Зошто чувствуваме мачнина кога читаме додека се возиме?

Зошто чувствуваме мачнина кога читаме додека се возиме?

Постојат луѓе кои без проблем можат да го издржат долгото патување во придружба на добра книга. Летаат со мислите во содржината, а нивните тела остануваат неподвижни во седиштето додека автомобилот се движи по автопатот. Но, има и луѓе за кои сѐ ова звучи супер во теорија, но во реалноста резултира со мачнина во најдобар можен случај, а во најлош со повраќање. Невропсихологот Дин Бурнет ја поврзува мачнината што се јавува при возење со „идиотскиот мозок“ и тоа го објаснува во неговата книга „Идиотски мозок: Што навистина се случува вашата глава?“ (Idiot Brain: What Your Head Is Really Up To).

Зошто чувствуваме мачнина кога читаме додека се возиме?

Бурнет во неговата книга ги обработува сите потфрлувања на мозокот, а мачнината што се јавува при движење е едно од нив. Тој објаснува дека работа на таламусот е да ги интерпретира сите сетилни сигнали кои му ги испраќа телото. Кога се движите, природно дека и мускулите се во движење, очите го набљудуваат растојанието што го поминувате и исто така, во целиот процес се вклучуваат и сензорите за рамнотежа во внатрешното уво. Овие сензори се како мали цевчиња полни со течност и движењето на таа течност ни кажува каде одиме. Токму затоа, можеме да забележиме кога сме превртени или кога се движиме брзо, бидејќи таа течност им се потчинува на законите на физиката. Таламусот ги собира сите овие информации и му испраќа порака на мозокот за тоа каде се наоѓате во просторот.

Но, кога сте во автомобил, таламусот прима измешани сигнали. Вашите мускули се неподвижни, а сепак очите можат да видат дека вие всушност се движите прилично брзо. Освен тоа, се јавува проблем кај гореспоменатата течност во внатрешното уво која се врти и превртува, бидејќи се движите.

Зошто чувствуваме мачнина кога читаме додека се возиме?

Се случува следното: Мозокот добива измешани сигнали. Добива сигнали од мускулите и очите дека не се движите, и сигнали од сензорите за рамнотежа дека се движите. Не можат и двете да бидат точни. Постои сетилно несогласување. А единственото нешто што може да предизвика такво сетилно несогласување е невротоксин или отров. Како последица на тоа, мозокот мисли дека е отруен. А кога станува збор за труење, првото нешто што мозокот сака да го направи е да се ослободи од отровот преку повраќање. Кога мозокот ќе се збуни на таков начин, не знае како да реагира, па предизвикува мачнина за секој случај. Како резултат на тоа, имаме мачнина кога се возиме затоа што мозокот е постојано загрижен дека се работи за труење.

Мозокот само се обидува да помогне, најдобро што знае. За некои луѓе, читањето книга само ја надополнува настанатата конфузија. Кога сте во автомобил, можете да гледате низ прозорецот и да гледате како поминуваат работите. Можете да го гледате патот и самото движење, што значи дека за некои луѓе глетката на светот надвор од автомобилот на некој начин го балансира системот. Мозокот забележува дека нештата се движат и си мисли дека мора да се работи за движење и тоа ја намалува мачнината како реакција.

Зошто чувствуваме мачнина кога читаме додека се возиме?

Но, кога читате, фокусирани сте на страницата и на тој начин исклучувате голем број надворешни визуелни информации. Тоа само го зголемува сетилното несогласување, што предизвикува мачнина. Немате визуелни информации кои би можеле да му помогнат на мозокот да се ослободи од неговите грижи. Истото се случува и кога патувате со брод. Кога сте на брод, не изгледа како да се движите и повторно не му давате визуелен одговор на вашиот мозок дека телото всушност се движи.

Бурнет не објаснува зошто ова на некои луѓе им се случува, а на некои не, затоа што според него не постои јасна причина за тоа. Исто така, не постои објаснување зошто некои луѓе во одреден период од животот се ослободуваат од мачнината што се јавува при возење. Можно е мозокот на некои да се навикнал на тоа да добива измешани сигнали, а на други не.

Во секој случај, сега сте вооружени со уште еден забавен факт кој ќе можете да го кажувате за време на вашите патувања и бар за момент да го одвлечете вниманието од здодевната мачнина.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар