Трогателна приказна која ќе ви докаже дека нема ништо поважно од добрината

Станува збор за неверојатно топла и искрена приказна од Пол Вилард со наслов „Стар телефон“ (An Old Telephone). Оваа приказна ќе ве потсети дека не е важен статусот во општеството, популарноста и богатството, туку дека само добрината и љубовта можат да ви го стоплат срцето. Прочитајте ја оваа трогателна приказна која ќе ви ги отвори очите…

Трогателна приказна која ќе ви докаже нема ништо поважно од добрината

Кога бев дете, моето семејство беше едно од првите во соседството кое имаше телефон. Се сеќавам на сјајната дабова кутија прицврстена на ѕидот веднаш до скалите. Блескавата слушалка висеше отстрана до кутијата. Се сеќавам дури и на бројот: 105.

Бев премногу низок за да го достигнам телефонот, но со восхит слушав додека мајка ми зборуваше на него. Еднаш ме подигна за да зборувам со татко ми кој беше на деловно патување. Магично! Потоа открив дека некаде внатре во оваа прекрасна направа живее една неверојатна личност. Нејзиното име беше „Информации, ве молам“ и немаше нешто што не знаеше. Мајка ми можеше да ѝ го побара кој било број, а кога ни се расипа часовникот Информации, ве молам веднаш ни го кажуваше точното време.

Првото лично искуство со овој дух од слушалката го имав еден ден кога мајка ми отиде на гости кај сосетката. Си играв со кутијата за алати во подрумот и си го удрив прстот со чекан. Болката беше ужасна, но немаше поента да плачам, бидејќи немаше никој дома за да сочувствува со мене. Се шетав околу куќата цицајќи го прстот, кога конечно пристигнав до скалите. Телефонот! Брзо го земав малото столче од ходникот и го довлечкав дотаму. Се качив на него, ја земав слушалката и ја доближив до увото. „Информации, ве молам“ реков во звучникот над мојата глава. После неколку кликови, слушнав како проговори еден нежен, јасен глас: „Информации“.

„Си го повредив прстот“, почнав да се жалам на телефонот.

Солзите веднаш се пролеаја сега кога имав публика.

„Мајка ти не е дома?“, ме праша гласот.

„Никој нема дома“, промрморев.

„Дали крвариш?“

„Не. Го удрив со чекан и боли“, одговорив со плачење.

„Можеш ли да го отвориш замрзнувачот?“, ме праша, а јас одговорив дека можам.

„Скрши мало парче мраз и држи го на прстот. Тоа ќе ја сопре болката. Биди внимателен кога ќе го вадиш мразот. И немој да плачеш. Сѐ ќе биде во ред“, утешително зборуваше гласот.

После оваа случка, ѝ се јавував на Информации, ве молам за сѐ што ми требаше. Барав помош додека учев географија и таа ми кажуваше каде се наоѓа Филаделфија и Ориноко – романтична река што ја истражив кога пораснав. Ми помагаше со аритметика и ми кажа дека верверичката што ја фатив во паркот јаде овошје и ореви. Потоа, Пити, нашиот канаринец умре. Ѝ се јавив на Информации, ве молам и ѝ ја раскажав тажната приказна. Таа ме сослуша и ми ги кажа вообичаените работи што секој возрасен ги кажува за да утеши дете. Но, за мене немаше утеха. Како можеше птицата која пееше толку убаво и му носеше радост на целото семејство да заврши со пердувестите ноџиња нагоре на дното од кафезот? Таа сигурно ја почувствува мојата длабока загриженост и тивко ми кажа:

„Вилард, никогаш не заборавај дека постојат и други светови на кои ќе може да им пее.“

Некако, се почувствував подобро.

Еднаш го земав телефонот и сега веќе добро познатиот глас кажа „Информации“.

„Како се пишува ’поправи’?“, прашав.

„П-О-П-Р-А-В-И.“

Во тој момент сестра ми, која обожаваше да ме плаши, скокна од скалите накај мене и испушти гласен крик: „Јаааааааа!“

Паднав од столчето и ја откорнав слушалката од кутијата. И двајцата бевме исплашени. Информации, ве молам не беше повеќе таму, а јас не бев сигурен дали сум ја повредил кога се извади слушалката. По неколку минути, еден човек се појави пред врата.

„Јас поправам телефони. Работев во куќата малку подолу и операторот ми кажа дека можно е да има некаков проблем со овој број“, тој посегна по слушалката во мојата рака.

„Што се случило?“, ме праша и јас му раскажав.

„Па, ова може да го поправиме за само неколку минути.“

Ја отвори телефонската кутија од која ѕиркаше цел еден лавиринт со жици и навртки. Си поигра малку со крајот на кабелот од слушалката и зацврсти неколку работи со еден мал шрафцигер. Го притисна копчето неколку пати и потоа проговори во телефонот.

„Здраво, овде е Пит. Сѐ е под контрола кај 105. Децава си играле и го извадиле кабелот од кутијата.“

Тој спушти, се насмевна, ме погали по главата и си замина.

Потоа, кога имав девет години се преселивме во Бостон и мене навистина ми недостасуваше мојот ментор. Информации, ве молам ѝ припаѓаше на таа дрвена кутија во стариот дом и некако не ми ни паѓаше на памет да се обидам со високиот, тенок, нов телефон што се наоѓаше на малата масичка во ходникот. И покрај тоа, дури и кога бев тинејџер, сеќавањата на тие детски разговори никогаш не избледеа. Честопати во моменти на сомнеж и збунетост, ќе се сетев на тоа чувство на сигурност што ми ја влеваше помислата дека секогаш можам да ѝ се јавам на Информации, ве молам и да го добијам вистинскиот одговор. Сега навистина ја ценев трпеливоста, разбирањето и добродушноста што ја имаше и што си го трошеше времето на некое си мало дете.

Неколку години подоцна, кога се враќав од факултет, авионот слета во Сиетл. Имав околу половина час за да го испланирам понатамошното патување и поминав околу 15 минути на телефон со сестра ми која тогаш живееше таму, среќно омажена со неколку деца. Тогаш, без да помислам што правам, завртев на мојот домашен оператор и кажав „Информации, ве молам“. Чудно, но повторно го слушнав оној нежен, јасен глас што ми беше толку добро познат: „Информации“. Го немав испланирано ова, но одеднаш се слушнав себеси како велам:

„Ќе можете ли ве молам да ми кажете како се пишува зборот ’поправа’?“

Следуваше долга пауза. Потоа го чув топлиот одговор.

„Претпоставувам дека прстот ти поминал досега“, кажа Информации, ве молам.

„Значи тоа сте навистина Вие. Се прашувам дали знаевте колку многу ми значевте сите тие години…“, кажав низ смеа.

„Се прашувам, дали знаевте колку Вие мене ми значевте? Никогаш не сум имала деца и со нетрпение ги чекав Вашите повици. Глупаво, нели?“, одговори гласот.

Не мислев дека тоа е глупаво, но не го кажав тоа гласно. Наместо тоа, ѝ кажав колку често сум помислувал на неа низ годините и ја прашав дали може да ѝ се јавам пак кога ќе се вратам да ја посетам сестра ми и ќе ми заврши семестарот.

„Секако. Само побарајте ја Сали“, се согласи гласот.

„Довидување, Сали“.

Ми беше чудно тоа што Информации, ве молам имаше вистинско име.

„Ако налетам на некои верверички, ќе им кажам да јадат овошје и ореви“, се пошегував.

„Направи го тоа. И очекувам деновиве да заминеш за Ориноко. Довидување“, ми одговори и разговорот заврши.

По само три месеци, повторно бев на аеродромот во Сиетл. Ми се јави друг глас и јас ја побарав Сали.

„Пријател сте ѝ?“, ме праша гласот.

„Да. Стар пријател“, одговорив.

„Жал ми е што морам да Ве известам дека Сали работеше со половина работно време последните неколку години, затоа што беше болна. Почина пред 5 недели.“

Само што сакав да спуштам, кога гласот продолжи да зборува.

„Чекајте малку. Дали Вашето име е Вилард?“

„Да.“

„Сали остави порака за Вас. Ја напиша.“

„Која е пораката?“, прашав иако знаев што ќе ми одговори.

„Еве, ќе Ви ја прочитам: ’Кажи му дека постојат и други светови на кои ќе може да им пеам. Ќе знае на што мислам’“.

Се заблагодарив и спуштив. Навистина знаев на што мислеше Сали.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар