Приказната на уличните музичари во Скопје

Тие му даваат посебен звук на градот. Со музика го разубавуваат попладнето на луѓето и извлекуваат насмевка од нивните лица кога ќе им ја погодат песната. Неретко знаат да соберат група случајни минувачи околу нив и да одржат спонтан мини концерт. Центарот дефинитивно не би бил целосен без уличните музичари кои го оживуваат Скопје дури и во најтивките денови. Градот изобилува со улични музичари од кои некои се ангажирани од страна на град Скопје, а некои свират самостојно. Сите имаат свој посебен музички стил по кој се издвојуваат од останатите и сите на свој уникатен начин ги привлекуваат погледите на граѓаните. Но, сите тие имаат и една заедничка работа: Љубовта кон музиката.

Приказната на уличните музичари во Скопје

Ние имавме можност да поразговараме со неколку од овие храбри момци и девојки кои решиле својот музички талент да го споделат со сите случајни минувачи на улица. Зошто решиле да се занимаваат со улично музицирање? Какви се реакциите што ги добиваат од луѓето? Дали во Македонија постојат предрасуди за уличните музичари и зошто тие се од големо значење за развојот на културата и урбаниот живот во градот? Прочитајте ги нивните инспиративни приказни и запознајте се одблизу со оваа улична уметност…

Марко Илиевски

Приказната на уличните музичари во Скопје

Доколку живеете во Скопје, сигурно сте го начекале дечкото кој свири на синтисајзер и им дава посебна магија на скопските вечери. Станува збор за Марко Илиевски кој цел живот свири и пее иако нема формално музичко образование. Марко редовно успева да им го зграпчи вниманието на случајните минувачи, но освен што е талентиран, многу е скромен, па затоа не верува дека тој им овозможува бегство од реалноста туку дека тоа го прави музиката.

„За време на уличниот перформанс немам време за ништо друго освен за дружење со звукот, па оттаму не можам да кажам дека правам нешто друго“, изјави Марко.

Марко смета дека нема многу предрасуди за уличните музичари во градот и верува дека постои една посебна размена на енергии помеѓу музичарите и случајните минувачи.

Приказната на уличните музичари во Скопје

„Уличните музичари се луѓе кои своето внимание и енергија ги насочуваат кон хармонизирање на просторот преку музика. Минувачите го чувствуваат тоа и таа хармонија ја разнесуваат низ просторот преку делење насмевки, пеење, танцување… Уличните музичари, ослободени од натпревар со кого било, ги потсетуваат луѓето дека сите сме на иста страна“, објаснува Марко.

Според Марко, главната цел на уличните музичари не е да заработат туку да ги сплотат луѓето во едно и да ги потсетат дека сите се еднакви и рамноправни. Тој се занимава со улично музицирање поради самото уживање во тоа, а најголемата награда за него претставува чувството што го добива кога ќе забележи дека уште некој ужива заедно со него.

Приказната на уличните музичари во Скопје

Освен низ центарот на Скопје, Марко можете да го чуете и на свирки во различни места низ градот, но сепак улицата останува најискрената публика што секој музичар може да ја има. На Марко улицата му помага да стане свесен за сликата што ја гради за себе.

„Станувајќи свесен дека се работи само за слика, не му обрнувам посебно внимание на самиот процес. За мене многу поважно е да уживам во музиката. Таму гледам вистинска вредност и вистинска цел за еден настап на улица“, открива Марко.

За Марко свирењето на улица претставува една посебна интимна дружба со музиката која му овозможува да се соедини со просторот, да ги надразни сетилата и да ужива во звукот. Ниту еден музичар не може да создава музички убавини доколку самиот не ужива во нив.

Уна и Дина

Приказната на уличните музичари во Скопје

Слатки и талентирани. Скопје има можност да ги чуе Уна Николоска и Дина Велкова секој ден попладне или навечер околу 19 часот. Тие го збогатуваат звукот на градот со инди фолк, џез и рок музика во акустични аранжмани изведени со гитара и укулеле или мандолина. Необичен избор на инструменти, се согласувате? Можеби необичен, но сигурно не и случаен. Мандолината ѝ е прв инструмент на Дина, бидејќи членувала во училишниот мандолински оркестар, а подоцна научила да свири гитара благодарение на брат ѝ. Уна, пак, пее откако знае за себе, а пред 3 години почнала да свири укулеле и тоа станало еден од нејзините омилени инструменти. Најчесто ќе ги најдете на улица „Македонија“ спроти ресторанот „Пелистер“, а причината зошто започнале да се занимаваат со улично музицирање е многу едноставна.

„Почнавме да свириме бидејќи сметавме дека ќе биде многу интересно креативно да го трошиме слободното време, споделувајќи убава енергија со случајните минувачи“, открија Уна и Дина.

На случајните минувачи им се допаѓа нивната музика, поради што Уна и Дина имаат солидна заработка од нивното свирење во центарот на градот. Но, тоа не е единствената мотивација што ги поттикнува да продолжат да се занимаваат со ова.

„Основниот мотив кој нѐ тера да свириме е љубовта кон музиката која го изразува сето она што не може да се каже со зборови, а уште помалку да се премолчи“, ни објаснија тие.

За Уна и Дина нема ништо поубаво од тоа кога некој случаен минувач ќе им се насмевне затоа што му ја погодиле песната.

„Како што вели Боб Марли ’Само тогаш кога ќе те погоди песна не чувствуваш болка’. Се случувало цело семејство да застане да нѐ слуша, додека дечињата им играат. Сета таа атмосфера максимално нѐ исполнува“, изјавија Уна и Дина.

Понекогаш минувачите застануваат и пеат заедно со нив, разговараат, остваруваат контакти и стануваат нивни верни обожаватели, а тоа неизмерно ги исполнува двете музичарки.

„Убаво е да се види како со песна можеш да му го разубавиш денот некому, бидејќи според мене, кога ништо не помага само музиката може да ги избрише солзите и да ги охрабри срцата!“, тврди Уна.

Уна и Дина досега немале лоши искуства, а најголемата лекција што ја научиле од улицата е да ги отфрлат предрасудите за луѓето околу нив. И покрај тоа што надвор станува сѐ поладно, тие се решени да свират и во зима, бидејќи ова е тоа што ги прави навистина среќни!

Продолжете на следната страница за останатите приказни…

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар