Психосоматски болести: Зошто не треба да ја потценуваме врската меѓу психичкото и физичкото здравје?

Сите луѓе се плашат од помислата дека има можност да се разболат. Дури и најобичните настинки прават да се чувствуваме ранливо, бидејќи целосно сме препуштени на милост и немилост на нашите тела. Уште пострашно е тоа што во такви ситуации немаме друг избор освен да го послушаме докторот и да ги земаме лековите што тој ни ги препишал.

Психосоматски болести: Зошто не треба да ја потценуваме врската меѓу психичкото и физичкото здравје?

Но, замислете си колку е страшно да страдате од некоја тешка болест, а вашите доктори да ве уверуваат дека сѐ е во ред со вас и дека не сте воопшто болни. Како би реагирале? Сѐ уште ја чувствувате истата болка, и покрај тоа што симптомите не се присутни на рендгенските снимки и крвни слики. Како ќе продолжите понатаму со животот ако се чувствувате болни, но не постои никаков доказ за вашата болест?

Милиони луѓе ширум светот бараат терапија за медицински необјаснети симптоми секоја година. Овој загрижувачки проблем детално се разгледува во книгата на доктор Сузан О’Саливан со наслов „Дали сѐ е во вашата глава? Вистински приказни за измислени болести“ (Is It All In Your Head?: True Stories of Imaginary Illness).

Сигурно познавате луѓе кои ви ги откажале договорените планови во последен момент поради тоа што чувствувале неподнослива болка во грбот или колеги кои постојано се жалат на необјасниви болки во зглобовите. Доколку вие никогаш не сте го доживеале истото, веројатно не сте сочувствувале многу со нив. Нивните болки сте ги објаснувале како „психосоматски“ што е модерен назив за реченицата „Од главата си патиме“.

Вистината е дека станува збор за нешто исто толку сериозно колку и „вистинските“ болести. Според истражувањето на доктор Саливан, која е познат невролог во лондонската државна болница, дури една третина од луѓето кои одат на доктор секој ден имаат симптоми кои не можат да бидат медицински објаснети.

Психосоматски болести: Зошто не треба да ја потценуваме врската меѓу психичкото и физичкото здравје?

Во 1997 година, Светската Здравствена Организација (СЗО) спровела истражување во 15 различни градови ширум светот за да открие колку често матичните лекари се соочуваат со психосоматски симптоми кај нивните пациенти. Конечните резултати покажале дека 20% од пациентите покажале најмалку 6 медицински необјасниви симптоми, што е доволно за да се наруши нивниот секојдневен живот и нормално функционирање. Станува збор за навистина големи бројки кои не треба да се игнорираат. Не се работи за луѓе кои се преправаат дека се болни само за да добијат внимание. Ова е нешто вистинско.

Доктор Саливан во нејзината книга се обидува да објасни зошто светот треба да го промени начинот на размислување за врската меѓу нашето физичко и психичко здравје. Зборот „психосоматски“ подразбира „физички симптоми што се појавуваат од психички причини“. Но, тоа не значи дека овие симптоми не се вистински. Доколку сте доживеале нешто слично, многу добро знаете дека болката е вистинска, исцрпеноста е вистинска, непријатноста е вистинска. Сепак, ваквите симптоми не може да се објаснат со тестови и прегледи и затоа многупати се игнорирани. Тестовите на пациентите се уредни, но тие сѐ уште се чувствуваат болни. Докторот не може да ја најде причината за нивната болка, па тие почнуваат да се сомневаат во нејзиното постоење или ја објаснуваат како „психосоматска“ што за жал со себе повлекува многу предрасуди.

Поимот го содржи префиксот „психо“ поради што пациентот се чувствува виновно. Смета дека може да направи нешто и да ја спречи болката, но ваквите состојби не функционираат на тој начин. Тоа не значи дека симптомите не се вистински, туку дека треба да бидат лечени од психички аспект, а не од физички.

Психосоматски болести: Зошто не треба да ја потценуваме врската меѓу психичкото и физичкото здравје?

Во нејзината книга, доктор Саливан има собрано голем број случаи на пациенти кои биле обележани со етикетата „психосоматски“. Таа раскажува за Паулин, амбициозна млада жена која целата нејзина младост ја поминала во болки и непопустливи напади. Таа почувствувала значително олеснување на симптомите откако почнала да оди на психијатар.

Потоа, таа го објаснува случајот на Метју кој бил убеден дека има мултипла склероза сѐ додека доктор Саливан не го уверила дека потиснатиот стрес ги попречува пораките што мозокот им ги испраќа на неговите нозе. Психичките терапии значително ја подобриле неговата состојба.

Постојат уште илјадници вакви случаи. Сите се уникатни и тешки за дијагностицирање, но вистински се.

„Нема смисла да ја игнорирате оваа појава. Болестите кои се јавуваат од психолошки причини се насекаде околу нас и навистина постојат. Станува збор за многу чест проблем што може да се појави кај секого – кај нас и кај луѓето што ги познаваме и сакаме“, објаснува доктор Саливан.

Сите ние треба да покажеме поголема емпатија за медицински необјаснивите нарушувања и да не ја потценуваме можноста дека физичките симптоми имаат психичко потекло. Ако размислите подобро, ние постојано се соочуваме со ваквите симптоми на пример, кога се смееме, кога црвенееме од срам, кога плачеме… Па, зошто не можеме да го прифатиме истото објаснување за физичката болка што не може да се објасни со постоечка болест?

Потребно е да се подигне свеста кај луѓето за неоспорливата врска меѓу нашето физичко и психичко здравје. Треба да се потсетиме дека само затоа што болеста не може лесно да се објасни, не значи дека не треба да се сфати сериозно.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар