Книга: „Загубената ќерка“ – Дајен Чемберлен

Книга која ќе ве натера на размислување, ќе се запрашате кому и колку би требало да му верувате и уште поважно, дали некогаш ќе дојде период кога ќе мора да се сносите со последиците од вашите одлуки во минатото…

„Загубената ќерка“ – Дајен ЧемберленНаслов на оригиналот: Diane Chamberlain – The Lost Daughter

Дајен Чемберлен е наградувана и позната американска авторка, и ако смеам да додадам, прилично извондредна. Главни теми во нејзините дела се семејните односи и односите во општеството, а се темелат на драма и романса. Покрај авторската, има и кариера на психотерапевт, најчесто осврнувајќи се кон проблемите на адолесцентите. Можеби нејзиното долгогодишно искуство како психотерапевт, е токму причината поради која Дајен е толку умешна во опишувањето на своите ликови, нивните проблеми и начини на размислување. Добро познавајќи ја човековата психа, Чемберлен е одлична во креирање различни ликови и совршено опишување на нивните случки и ситуации, исто како таа да ги доживеала.

Синопис

Главниот лик во романот е Сиси Вилкис, млада девојка која премногу рано ги почувствувала несреќните моменти во животот и чувството на огромна загуба. На дванаесет годишна возраст, нејзината мајка умира од рак, а зад себе остава писма за Сиси. Книгата е раскажана во трето лице еднина, а секоја глава каде се зборува за Сиси почнува со некое од писмата оставени од нејзината мајка. Како на пример, десеттата глава започнува со писмото: Само што се сетив дека до ова време би можела веќе да имаш возачка дозвола. Сè што можам да кажам на оваа тема е: „Чувај се свету!“

Секогаш е тешко кога човек е препуштен самиот на себе, без грижа и заштита, посебно кога станува збор за олку млада и ранлива возраст. По смртта на нејзината мајка, Сиси живее во различни домови и семејства. На шеснаесет години работи како келнерка, живее во стан со уште една цимерка и собира пари за да се запише на колеџ. Пробува да си го среди животот, кога ќе го запознае Тимоти Глисон, згоден и привлечен младич кој ќе ја маѓепса. Лесно почнува да му верува, бидејќи ѝ ја дава заштитата која отсекогаш ѝ била потребна. Набрзо Сиси станува дел од неговиот план за киднапирање на жената на гувернерот, со цел неговата сестра осудена на смрт да добие поблага казна.

„Загубената ќерка“ – Дајен Чемберлен

Дајен Чемберлен

Иако киднапирањето е добро испланирано, нема да тече така како што очекувале. Додека Тим и неговиот брат Марти, ја оставаат Сиси со киднапираната жена, со цел тие да започнат преговори со гувернерот, Сиси се соочува со страшна случка. Жената на гувернерот е бремена, а таа вечер нејзината состојба ќе се искомплицира и таа нема да преживее.

Што ќе се случи со новороденчето? Дали Сиси ќе се сретне со Тим повторно? Дали ќе успее да го започне животот одново? И кога ќе дојде време, дали ќе го признае своето учество во скандалозното киднапирање?

Сиси е ставена пред тешка одлука, ако ја каже вистината ќе ја загуби својата ќерка и довербата на својот сопруг, но ако продолжи да живее во лага, ќе се загуби себеси…

Лична критика

Има две главни поуки кои ќе ги извлечете од книгата. Првата е тоа дека луѓето се многу себични кога се стремат кон остварување на некоја важна цел која им е од голема корист и интерес, и токму поради тоа треба многу да внимаваме кому и колку му веруваме и дали тој/таа ја заслужува нашата доверба. Исто така, книгата ќе ве потсети дека самите вие сте креатори на својата судбина. Дека одлуките кои ги носите во сегашноста ќе се одразат на вас во иднината и дека доаѓа време кога ќе мора да ги сносиме последиците од нашите погрешни одлуки.

Спаѓа во оние книги кои едноставно не можете да ги оставите сè додека не ги дочитате. Сè повеќе и повеќе ќе ве влече да го дознаете крајот на приказната, што дури ќе пропуштите неколку социјални случувања и забави со цел да си останете дома со книгата… а тоа не е воопшто страшно, на крај ќе ви биде јасно дека навистина вредело.„Загубената ќерка“ – Дајен Чемберлен

Други дела на Чемберлен:

  • „Интимни врски“
  • „Оган и дожд“
  • „Детето на летото“
  • „Сенката на нејзината мајка“
  • „Пред бурата“
  • „Тајните кои ги остави зад себе“
  • „Лагите кои сме ги кажале“
  • „Добриот татко“…



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Ivana Reply

    Ja ima vo makedonsko izdanie?

    • Џас Reply

      Секако дека ја има :) насловната е иста како и оваа која е прикажана погоре. Можеш да ја најдеш во Матица за околу 300 денари. Инаку книгата е навистина добра. Лесна е за читање. Ќе ја прочитате во еден здив.

  2. N... Reply

    Da, ja ima vo makedonsko izdanie :))

  3. Simona Reply

    Mnogu ubava kniga :))

  4. Viktorija Reply

    Kade moze da se najde?

  5. AWestwick Reply

    Книгата е прекрасна!! Ја прочитав пред скоро еден месец…. Подолго времен немав прочитано толку убава книга!

Остави коментар