Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа

Станувате рано наутро, пиете кафе и одите на работа. Не сте ни стигнале на работното место, а веќе ви се смачува од сите обврски што ве чекаат. Знаете како ќе ви изгледа денот. Ќе ги завршите сите ваши задачи, ќе добиете нови, шефот или некој од клиентите ќе ве изнервира, ќе се посмеете со колегите и ќе дојде 16 часот. Ќе се вратите дома изморени, неисполнети и анксиозни. Ќе почувствувате мало олеснување што работниот ден завршил, но повторно ќе се вознемирите кога ќе се сетите дека и утре ве чека истото. Дали секојдневно ви се случува ова? Дали мислите дека сте „заглавени“ на работно место што не ве прави доволно среќни? Дали постојано си замислувате како започнувате свој бизнис, станувате музичари, патувате низ светот и го следите својот сон? Замислувате, но не се осмелувате да преземете ништо, бидејќи имате добра работна позиција и солидна плата. Би можеле сето тоа да го изгубите, а не би сакале да ризикувате по сиот вложен труд.

Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа

Она што ви треба е малку инспирација и храброст. Постојат луѓе кои се осмелиле да го направат тој голем чекор и да го напуштат своето работно место за да го следат својот сон и да ја пронајдат својата среќа. Сигурно се прашувате како собрале храброст за такво нешто, дали ризикот се исплател, што добиле, а што изгубиле.

Катерина Ангеловска, Милош Б. Андоновски и Нена Минчев се дел од тие неверојатни луѓе кои можат да ви послужат како пример. Тие ги споделија нивните инспиративни приказни со нас и ни открија која е тајната на среќата. Прочитајте ги нивните примери кои несомнено ќе ве мотивираат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа…

Катерина Ангеловска – Мотивациски говорник и тренер за личен развој

Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа

Катерина Ангеловска е мотивациски говорник и тренер за личен развој. Таа редовно организира работилници на кои им помага на луѓето да станат најдобрата верзија од себе. Катерина е автор на книгата „333 Афирмации“ што ја има истата цел – да им помогне на луѓето да го извлечат најдоброто од себе. Катерина ни откри како стигнала до реализацијата на нејзиниот сон.

Моментот кога се чувствувала „заглавено“…

Порано, Катерина работела нешто сосема поинакво. Иако таа имала одлична работна позиција, набрзо открила дека работата не ја исполнува доволно. Катерина ни објасни зошто им се случува тоа на повеќето луѓе…

„Живееме во матрица на секојдневни рутини, општествени пишани и непишани закони, со навики кои не ни дозволуваат да растеме и да се развиваме. Живееме во свет каде што само се жалиме и го бараме виновникот за нашиот неуспех. Многумина се чувствуваат заглавено и не знаат како да стигнат до следното ниво. Знаеме дека сме способни за многу повеќе и чувствуваме дека сме родени да направиме многу повеќе. Но, главниот проблем е што многумина се наговорени да не бидат тоа што се, да не бидат уметници, претприемачи, музичари… Тоа е така затоа што сме ги прифатиле вредностите и верувањата од нашите родители, од нашите наставници и професори, од сопружниците, луѓето кои нѐ опкружуваат, од општеството и системот.“

Моментот кога открила кој е нејзиниот сон…

Сигурно ќе се согласите дека како последица од наметнатите уверувања и очекувања, многумина талкаме, неспособни да ја пронајдеме смислата на нашиот живот. И на Катерина ѝ се случило истото, но на крајот успеала да го открие својот вистински сон.

„Пред да ја пронајдам мојата животна мисија и јас, исто како и многумина, се двоумев и талкав. Мислев дека знам што сакам и што правам, но не бев сигурна во моите чувства. И така започна мојата потрага, потрага по вистината. И тоа не која било вистина, туку мојата лична вистина. Тоа е свесноста за постоењето на мојата креативна енергија и моќ, огнот кој сите го носиме во себе, преку кој ќе ја создадам мојата реалност онаква каква што ја посакувам. Мојата мисија е да ги инспирирам луѓето да бидат најдобра верзија од себе, да ја пронајдат големината и моќта во себе и да живеат живот во хармонија, исполнет со љубов и радост.“

Пресудниот момент што ја поттикнал на акција…

Нема ништо поубаво од тоа кога ќе дознаете која е вашата животна мисија, но и ќе се осмелите да ја остварите. Можеби си мислите дека ви треба нешто за да ве поттикне на следниот чекор. Можеби го чекате пресудниот момент што ќе ве натера да се нафатите на најголемиот подвиг во вашиот живот. Катерина ни откри кој бил тој момент за неа.

„Чувствував дека има нешто повеќе од тоа што го знам и дека стариот начин на живот не функционира, па затоа го започнав овој проект. Проект кој претставува водич за лична и планетарна трансформација. Јас го пронајдов мојот копнеж. Посакувам секој да погледне во себе, да го пронајде својот копнеж и да креира реалност каква што посакува. Да создаде космичка димензија, со секој мисла, збор и акција што ќе ја преземе.“

Успешни скопски приказни кои ќе ве поттикнат да излезете од удобната зона и да ги следите вашите соништа

Моментот кога помислила да се откаже од нејзиниот подвиг…

Катерина не доживеала момент кога помислила да се откаже од својата цел, бидејќи силно верувала во позитивниот начин на размислување. Нејзината визија е помоќна од сите предизвици што можат да го попречат патот до нејзината реализација.

„Верувам дека ова што го работам придонесува за еволуција на свеста. Индивидуалната свест е дел од колективната свест. Кога мал, но значаен број на индивидуи ќе преминат на ново ниво на свесност и ќе го променат начинот на однесување и битисување, таа промена се случува и на колективно ниво. И сите останати се насочени кон таа промена. Бидејќи светот е нашето огледало – како што ние ќе се менуваме, така и светот ќе се менува.“

Порака до луѓето кои имаат идеја, но не знаат како да ја реализираат

Доколку имате сон, но не знаете како да го остварите, прочитајте го советот на Катерина. Можете да го победите стравот од неуспехот, само треба да бидете најдобрата верзија од себе.

„Не е потребно да бидеме совршени за да бидеме канал на универзумот. Само треба да бидеме свои, да бидеме тоа што сме, најдобра верзија од себе. Да бидеме вистински, искрени и спонтани за да може креативната моќ да тече низ нас. Тоа ќе ни овозможи да се исцелуваме од сите непотребни парадигми и стари блокади. Вистинскиот извор на страдањето во светот е болката, стравот и незнаењето. А ова се случува кога не сме во допир со универзумот, кога не сме во хармонија и баланс. Најважно е да ја следиме нашата интуиција, да го следиме нашето срце, да одиме таму каде што нѐ води нашата енергија и да го правиме тоа што сакаме да го правиме. Само тогаш ќе ја видиме посакуваната промена во светот.“

Продолжете на следната страница за да ги прочитате останатите инспиративни приказни…


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар