Симболи и обичаи за најубавиот ден во годината - Божиќ

Симболи и обичаи за најубавиот ден во годината – Божиќ

Денот пред Божиќ, 6 јануари, се нарекува Бадник. Од овој ден почнува Божиќното славење. Рано наутро се зема бадниково гранче и се пали оган. Жените во куќите месат колачи и торти и ја подготвуваат трпезата за Божиќ.

Погледнете што означуваат дел од обичаите и симболите што се подготвуваат за еден од најубавите денови во годината – Божиќ:

1. Сламата во домовите ги симболизира јаслите во коишто е оставено божјото новородено дете.

2. Парите во сламата го симболизираат златото со коешто е даруван Исус.

3. Оревите во сламата и во аглите на собите покажуваат дека Бог владее над сите четири страни на светот.

4. Кадењето на домот со темјан го симболизира мирот.

5. Погачата се крши и го симболизира самиот Исус Христос којшто за себе рекол: „Јас сум жив леб (леб на животот) којшто се симнува од небото; кој ќе јаде од овој леб ќе живее засекогаш; и леб којшто ќе му го дадам на светот“.

6. Рибата е симбол на Синот Божји. На грчки јазик, преку којшто нашите предци го примиле христијанството, риба е „ihtis“, што е склоп од иницијалите на Исус Христос. Затоа, на почетокот на христијанството рибата била знак за распознавање на христијаните.

7. Солта е симбол на силата и божјите благодати, којашто го чува божјото дело, како што лебот и рибата ги чува од мувла и гниење.

8. Медот е производ од најчистите суштества под небото – пчелите. Тој ја симболизира сладоста на вечниот живот под божјата заштита.

9. Виното ја претставува крвта на Спасителот којашто ја дал како откуп за спасување на човечките гревови.

10. Свеќата којашто се пали на Бадник и Божиќ треба да е од чист восок. Таа со својата светлина го претставува Божеството коешто е без почеток и крај.

11. Првиот гостин на самиот ден на Божиќ најчесто треба да биде дете, затоа што Спасителот велел: „Кој ќе го прими детето во мое име, ме прима мене“. Затоа првиот гостин се прима како самиот Господ којшто со своето раѓање во сите домови носи мир и добра волја.

12. Бадниковото лепче се меси во чест на Исус Христос. Сребрените или златните парички се симбол на златото со коешто е дарувано Божјото новороденче. Лепчето се крши во рацете, а членот на семејството којшто ќе ја најде паричката ќе има бериќет во текот на годината.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар