга.

На 17-годишна возраст Мери го родила и изгубила нејзиното прво дете. Потоа, почнала да ги запишува нејзините чудни соништа за починато бебе кое се враќа назад во живот. Кратко по оваа трагедија, Мери и Перси заминале во Швајцарија за да се дружат со момчето на нејзината полусестра, односно со поетот лорд Бајрон. Тие го поминале летото таму и останувале до раните утрински часови зборувајќи за животот, уметноста и бизарната наука. Една мрачна вечер, Бајрон дал необичен предизвик: Сите требале да напишат приказна за духови.

Перси и Бајрон брзо ги напишале нивните приказни, но Мери немала никаква идеја. Момците постојано ѝ додевале и ја прашувале дали се сетила на некоја приказна, сѐ додека една вечер Мери не го сонила најчудниот сон.

„Го видов бледиот студент по забранети науки како клечи пред суштеството што го беше создал. Ја видов изобличената сенка на испружениот маж и потоа благодарение на некоја моќна направа, тој покажа знаци на живот и се помрдна со мачно, полу-живо движење.“

Зошто појавата на жанрот научна-фантастика е заслуга на една тинејџерка?

Мери ја запишала нејзината визија, која подоцна станала позната како романот „Франкенштајн“ или „Новиот Прометеј“.

„Франкенштајн“ бил објавен во 1818 година и бил познат како готска хорор приказна, но слободно може да се смета и за научно фантастичен роман. Инаку, Мери Шели и Бајрон биле толку големи готичари што се бореле кој да го добие срцето на Перси Шели кога починал. Мери победила, но му дозволила на Бајрон да го задржи неговиот череп.

„Франкенштајн“ бил првиот роман од ваков тип. Тој дал идеја за тоа како би можела да изгледа иднината на современите науки и какво влијание би имала таа на човештвото. Мери Шели е автор и на делото „Последниот човек“, пост-апокалиптичен роман кој ги поставил основите на идејата за „последниот преживеан човек на планетата“, што е многу честа тема во научната фантастика.

Зошто појавата на жанрот научна-фантастика е заслуга на една тинејџерка?

Ако сакате да отидете уште подалеку, првиот роман во кој се опишува патување преку портал во друга димензија полна со подморници и чудни суштества, тогаш треба да ја прочитате книгата „Вжештен свет“ (The Blazing World) од Маргарет Кавендиш која била напишана во 1666 година.

Сигурно забележавте дека жените се тие кои ги поставиле темелите на научно фантастичниот жанр уште од самиот почеток. Тоа има логика, бидејќи жените не биле почитувани како писатели, па затоа не е ни чудно што мечтаеле за подобар свет и посветла иднина.

Во научната фантастика секогаш имало место за женскиот глас и добро е тоа што секоја година се појавуваат нови женски писателки кои се осмелуваат да пишуваат книги од овој жанр. Не треба да се заборави фактот дека морничавиот сон на Мери Шели е заслужен за полетувањето на илјадници вселенски бродови.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар