За секого по нешто: Волшебната Трпејца нуди пријатни изненадувања за сите нејзини посетители

За секого по нешто: Волшебната Трпејца нуди пријатни изненадувања за сите нејзини посетители

Сигурно сте чуле за селото Трпејца кое е познато и како охридскиот бисер или македонското Сен Тропе. Сместено во подножјето на планината Галичица, на 25 километри оддалеченост од градот Охрид, ова местенце на прв поглед делува како вистински избор единствено за фамилијарните луѓе. Но, не дозволувајте мирната атмосфера и руралната средина да ве излажат! Трпејца е полна со вистински изненадувања и може да понуди по нешто за секого. Пред да одите на краците, на грчките острови или на некоја друга популарна летна дестинација, одвојте еден викенд за да му дадете шанса на ова прекрасно местенце.

За секого по нешто: Волшебната Трпејца нуди пријатни изненадувања за сите нејзини посетители

Ве уверуваме дека во Трпејца ќе се пронајдат родителите со желба да пронајдат безбедна забава за нивните деца, осамениците кои трагаат по мир и тишина, заљубените парови кои имаат потреба за романтика и распламтување на љубовната страст, па дури и откачените друштва очајни за авантура и летни лудории…

Зошто Трпејца е идеалното место за:

СЕМЕЈСТВАТА

Доколку сте родители на едно или повеќе деца на која било возраст, сигурно ќе ви се допадне селото Трпејца. Најпрво, нема да излегувате надвор од нашата земја, така што нема да се грижите околу долгиот пат и гужвите на граница. Ако имате можност, најдобро би било да одите со автомобил, бидејќи освен што ќе можете да понесете колку сакате багаж, нема да има потреба да го чекате комбето од Охрид до Трпејца кое и не е толку често. Кога ќе пристигнете, можете да најдете сместување веднаш до плажата што е идеално за луѓето кои не можат да седат долго време на сонце и сакаат да направат пауза за ручек без да бидат принудени да одат во ресторан или кафуле. Ако сепак претпочитате ручек или вечера во ресторан, слободно одберете некое од многуте кафанчиња на самата плажа кои нудат секаков вид скара и домашно зготвена храна.

Освен тоа, вашите деца ќе ја обожуваат бистрата езерска вода која е необично топла летово, а сигурно ќе им се допадне и големиот камен среде езерото кој служи како скокалница. Со оглед на тоа што Трпејца е преполна со фамилии, децата ќе можат да запознаат нови другарчиња, а којзнае можеби ќе ја пронајдат и нивната нова летна симпатија?! Навечер ќе можете да уживате во мелодијата создадена од страна на езерските бранови додека одморате на плажата и собирате интересни камчиња заедно со вашето семејство.

За секого по нешто: Волшебната Трпејца нуди пријатни изненадувања за сите нејзини посетители

ОСАМЕНИЦИТЕ

Немате со кого да одите на одмор? Ви треба време за себе и сакате да избегате од секојдневните обврски и познаници макар за момент? Трпејца може да ја задоволи вашата потреба за бегство од рутината! Осамениците со сигурност ќе се пронајдат во ова волшебно место што изобилува со природни убавини. Доколку барате убава плажа за излежување, чиста вода за капење и мирна атмосфера во вечерните часови, нема да погрешите доколку ја одберете Трпејца за вашиот летен одмор. Освен тоа, овој охридски бисер нуди поволни можности за риболов, бидејќи езерото изобилува со риби во овој дел што го прави местото идеално за таквиот метод на релаксација. Секако, доколку се одлучите за ловење риби, треба да ги почитувате законите за легален риболов, бидејќи во спротивно би можеле да бидете казнети.

Можеби претпочитате друг начин на релаксација. Можеби сакате да читате, да пишувате или да сликате. Во тој случај, Трпејца ви ги нуди сините бранови, црвените зајдисонца, зелените дрвја и музиката на пријатната тишина како инспирација. Не пропуштајте да се опуштите на лежалката од мрежа што се нишка на најубавата врба на плажата која сигурно ќе ја разбуди вашата креативна страна.

За секого по нешто: Волшебната Трпејца нуди пријатни изненадувања за сите нејзини посетители

ЉУБОВНИТЕ ПАРОВИ

Во врска сте само неколку месеци и сѐ уште не сте сигурни колку добро го познавате партнерот. Летниот одмор од 10 дена лесно може да се претвори од романтично зближување во вистинска катастрофа, ако избрзате и не сте подготвени за компромиси. Пред да се впуштите во таа пресудна љубовна авантура, зошто да не ја тестирате стабилноста на вашата врска со викенд во Трпејца? Местото е идеално за сите вљубени парови што сакаат да се зближат, да ја разгорат страста и да се поврзат на интелектуално и духовно ниво. Сончајте се и пливајте заедно во езерските води преку ден, а навечер гледајте во ѕвездите и одгатнувајте ги најголемите филозофски прашања што го мачат човештвото. Немојте да заборавите да уживате и во неверојатното зајдисонце кое исто како што го обојува небото во розово така ќе ја обои и вашата љубов во боите на среќата.

За секого по нешто: Волшебната Трпејца нуди пријатни изненадувања за сите нејзини посетители

ОТКАЧЕНИТЕ ДРУШТВА

Трпејца можеби не би ви била првиот избор доколку сакате да одите на летен одмор со вашите пријатели и да си поминете лудо и незаборавно. Вистина е дека тука нема да најдете дискотека или диџеј на плажа, но затоа ќе можете да доживеете поинаков тип забава. Верувале или не, има еден вид кафуле/бар на самата плажа од каде што секојдневно се слуша гласна музика (претежно електронска) и служи како главно собиралиште за младите. Ноќите можете да ги поминувате на плажа и да играте некои забавни игри со друштвото што самите ќе ги смислите. Зошто да не одите на ноќно капење, на пример?! А доколку сте расположени за вистинска авантура, можете да се обидете со параглајдерство од планината Галичица, со кајакарење или пак да изнајмите педалинка и да ги истражите поголемите длабочини на Охридското езеро. Што и да одберете, нема да зажалите!

За секого по нешто: Волшебната Трпејца нуди пријатни изненадувања за сите нејзини посетители

Доколку се пронајдовте во некоја од овие групи луѓе, дефинитивно треба да го посетите селото Трпејца што е можно побрзо. Без разлика дали ќе одберете да поминете еден викенд или 10 дена на ова извонредно место, не постои сомнеж дека ќе се вратите одморени и полни со инспирација и впечатоци. Дозволете ѝ на Трпејца да ве поврзе со семејството, партнерот, пријателите или пак со самите себе и несомнено ќе го најдете она што сте го барале летово.

Доколку сте навистина расположени да ја истражите Македонија, прочитајте ги следниве 5 причини зошто кога еднаш ќе го посетите Долно Дупени секогаш ќе сакате да се враќате назад.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар