Знаете ли кои историски личности се наоѓаат на популарните карти за играње?

Речиси нема ниту една личност во светот која барем еднаш во животот не играла некоја игра со карти. 52-те карти добро се познати низ целиот свет, а ликовите крал, дама и џандар речиси се универзални и секаде препознатливи. Но, дали сте знаеле дека зад нивните ликови не се кријат измислени јунаци, како производ на нечија имагинација, туку вистински историски личности?

Знаете ли кои историски личности се наоѓаат на популарните карти за играње?

За тоа како картите дошле до Европејците, денес постојат повеќе теории, а најверојатна е онаа која вели дека тие пристигнале од Кина, Индија и Персија најверојатно во втората половина на 15-тиот век, бидејќи од тогаш почнуваат првите забрани од црквата кои ги казнувале сите оние кои се коцкале и ѝ се придружувале на оваа „ѓаволска работа“. Составот и изгледот на картите се разликувал од држава до држава. На пример, Италијанците имале 56 карти, а вообичаените 52 карти кои и денес се најмногу распространети, водат потекло од француските карти од 15-тиот век.

Историчарите сѐ уште шпекулираат дека картите со четири знаци, детелина, лист, баклава и срце, претставуваат четири средновековни слоеви на општеството. Детелината ги симболизира селаните (детелината е храна за свињи), листовите ја симболизираат аристократијата, баклавата богаташите, а срцето старешините на црквата. Некаде во ова време почнува и масовното производство на карти кога речиси целосно се заменува рачното сликање кое се практикувало дотогаш. Француските мајстори станале познати низ Европа, пред сѐ поради тоа што се усовршувале со помош на дрвени блокови и бакарни плочи, кои им овозможиле картите да ги произведат многу побргу отколку кој било друг. Токму тие почнале да им доделуваат имиња на „картите со ликови“, односно крал, дама и џандар, но идентитетот на личностите кои ги претставувале го менувале во зависност од произведувачот и неговите желби.

Кралеви

Особено личностите кои се наоѓале на картата на кралот биле подложни на промени.

Знаете ли кои историски личности се наоѓаат на популарните карти за играње?

Крал срце

Карло Велики – Крал на Франките, крунисан во 800-тата година, прв цар на француското царство и прв цар во западна Европа по пропаѓањето на Западното римско царство.

Шарл VII Победникот – Француски крал од династијата Валоа кој владеел на средината на 15-ти век. Успеал да ја ослободи Франција од Англија за време на Стогодишната војна и да ја реформира војската во државата.

Шарл VI Лудиот – Интересно е тоа што во повеќето карти кралот срце е единствен кој нема мустаќи. Причината за тоа треба да се бара во начинот на производство на овие карти. Според приказната, некој помалку вешт производител лошо го изработил дрвениот калап и така го изменил првобитниот дизајн на картите. Кралот срце така ги изгубил мустаќите, а и првобитната секира му била заменета со меч. Некои во ова виделе намера овој крал да се претстави како Шарл VI Лудиот, кој немал мустаќи и кој бил ментално болен, а за кого се зборувало дека се убил прободувајќи се со мечот. Затоа, оваа карта понекогаш се нарекува и „крал самоубиец“.

Крал лист

Давид – Библиски крал на Израел и Јудеја. Според преданијата, бил наследник на првиот крал на Израел и оној кој ги обединил 12-те племиња на Израел.

Крал баклава

Гај Јулие Цезар – Римски војсководец, политичар и писател.

Крал детелина

Александар Велики – Македонски крал и познат освојувач кој создал царство кое се простирало од Грција до Индија.

Кралица/дама

Идентитетот на кралицата на картите е уште потешко да се утврди, затоа што тие не биле толку познати. Во продолжение е прикажано најпознатото толкување.

Знаете ли кои историски личности се наоѓаат на популарните карти за играње?

Кралица срце

Јудит – Библиска личност, убава вдовица која го искористила својот шарм и итрина да му ја отсече главата на асирскиот војсководец Холоферн.

Изабел од Баварија – Жена на Карло VI и мајка на Карло VII.

Кралица лист

Атина – Грчка божица на мудроста.

Јованка Орлеанка – Француска хероина од Стогодишната војна, изгорена на клада.

Кралица баклава

Рахила – Библиски пророк и прва жена на пророкот Јаков, еден од трите големи еврејски патријарси, мајка на Јосиф и Венијамин.

Кралица детелина

Аргина – Анаграм од зборот регина, што на латински јазик значи кралица, или може да означува искривен облик од името Аргеја, како што се викала митолошката принцеза од Арга.

Агнес Сорел – Прва официјално призната љубовница на некој француски крал.

Јунона – Кралица на боговите во римската митологија, еквивалентна на Хера.

Џандари

Имињата на џандарите, односно витезите, останале константни и никогаш не се промениле.

Знаете ли кои историски личности се наоѓаат на популарните карти за играње?

Џандар срце

Ла Ир – Соборец на Јованка Орлеанка, витез и херој на Франција.

Џандар лист

Холгар Дански – Лик од данската епска поезија, витез на Карло Велики кој според легендата бил киднапиран од страна на вештицата Морган ла Феј, сестра на кралот Артур.

Џандар баклава

Хектор – Тројански јунак, син на тројанскиот крал Пријам и соперник на Ахил.

Џандар детелина

Јуда Макавејски – Херој на еврејскиот бунт против владеењето на Селеукида во првиот век пред новата ера.

Ланселот – Друг витез од легендата за Артур, заљубен во кралицата Гиневра.

По француската револуција, била прекината практиката за печатење имиња на картите, затоа што било потребно што побргу да се прекине со монархистичките обележја. Затоа, може да се каже дека денешните кралски фигури на картите (особено кога знаеме дека повеќето од нив се произведуваат во Кина), најверојатно немаат многу заедничко со нивните оригинални модели. Сепак, приказната останува.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар