Прекрасното божиќно писмо од Марк Твен до својата мала ќеркичка

Прекрасното божиќно писмо од Марк Твен до својата мала ќеркичка

Прочитајте го ова магично писмо кое Марк Твен го адресирал до својата мала тригодишна ќеркичка која претходно му пишала на Дедо Мраз за своите желби. Кога се разбудила божиќното утро во 1875 година, покрај својата перница ја израдувало ова симпатично писмо.

Прекрасното божиќно писмо од Марк Твен до својата мала ќеркичка

Палата Свети Никола

на Месечината

Божиќно утро

Моја драга Сузи Клеменс,

Ги примив сите писма кои ти и твојата мала сестричка ми ги пишавте преку рацете на вашата мајка и дадилките. Ги прочитав и оние што ми ги напишавте вие самите со вашите рачиња, но иако не користевте букви од азбуката на возрасните, пишувавте со букви кои ги користат сите деца од сите земји во светот и ѕвездите што светкаат. Сите мои вработени на Месечината се деца и ги знаат само тие букви, па затоа лесно ги разбрав твоите зборови и фантастичните шилести знакчиња на твојата сестричка. Но, ми беше тешко да ги прочитам сите оние писма кои им ги диктираше на твојата мајка и на дадилките, затоа што сум странец и не знам добро англиски. Ќе видиш дека не погрешив за оние работи што ти и твојата сестра го побаравте од мене.

Се спуштив по оџакот на полноќ и лично ви ги оставив, а потоа ве бакнав и двете, затоа што вие сте добри деца, одлично воспитани, со добри манири и најпослушните мали луѓе што ги знам. Но, во писмото кое сте го диктирале имаше некои зборови што не можев да ги разберам, а една или две работи не можев да ги донесам затоа што ми се потрошија. Нашето последно парче мебел за кукли го однесовме на едно мало сиромашно девојче на Северната Ѕвезда таму горе, во студената земја над Големата Мечка. Мајка ти ќе ти ја покаже таа ѕвезда, а тогаш ти ќе речеш: „Мала Снегулко“, (така се вика девојчето) „драго ми е што ти го доби тоа парче мебел за кукли, затоа што тебе ти е потребно повеќе од мене“. Потоа, тоа мораш да го напишеш со своите рачиња, а Снегулка ќе ти прати одговор. Ако само го кажеш тоа, таа не ќе може да те чуе. Гледај писмото да биде мало и лесно, затоа што тоа ќе оди далеку, а поштата е тешка.

Имаше збор или два во писмото на мајка ви кои не можев да ги разберам. Ми се чинеше дека пишува „сандак полн со облека за кукли“. Тоа ли е? Ќе се појавам на вратата на кујната околу девет ова утро за да се осигурам. Но, не смеам да видам никој друг освен тебе и не смеам да зборувам со никој друг освен тебе. Кога ќе заѕвони ѕвончето, мораш да ги покриеш очите на Џорџ и да го пратиш да ја отвори вратата. Тогаш тој ќе мора да се врати во трпезаријата во кинескиот плакар и да го земе готвачот со себе. Мора да му кажеш на Џорџ да чекори на прсти без никој да го слушне, или еден ден може да умре.

Потоа мораш да одиш во собата на дадилките, да застанеш на столот или на креветот на дадилката, да ја ставиш устата на цевката за зборување, и кога ќе свирнам ќе речеш: „Добредојде Дедо Мраз!“ Тогаш ќе те прашам дали ми го побара сандакот или не. Ако речеш „да“, ќе те прашам каква боја сакаш да биде. Мајка ти ќе ти помогне да одбереш некоја убава боја и потоа ќе ми кажеш сè што сакаш да има на него. Потоа ќе ти речам: „До гледање и Среќен Божиќ моја мала Сузи Клеменс, а ти ќе кажеш: „До гледање, стар добар Дедо Мраз, многу ти благодарам и те молам да ù кажеш на Снегулка вечерва кога ќе гледам кон нејзината ѕвезда и таа да гледа овде долу, ќе бидам на прозорецот на западната страна. Секоја вечер кога ќе биде ведро ќе гледам кон нејзината ѕвезда и ќе велам: ‘Знам некого таму горе и го сакам’.“ Потоа мора да се симнеш во библиотеката и да го натераш Џорџ да ги затвори сите врати кон дневната соба и да ги натераш сите да стојат мирно за кратко. Јас ќе одам до Месечината да ги земам сите тие работи и ќе се вратам со нив за пет минути и ќе се спуштам по оџакот на каминот во дневната соба. Ако го сакаш оној сандак, знаеш дека не ќе можам да го протнам низ малиот оџак на каминот кај дадилките.

Другите можат да зборуваат ако сакаат, сè додека го слушнат моето чекорење во дневната соба. Тогаш ќе им кажеш да бидат тивки додека да се качам назад низ оџакот. Можеби воопшто нема да ги чуеш моите чекори, но ќе можеш одвреме-навреме да ѕиркаш од вратата на кујната и по некое време ќе видиш дека сето она што го побара е веднаш под пијаното во трпезаријата. Ако оставам малку снег во дневната, кажи му на Џорџ да го стави во каминот, затоа што јас немам време за такви работи. Џорџ не смее да го чисти со метла, туку со крпа, инаку може да умре еден ден. Мораш да го следиш Џорџ за да не падне во неволја. Ако моите чевли остават дамка на мермерот, Џорџ не смее да ја исчисти. Нека остане таму како спомен од мојата посета и секогаш кога ќе ја видиш или ќе ја покажеш некому, нека те потсетува да бидеш добро девојче. Кога ќе бидеш немирна и некој ќе покаже на дамката што ја оставил твојот стар добар Дедо Мраз, што ќе му кажеш, мала душичке?

До гледање за неколку минути, додека да се вратам на Земјата и заѕвонам на вратата.

Те сака,

Дедо Мраз

кој некои луѓе го викаат „Човекот од Месечината“.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар