Учител-херој од Индија обезбедува бесплатно образование за сиромашните деца

Раџеш Кумар Шарма е четириесетгодишен татко на три деца и работник во продавница кој секој работен ден на два часа ја напушта својата платена работна позиција и се упатува кон еден мост под делхиското метро. Под него држи бесплатни часови за сиромашните деца од градот кои поради сиромаштијата не посетуваат училиште.

Учител-херој од Индија обезбедува бесплатно образование за сиромашните деца

И самиот Шарма не го довршил факултетот поради финансиски проблеми, па не можел да издржи да не презема ништо додека ги гледал децата како се соочуваат со истите проблеми. Успеал да убеди неколку работници и фармери да им дозволат на своите деца да доаѓаат на часови кај него наместо да работат дома и со тоа го основал своето бесплатно училиште. Денеска, штом стигне до својата импровизирана училница под мостот, здогледува барем по триесет деца кои се нестрпливи да научат нешто и да се извлечат од сиромаштијата.

„Нашиот учител ни вели дека кога ќе нè погоди сиромаштија треба да го ослободиме умот, а тоа се постигнува само преку образование,“ вели петнаесетгодишниот Абишек, еден од неговите редовни ученици.

Учител-херој од Индија обезбедува бесплатно образование за сиромашните деца

Часовите на Шарма ги посетуваат деца кои не одат редовно во училиште, но сакаат да учат. Неговата цел е да ги спреми за вклучување во наставата во државните училишта.

„Тие доаѓаат овде секој ден. Со нив успевам дури да одам и пред училишниот план,“ вели Шарма.

Учител-херој од Индија обезбедува бесплатно образование за сиромашните деца

Резултатите од неговиот напор се извонредни. Од почетокот до денес, низ неговата импровизирана училница поминале околу 140 деца, половина од нив веќе се префрлиле во државните училишта како редовни ученици, а доаѓаат и деца од претшколска возраст. Тој вели дека неговиот најголем успех е тоа што успеал да го смени сфаќањето на родителите во врска со овој проблем. Наместо да ги тераат децата да работат уште од мала возраст, тие сега ги охрабруваат да се образуваат.

„Сфатија дека ако децата од селата во внатрешноста на земјата можат да учат, можат и децата од главниот град.“

Покрај училиштето под мостот, Шарма веќе спроведува настава и на други локации во Њу Делхи. Со своето херојско дејствување овој храбар човек покажува како функционира во практика тезата на неговиот сонародник Ганди дека секој треба кај себе да ја бара промената која сака да ја види во светот околу себе.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар