Знаете ли што точно значи секоја ѕвездичка на хотелите?

Дали некогаш сте размислувале за тоа што значат ѕвездичките кои се наоѓаат покрај името на хотелот? Основната разлика ја знаете сите – колку повеќе ѕвездички, толку полуксузен е хотелот. Но, сигурно не сте знаеле дека зад тие ѕвезди се кријат одредени стандарди кои хотелите треба да ги задоволат. На ниво на Европската унија требало да се воведе стандардизација за хотелите која би била прифатена во сите држави-членки. Сепак, иако е изработена, таа не е задолжителна и служи само како водич.

Знаете ли што точно значи секоја ѕвездичка на хотелот?

„EHU“ (The European Hotelstar Union), се заснова на германскиот систем кој имал големо влијание на класификацијата на хотелите во Централна Европа. Со овој систем била укината минималната големина на соби за поединечни категории и бил направен каталог со критериуми кој опфаќа дури 270 елементи, од кои некои се задолжителни ако хотелот сака да добие одредена ѕвездичка. Секој од тие елементи носи одреден број поени кои се собираат и врз основа на добиената вредност се доделува ѕвездата. Се прашувате ли кои се тие услови? Погледнете во продолжение и ќе ги дознаете.

Турист или 1*

Хотелите означени со една ѕвезда најчесто се нарекуваат буџетски хотели и се наменети за оние кои не очекуваат луксуз, ниту премногу удобен кревет. Сите соби мораат да имаат своја бања со туш кабина или када. Задолжително е секојдневно чистење на собите, а во нив треба да има маса со стол, сапун и телевизор во боја со далечински управувач. Да, добро прочитавте. Во 21 век, услов за хотелот да има една ѕвездичка е во секоја соба да има телевизор во боја. Рецепцијата во ваков хотел треба да работи барем осум часа на ден, а таму треба да постои факс и телефон за употреба. Појадокот мора да се служи во хотелот, а пијалаците треба да им бидат достапни на гостите преку целиот ден. Секако, не бесплатно.

Стандард или 2*

Со сето набројано во претходната категорија, за две ѕвездички не е доволно да се обезбеди појадок во хотелот, туку тоа треба да биде шведска маса. Во собите, покрај тоа што задолжително треба да има телевизор во боја, до креветите треба да има светло за читање и плакар за алишта. Во бањите, наместо сапун треба да има гел за туширање и пешкири, како и некој прибор за лична хигиена. Покрај факсот и телефонот, на рецепцијата треба да биде овозможено и плаќање со кредитни картички.

Удобност или 3*

Сите услови кои важат за хотелите со една или две ѕвездички, се однесуваат и на хотелите со три. Но, овде правилата се построги, па така, рецепцијата освен тоа што треба да има факс, телефон и можности за плаќање со кредитна картичка, треба да работи и минимум 14 часа дневно, а телефонската врска со вработените (кои мора да зборуваат барем еден странски јазик) мора да биде достапна 24 часа. Со сето тоа, кај рецепцијата треба да има барем три гарнитури за седење и просторија за оставање на багажот.

Исто така построги се правилата и за собите. Така, секоја треба да има мини бар или некој пијалак, телефон и пристап до Интернет. Иако во пониските категории греењето во бањата не е задолжително, хотелите со три ѕвездички треба да имаат некој уред за греење и фен за коса. Во собата треба да има големо огледало, како и простор за оставање на куферите. Исто така задолжителен е и мини сет за шиење, сет за чистење чевли и можност за оставање на облеката за перење и пеглање. Хотелите со три ѕвезди треба да им обезбедат на гостите дополнителна перница и прекривка и да имаат добро развиен систем на кориснички услуги.

Знаете ли што точно значи секоја ѕвездичка на хотелот?

Прва класа или 4*

И овде важи сѐ како и во претходните категории, но рецепцијата треба да работи минимум 18 часа на ден. Претсобјето, покрај три гарнитури за седење, треба да има и бар. Во овие хотели треба да биде овозможен појадок во собата, а мини барот треба секогаш да биде наполнет. Освен кревет, маса со стол и плакар, собата во хотелот со четири ѕвездички треба да има и фотелја или кауч, како и мала маса. Наметка и влечки треба да има во секоја соба, а ако ги нема, треба да бидат достапни доколку се побараат. Бањата во овие хотели е малку полуксузна, со капа за туширање, козметичко огледало и разни производи за лична хигиена. Иако пониските категории не мораат да имаат ресторан, туку само трпезарија, овие хотели треба да имаат ресторан кој работи 7 дена во неделата.

Луксуз или 5*

Во хотелите со пет ѕвезди рецепцијата треба да биде отворена 24 часа на ден, а на сите гости треба да им биде на располагање чувар или личност задолжена за паркирање на возилата. Исто така во овие хотели треба да постојат и личности за носење на багажот до собата. Претсобјето треба да биде широко со простор за седење и бар. Секој гостин кога ќе влезе во собата треба да најде свежо цвеќе или некој друг подарок за добредојде. Во собите треба да има сеф и секако, брз Интернет. Хотелот треба да има сервис за пеглање кој ќе им ја подготви облеката на гостите во рок од 1 час.

Супер луксуз или 7*

Некои хотели ги задоволуваат дури и најстрогите барања, поради што се наградени со седум ѕвездички. Првиот хотел на светот кој спаѓа во оваа категорија е хотелот Бурџ ел Араб во Дубаи, кој е отворен во 1998 година и каде секоја соба има свој сопствен батлер. Тешко е да се каже какви услови треба да задоволува еден ваков хотел. Никаде не постои пишано правило дека таква категоризација официјално постои, но поради луксузот во кој гостите може да уживаат во поединечни хотели, како што е дизајнерскиот мебел, елитните пијалаци и останати задоволства за богатите, јасно е дека сепак по нешто се разликуваат од оние со пет ѕвездички.

Дали треба да му верувате на бројот на ѕвездички кога избирате во кој хотел ќе престојувате? Секогаш треба да бидете „со резерва“, пред сѐ поради тоа што класификацијата на хотелот во светот не е единствена, туку секоја држава сама одредува што треба да задоволува една категорија.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар