Вашите последни зборови на Фејсбук

Вашите последни зборови на Фејсбук

Автор: Вера Мартиноска

Профилите на Фејсбук не умираат на ист начин како луѓето. „Ако умрам“ (If I Die) е апликација за Фејсбук која овозможува вашето јас од социјалната мрежа, сè уште да може да ги објави вашите последни желби и да испраќа пораки до вашите пријатели дури и години по вашата смрт.Вашите последни зборови на Фејсбук„Ако умрам“ ви овозможува да испратите последна порака на вашиот ѕид и на саканите, кога ќе умрете. Откако ќе ја инсталирате апликацијата, избирате три повереници (Фејсбук-пријатели) кои се обврзани да ја потврдат вашата смрт. Потоа, корисниците може да снимат видео или да состават порака кои би биле објавени постхумно. Кога поверениците ќе ја потврдат вашата смрт, вашите пораки може да бидат објавени одеднаш на вашиот ѕид или да бидат објавени на претходно одредениот датум или по определен распоред.

Можеби е малку морбидно да се снимаат проштални пораки, но Вилук, Израелската компанија која стои зад апликацијата, ја создала затоа што едноставно, никој не знае кога ќе настапи смртта:

„Сите имаме нешта кои сакаме да ги кажеме, но не секогаш ја имаме публиката и трпението да нè сослуша. Всушност, сите сакаме да оставиме нешто зад себе, сите сакаме да оставиме печат“, вели Еран Алфонта, ко-основачот на апликацијата и извршниот директор.

Тој ја добил идејата за оваа апликација кога двајца негови пријатели патувале во Италија без нивните деца и едвај избегнале фатална сообраќајна несреќа со камион. Застанале настрана, се напиле вода и почнале да разговараат за тоа што би правеле нивните деца ако нив им се случело нешто. Така, го замолиле Алфонта да создаде веб-сајт каде ќе можат тајно да снимат нешто за нивните деца што би им било испратено само доколку тие умрат.

Луѓето оставаат постхумни пораки уште од многу одамна. Но, зошто една апликација на Фејсбук би ги заменила пенкалото и листот хартија? Пред сè, затоа што гарантира механизам на испорака. Многупати, напишаното проштално писмо може да остане заборавено во фиока, додека „Ако умрам“ обезбедува пораката да стигне до посакуваната дестинација. Исто така, дозволува пораката да биде објавена по определен распоред, на пример, кога на една корисничка ѝ бил дијагностициран рак, почнала да снима видеа за својата ќерка за да  бидат праќани секоја година на нејзиниот роденден, сè додека не наполни 18 години. На некој начин, „Ако умрам“ им дава на своите корисници извесна бесмртност во поглед на социјалните медиуми. Дури и откако ќе умрат, нивните профили може да продолжат да живеат и да праќаат постови и лични пораки сè додека имаат од претходно подготвените пораки.

Запрашан дали ја искористил „Ако умрам“ за да сними сопствени пораки, Алфонта одговара: „ О Господе, да! Имам четири деца и прекрасна жена и на секој од нив им оставив порака. Се надевам дека ќе живеам долго и среќно, но ако нешто ми се случи, мислам дека ќе имам одлично изненадување за моите деца, трогателни пораки.“

Дали вие би снимиле ваква порака? Дали сакате вашиот профил да праќа пораки од ваше име дури и ако не сте повеќе меѓу живите? Кои од пријателите би ги избрале за ваши повереници?


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар